Претседателот на Собранието, Талат Џафери, изрази сочувство лично и од име на пратениците во Собранието на Република Македонија за трагично загинатите лица во автобуската несреќа што се случи во Бугарија, со надеж и верба, како што стои во телеграмата, дека никогаш повеќе нема да бидеме сведоци на ваков трагичен чин и нема да дочекаме ваков тажен ден.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изрази сочувство до семејствата на загинатите во автобуската сообраќајна несреќа
– Нема зборови што може да ја искажат тагата во вакви моменти. Сочувство до семејствата на загинатите. Ова е голема трагедија за Македонија – напиша Мицкоски на својот фејсбук-профил.
Евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, се огласи со порака на Твитер.
– Нашите мисли во ова време се со семејствата и пријателите на оние што починаа во трагичната автобуска несреќа во Бугарија рано утринава. Посакуваме целосно и брзо закрепнување на повредените – стои во пораката на Гир.
Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Илхан Ќучук, изрази сочувство по повод трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија.
– Во мрачен ден како денешниот, нашите две земји споделуваат заедничка болка, покажуваат емпатија, што е својствено за соседни земји, како Република Бугарија и Република Северна Македонија. Во овој момент нашите мисли се со вас и жалиме за загубата во страшната несреќа – наведува Ќучук во пораките за сочувство.
И американската амбасадорка во земјава, Кејт Мери Брнз, изрази сочувство за загинатите.

– Од името на американската амбасада, сакам да им изразам најдлабоко сочувство на семејствата што ги загубија своите најмили и нашата поддршка за повредените, како и за оние на кои срцата им се скршија кога слушнаа за оваа трагична сообраќајна несреќа. Нашите мисли се со Вас во овие тешки времиња -напиша амбасадорката Брнз на Твитер.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, му изрази сочувство на македонскиот претседател Стево Пендаровски.
– Во ова тешко време, Бугарија и Република Северна Македонија делат заедничка тага, солидарност и емпатија. Десетиците загубени животи се непростлива загуба за нашите братски земји – се наведува во сочувството на бугарскиот претседател Радев.
Сочувство за несреќата изразија и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и Министерството за надворешни работи на Грција.
Потресени сме од трагичната несреќа во Бугарија во која загинаа десетици луѓе, меѓу кои и мали деца – напиша на Твитер лидерот на СИРИЗА и поранешен грчки премиер Алексис Ципрас.
Албанскиот премиер Еди Рама изрази искрено и длабоко сочувство за настраданите во сообраќајната несреќа, во која 46 лица, главно македонски државјани, го загубија животот.

Во објава на Фејсбук, Рама овој трагичен настан го опишува како „огромна болка“ и вели дека нема збор за трагедијата каде што животот го загубија речиси сите патници.
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, вчера упатил телеграма со сочувство до претседателот Стево Пендаровски и до премиерот Зоран Заев, по повод тешката сообраќајна несреќа, во која лично и во име на граѓаните на Србија упати најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и народот во Северна Македонија, а на повредените им посакува брзо и успешно закрепнување.
Рускиот претседател, Владимир Путин, упати сочувство до претседателот Стево Пендаровски за загинатите граѓани во сообраќајната несреќа на бугарска територија.
– Прифатете го моето најдлабоко сочувство во врска со смртта на граѓаните на вашата земја, вклучувајќи и деца и адолесценти, предизвикана од сообраќајната несреќа во Бугарија – се вели во текстот на телеграмата објавена на веб-страницата на Кремљ.


Бугарските граѓани изразуваат жал и нудат помош

Бугарските граѓани во текот на вчерашниот ден пред македонската амбасада оставаа цвеќиња и кадифени играчки, сакајќи да изразат сочувство до семејствата на загинатите во трагичната несреќа на автопатот Струма, во која загинаа 46 патници, меѓу кои и 12 деца.
Вршителот на должност македонски амбасадор во Софија, Владимир Крстевски, изрази голема благодарност до највисоките раководители во Бугарија.
– Првите сочувства македонската амбасада ги доби рано утрото, уште во пет часот, по електронска пошта. Неколку бугарски граѓани изразија сочувство до семејствата на загинатите на овој начин. Рано утрото почнаа да доаѓаат и бугарски граѓани, оддавајќи почит до загинатите во тешката несреќа, а имавме изразување сочувство и нудење помош по телефон во овие тешки моменти – рече Крстевски.
Тој најави дека прва задача сега е да се идентификуваат жртвите и да се подготват документите за да можат телата да им се предадат на семејствата.


