Фото: Игор Бансколиев

Би било уште поапсурдно во ситуација кога Советот на Европа бара од Бугарија да го признае македонското малцинство во нејзината држава, Македонија да потпише договор со кој практично би се откажала од Македонците во сопствената држава. Со тоа би си ја запечатиле сопствената судбина. Во тоа се крие „итроштината“ во новиот бугарски предлог за ревизија на договорот, вели историчарот Тодор Чепреганов за новиот „непристоен предлог“ на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева

Реакции по непристојниот предлог на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева

Маглата околу (не)постоењето на новиот предлог на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева за нов „добрососедски договор“ со Македонија предизвика нова епизода на предизвикувачки изјави меѓу опозицијата и власта на македонската политичка сцена. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во телевизиско интервју му постави прашање на министерот за надворешни работи Бујар Османи дали е точно дека барањето од страна на неговата бугарска колешка било практично да се потпише нов договор, кој ќе биде сличен на Преспанскиот, со уставни измени, каде што ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945-та наваму, а пред 1945-та дека сме биле нешто друго, и дали тоа е услов за понатамошно продолжување на преговорите. Министерот Османи отпрвин одговори дека не коментира шпекулации, за подоцна преку статус на социјалните мрежи да појасни дека „нема нов договор, туку има засилување на меѓусебната комуникација на повеќе нивоа“.
Прашањата на опозицискиот лидер до министерот за надворешни работи се всушност само продолжена реакција од последната посета на Османи во Софија, од каде што како „медиумски мамец“ во јавноста беше пренесен „впечаток по прес-конференција“ дека има барање за „повторна реафирмација на одредени елементи од Договорот за добрососедство преку една форма на заедничка декларација, потпишување заедничка декларација од страна на двајцата премиери“…

Иако тоа подоцна не е потврдено, премиерот Заев децидно реагираше: „Тоа што е предложено од таа страна ниту е добрососедство, ниту е братство, ниту најмалку е европско. Ако тоа така остане, треба да го подготвиме македонскиот народ дека може да не почне првата меѓувладина конференција, која ја очекуваме во декември“.
По сите поставени прашања и неконкретни одговори, сепак може да произлезе и една легитимна претпоставка дека веќе е отворена некаква иницијатива за ревизија на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Иницијативата е бугарска и, според реакцијата на премиерот Заев, очигледно предлозите се во насока на експлицитно наведување на барањата за национална девалвација и целосна национална ерозија, што во актуелниот договор е имплицитно, меѓу редови, поставено како услов за Македонија. Уште од потпишувањето на постојниот договор за добрососедство, во македонската политичка јавност гласно беше кажувано од повеќе интелектуалци и експерти дека тој е крајно асиметричен и со голема девијација и дивергенција од принципите на меѓународното право, европските стандарди и повелбата на Обединетите нации. Отворањето на темата за можна ревизија на македонско-бугарскиот договор, со сите скриени (но и отворени) намери од бугарска страна, претставува и своевиден тест за идејата дали со неговото евентуално преиспитување македонската страна би можела да се насочи кон коригирање на сегашната асиметричност и наведување на почитување на засебноста на македонскиот народ, историја и јазик. Впрочем, таквата експлицитност за почитување на посебниот македонски идентитет би била целосно според нормите на меѓународното право.
– На ниво на политичка прагма, идејата за исправање на асиметричноста на Договорот за добрососедство во Бугарија повлекува правна консеквенца – да биде поништен сегашниот договор и да започнат преговори за нов. Но евентуалната дипломатска работа на нов договор би ни одзела време кон главната цел – членството во ЕУ.

Притоа, колку и да одолжуваме, бугарските позиции ќе останат исти, па дури и ќе се радикализираат. Навистина, во македонската јавност не е официјално обелоденет новиот предлог на бугарската министерка Захариева, но од реакциите може да се претпостави дека барањата се експлицитно наведување на уцените, кои се имплицитно содржани во сегашниот договор. Тоа се барања за деидентификација на македонската нација и држава и некакво самопризнание дека се копија на Бугари од втор ред. Таквите барања се без преседан во светската историја и сосема спротивни на принципите на меѓународното право. Со оглед на долготрајноста на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, не треба да се влегува во нова авантура со некаков нов договор за добрососедство со Бугарија – вели универзитетскиот професор по филозофија Ферид Мухиќ, кој како пратеник во претходниот парламентарен состав беше воздржан при гласањето за ратификација на актуелниот договор за добрососедство со Бугарија.
Историчарот Тодор Чепреганов оценува дека секој предлог за каков било билатерален договор во кој би било предмет дефинирањето на македонскиот народ, историја и јазик е негација на сите принципи на меѓународното право и воопшто на човековите права.

– Се надевам дека на македонската политичка елита конечно ѝ стана јасно дека народ без историја, без сопствена колективна меморија не постои. Од почетокот предупредував дека Договорот за добрососедство со Бугарија е полош дури и од Преспанскиот со Грција, кој ѝ остава простор на Бугарија да уценува за остварување на нејзините аспирации за санстефанска Бугарија, односно за присвојување на македонската територија и асимилација на македонскиот народ. Во принцип, јас сум против каков било меѓународен договор во кој би било предмет дефинирањето на македонскиот народ, историја и јазик. Ние не сме нација создадена со договор. Создавањето на македонската нација си има свој природен историски процес, како и сите други нации. Апсурдно е со некој договор да се гарантира нешто што природно ни припаѓа. Тоа е и против сите европски стандарди и против принципите во Повелбата на ООН – вели историчарот Тодор Чепреганов.
На новиот бугарски предлог за ревизија на постојниот Договор за добрососедство, Чепреганов гледа како на континуитет на спиралата на апсурдот во кој се заплетка македонската политика, обидувајќи се да си ја забрза евроинтеграцијата, притоа загрозувајќи си ги државниот и националниот интегритет.
– Би било уште поапсурдно во ситуација кога Советот на Европа бара од Бугарија да го признае македонското малцинство во нејзината држава, Македонија да потпише договор со кој практично би се откажала од Македонците во сопствената држава. Со тоа би си ја запечатиле сопствената судбина. Во тоа се крие „итроштината“ во новиот бугарски предлог за ревизија на договорот – вели Чепреганов.