Илустрација: „Нова Македонија“

Негувањето на сопствениот јазик и култура и на сопственото чувство на идентитет и заедница не може да биде закана за европските вредности и не може по никоја основа да претставува антибугарски чин или, пак, закана за која било нација или народ. Всушност, негирањето на правото на јазик и идентитет претставува закана за европските вредности и за основните човекови права

Објаснувачкиот меморандум со кој Бугарија ги стави „на хартија“ и ги внесе во архивите на ЕУ своите познати ставови и барања за Македонија, за што во повеќе написи информира и анализира редакцијата на „Нова Македонија“, сега веќе јасно се идентификува и добива своја „форма“.

Тоа е нов конкретен чекор во низата постапки и дејства што источниот сосед ги презема континуирано во насока на попречување на македонските евроинтеграции уште на самиот почеток, условувајќи со рециклираните старо-нови национални, јазични и историски аспирации.

Бесмислено е Бугарија да бара сојузник во ЕУ за поддршка на својот хегемонизам

Во документот со кој Бугарија всушност бара поддршка од другите земји- членки на ЕУ за својата позиција кон напредокот на Македонија во Унијата се истакнува бугарскиот став Договорот за добрососедство да биде составен дел од преговарачката рамка и неговото спроведување, односно прифаќање на сите условувања од бугарска страна врз основа на договорот да бидат своевиден критериум во преговорите.
– Одржувањето добри меѓусоседски односи и, особено, спроведувањето во добра волја на билатералните договори со земјите-членки на Европската Унија треба да бидат составен дел од преговарачката рамка за прием на Република С Македонија во ЕУ и треба да бидат набљудувани во поглавјето 35. Процените дали тие меѓународни обврски се ефикасно исполнети треба да бидат на конкретните земји-членки – е наведено во документот што Бугарија го испрати до земјите-членки на ЕУ.

Барањето поддршка од другите земји-членки на ЕУ за својот однос спрема Македонија, Бугарија понатаму во меморандумот го аргументира со наведување на своите децениските тези, познати и обременувачки во македонско-бугарските односи, но игнорирајќи ги декларираните европски вредности за заедништво и почитување на самоопределувањето, не се воздржува да ги пласира како своја „европско соседска“ позиција. Повикувајќи се на некакваси „државна антибугарска идеологија“, Софија го повикува Скопје да раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија, кое, според Бугарија, било причина за „етнички инженеринг во Македонија“. Понатаму, Бугарија во меморандумот оценува дека главните отворени прашања помеѓу двете земји се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања. Во тој документ, Бугарија како услов за членството на Македонија во ЕУ бара откажување на земјава од македонското малцинство во Бугарија, но и да прифати дека македонскиот јазик е регионален дијалект на бугарскиот. Во него меѓу другото стои дека Македонците се проект на Тито, создадени за поткопување на бугарскиот идентитет, односно дека Македонците и македонскиот јазик не постоеле до 2 август 1944 година.

Бугарија ја обвинува Македонија за геноцид?!

Бугарија таму исто така вели дека помеѓу 1944 и 1946 година во Македонија биле егзекутирани повеќе од 20.000 луѓе што се идентификувале како Бугари и ја претставувале политичката и интелектуалната елита, односно дека повеќе од 100.000 Бугари биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови.
Освен што го оценува македонскиот јазик како „регионален дијалект на бугарскиот“, Софија во објаснувачкиот меморандум оценува дека употребата на терминот македонски јазик во Преспанскиот договор не е обврзувачка за трети страни, а не ја смета за обврзувачка ниту стандардизацијата на Обединетите нации од 1977 година, кога е признаен македонскиот јазик. Сега Софија бара во ЕУ-документите да стои „официјалниот јазик на Република Северна Македонија“ или во случај на апсолутна потреба „македонски јазик со фуснота“.
Иако најавуван од бугарските политичари во изминатите денови, додека во Брисел се водат разговори меѓу земјите-членки на ЕУ за форматирање на преговарачката рамка за Македонија, објаснувачкиот меморандум на Бугарија ја предизвика македонската јавност на него да реагира како на официјализирање на постојаните провокации и закани на Софија.

Потребна е решителна, синхронизирана и еднодушна наша реакција

Според претседателот на македонскиот тим експерти во македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев, ваквиот меморандум на Бугарија упатен до земјите-членки на ЕУ, во кој се негираат современиот македонски јазик и идентитет, не може да биде во функција на постигнување успех не само на комисијата туку, воопшто, и на добрососедските односи, ниту пак во функција на вистината и фактите.
– Објаснувачкиот меморандум на Република Бугарија упатен до земјите-членки на ЕУ во пресрет на одлуката за почнување не преговорите, во кој се негираат современиот македонски јазик и идентитет, не може да биде во функција на постигнување успех на комисијата. Негувањето на сопствениот јазик и култура и на сопственото чувство на идентитет и заедница не може да биде закана за европските вредности и не може по никоја основа да претставува антибугарски чин или, пак, закана за која било нација или народ. Всушност, негирањето на правото на јазик и идентитет претставува закана за европските вредности и основните човекови права – вели историчарот Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим експерти во македонско-бугарската комисија.

И покрај жестоките реакции на македонската јавност, симптоматично е што сѐ уште нема официјални дипломатски реакции ниту од ЕУ ниту од македонското МНР. Објаснувањето на МНР е дека не добиле официјално таков документ.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски изјави дека како претседател на Комисијата за надворешна политика ќе побара Собранието да расправа за бугарскиот меморандум што се однесува на македонските европски интеграции. Според него, неприфатливо е јазикот да биде предмет на преговори за влез во Европската унија, а бугарските позиции ги смета за неевропски.
Од владејачката СДСМ, по информациите дека Бугарија испратила меморандум со услови што Македонија треба да ги исполни за членство во Унијата, велат дека не сакаат да коментираат ставови од земји што се соочуваат со политичка дестабилизација, но се убедени дека по пат на дијалог може сѐ да се реши. Она што е најважно е дека јазикот што го говорат е признаен од сите држави, велат од СДСМ.

Иако процените на македонските аналитичари и политичари се дека ваквите потези на Бугарија, како објаснувачкиот меморандум до ЕУ, се повеќе аргумент во нивното внатрешнополитичко предизборно позиционирање, сепак со оглед на континуитетот на постапките во насока на блокирање на македонските евроинтеграции и правото на вето во ЕУ како земја-членка, многу е реално размислувањето дека Бугарија може да биде новиот кочничар (по Грција) за Македонија до полноправно членство во Унијата и покрај Договорот за добрососедство и соработка. Напротив, јасни се намерите дека Бугарија токму тој договор ќе го користи како средство за опструкција на европската иднина на Македонија.
На потег е македонската страна, сите општествени, политички и интелектуални сили, институции и граѓани. Поддршката во име на правдата мора да дојде и од ЕУ, која не смее да ги игнорира принципите на своето постоење и меѓународното право.