Сарафов: Резултатите од ДНК-анализата за неколку дена

Резултатите од ДНК-анализата, со кои со сигурност треба да се идентификуваат жртвите од несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија, се очекува да бидат готови за неколку дена, изјави директорот на бугарската национална истражна служба, Борислав Сарафов.
Тој нагласи дека заедно со македонските колеги го прецизирале начинот на кој ќе се работи истрагата за несреќата.
– Бугарија очекува Република Северна Македонија да испрати биолошки материјал од роднините на загинатите во опожарениот автобус на автопатот „Струма“ за да се завршат работите на ДНК-тестовите – изјави Сарафов.
Тој посочи дека во тек се распити на жртвите и очевидците, но дека сè уште не е јасно што ја предизвикало експлозијата.
Другите три автобуси, појасни Сарафов, се движеле 15-20 минути пред тој што се запали, како и дека во него имало и втор возач, но не е јасно дали е меѓу преживеаните.
Автобусот бил релативно нов, околу три години, и претстои сложено форензичко и техничко вештачење.


Пендаровски очекува целосна истрага

Претседателот Стево Пендаровски изрази најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите и повредените во сообраќајната несреќа што се случи во Бугарија.
– Во овие тешки мигови, изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на сите лица и наши сограѓани што ги изгубија своите животи и беа повредени во стравичната сообраќајна несреќа, која се случи на територијата на соседна Бугарија – напиша Пендаровски на својот фејсбук-профил.
Тој очекува надлежните да спроведат целосна истрага, да се утврдат причините и одговорноста за трагедијата, која, како што наведува, не се памети во нашата понова историја.
– Во деновите на жалост што следуваат, посакувам мирен покој на душите на починатите и побрзо закрепнување на повредените – пишува Пендаровски.


Филипче: Повредените се во добра здравствена состојба

Министерот за здравство Венко Филипче изутринава ги посети повредените патници во сообраќајната несреќа во Бугарија и информира дека преживеаните седуммина патници се во стабилна состојба и надвор од животна опасност. Тие се хоспитализирани во болницата „Пирогов“ и се со полесни повреди.
Toj посочи дека некои од нив имаат исеченици, бидејќи ги кршеле прозорците и скокале од задниот дел на автобусот, а еден од преживеаните имал скршеници.
Меѓу загинатите, како што рече тој, имало и членови на едно семејство.
Филипче вчераутро заминал во Бугарија заедно со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Веста за страшната трагедија што се случи во Бугарија нѐ потресе сите. Многу млади изгубени животи, неизмерна тага и болка за семејствата, до кои изразувам сочувство. Утрово во болницата во Софија ги посетив патниците што ја преживеаја стравотната сообраќајка. Разговарав со колегите од клиниката, пациентите се згрижени, соодветно третирани и сите се стабилни и надвор од животна опасност – информира Филипче.


Заев: Болката е голема, заедно сме и во добро и во лошо

Заедно сме и во добро и во лошо, ние сме први соседи, за мене братски народи, и секојпат треба да се најдеме и да си помагаме. Оваа трагедија позитивно ќе се одрази на односите меѓу двете земји, затоа што си помагаме, институциите работат заедно. Ова е пораката на народите од двете страни – тука сме да си помогнеме кога е тешко и да ја споделиме радоста кога е добро, изјави вчера премиерот Зоран Заев, на заедничката прес-конференција со привремениот бугарски премиер Стефан Јанев.
На почетокот, Заев изрази сочувство за загубата на двете земји, посочувајќи дека Бугарија вчера попладнето загуби девет животи во пожар во старски дом, а Северна Македонија загуби 46 животи, пред сѐ млади луѓе, во една страшна трагедија што се случи со страшната автобуска несреќа.
За несреќата, Заев рече дека бил информиран директно од Стефан Јанев, а разговарал и со претседателот Румен Радев, по што заедно со министрите Бујар Османи и Венко Филипче веднаш заминале за Софија.
Бугарскиот премиер Стефан Јанев посочи дека трагедиите се вообичаени и трагедиите се она што нè допира и прави луѓе и сочувствителни – без разлика од која националност се луѓето што повеќе не се со нас.
Во врска со автобуската несреќа, Јанев истакна дека бугарските и македонските власти работат во координација, нагласувајќи дека „од истрагата се надеваме дека ќе ги научиме овие лекции, кои ќе нѐ штитат од вакви инциденти во иднина“.