Денеска се одбележуваат 19 години од потпишувањето на Рамковниот договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.

Преговорите почнаа во Скопје, а продолжија во Охрид, каде што завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје, Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП, Имер Имери и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски и на ДПА, Арбен Џафери.

Договорот го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ Франсоа Леотар и на САД Џејмс Пердју.

Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.