Во организација на премиерот, Зоран Заев, во координација со кабинетите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и на премиерот на Албанија, Еди Рама, а во соработка со стопанските комори од регионот, утре во Скопје ќе се одржи Економски форум за регионална соработка кој е од исклучително значење.

Ќе бидат присутни претставници на повеќе од 300 компании од Албанија, Србија и Македонија, од повеќе други земји од регионот, како и претставници од меѓународните институции кои пројавија голем интерес да бидат дел од овој Форум.

На настанот ќе биде објавено и новото име на регионалната иницијатива која досега беше неформално нарекувана како „мал шенген“.

Програмата на Форумот опфаќа обраќања на лидерите на трите земји организатори на настанот, кои потоа ќе учествуваат на економскиот панел на кој за новата иницијатива и за непосредните придобивки од неа ќе разменат мислења претставниците на деловните заедници од Албанија, Србија и Македонија.

На посебен церемонијален дел од програмата на Форумот, ќе бидат потпишани два меморандума за разбирање и еден меѓудржавен договор кој во огромна мера ќе го олесни животот на граѓаните од Западен Балкан и на бизнис заедницата.