Законот за двојазичност е противуставен, донесен во нелегална процедура, а со тоа и штетен. Ова се главните причини заради кои што ВМРО-ДПМНЕ денес поднесува иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на Законот за двојазичност.

Ова денеска го изјави генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, според кого овој закон бил донесен, како што рече, на насилнички начин од страна на власта, со газење на Уставот, законите и процедурите за донесување и објавување на законите.

– Указот за прогласување на законот за двојазичност е објавен само со потпис на Талат Џафери и без потпис на Претседателот на државата – Ѓорѓе Иванов, што е во целосна спротивност на Член 75 од Уставот, кој предвидува указите за прогласување на законите задолжително да се потпишуваат од Претседателот на Република Македонија – истакна Јанушев.

Според него, Законот за двојазичност е во целосна спротивност со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој вели дека „На целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.“

– Со Законот за двојазичност – македонскиот јазик се изедначува со секој друг јазик кој го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија и со тоа македонскиот јазик од кохезивен фактор во општеството се претвора во еден од двата службени јазици, што е незаконски и противуставно – подвлече Јанушев.

ВМРО-ДПМНЕ бара од Уставниот суд донесување на времена мерка – запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Законот за двојазичност и Указот за прогласување на истиот, чија уставност се оспорува, од причина што доколку започне да се применува постои ризик од настанување на штетни последици.