Политичките тензии за одржувањето на предвремените парламентарни избори резултираа со партиски договорен термин – 15 јули 2020 г. Веднаш по објавување на постигнатиот договор, Владата на 68-та седница одржана вечерта на 15 јуни, донесе уредба со законска сила за изборите на 15 јули, откако и претседателот Стево Пендаровски прогласи нова вонредна состојба во времетраење од осум дена. Истата вечер, и претседателот на Собранието, Талат Џафери, го потпиша решението за изменување и дополнување на решението за распишување на предвремените избори за тие да се одржат на 15 јули 2020 г., кое веднаш беше архивирано и испратено до Државната изборна комисија, до Министерството за надворешни работи и до Министерството за правда, со што се почитуваат роковите за деновите утврдени во Уставот.

Кампањата за предвремените парламентарни избори во Македонија, според членот 5 од уредбата, ќе почне на 24 јуни и ќе трае 20 дена. Државната изборна комисија (ДИК) е должна да им го предаде изборниот материјал на општинските изборни комисии најдоцна до 96 часа пред денот на одржување на процесот на гласање. На 13 јули (понеделник), според уредбата, ќе гласаат лицата во домашен карантин поради позитивен тест на ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а ден подоцна и немоќните и хронично болни лица, како и преостанатите лица, кои во согласност со Изборниот законик гласаат ден пред одржување на изборите. Гласањето на изборите на 15 јули ќе почне во 7 часот наутро и ќе биде продолжено за два часа од досега вообичаеното, односно непрекинато ќе трае до 21 часот.

Сепак, професорот Јове Кекеновски смета дека начинот на кој беше постигнат договорот за датумот за избори и спроведувањето на процедурата за нивно формалноправно „озаконување“, го ставаат „претседателот на државата во функција на дневната политика каде што поради болните суети на некои лидери на политички партии, истиот тој се става во улога на заобиколувач и прекршител на Уставот, уредбата со законска сила за течење на роковите на изборите и одлуката на Уставниот суд“.

– Доколку Република Македонија беше нормална држава во која доследно се почитуваат Уставот и законите, а не желбите и каприците на лидерите, Уставниот суд ќе реагира експресно и ќе поведе постапка за одговорност на Пендаровски, кој наместо во улога и во функција на нацијата и почитувач на Уставот, свесно се постави во улога на беспоговорен извршител на дневната и каприциозна политика на лидерите на две партии. Ако е и од Пендаровски многу е, и доста е. И прагматичноста мора да има граници. Многу почесно ќе беше образложението да ги опишува вистинската состојба и причини. Сега сите ние знаеме дека и Пендаровски и лидерите на дветe партиите се едно исто. Сите бесрамно манипулираат и си играат со судбината и иднината на државата. Си поигруваат со Уставот, законите и прописите – вели професорот Кекеновски.