И додека во Битола постојано се нагласува потребата за изградба на нови старски домови, деновиве УО на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување донесе одлука за затворање на старскиот дом од отворен тип „Битола“

Потребата за изградба на старски домови во Битола е присутна многу одамна. Во изминатите години речиси нема изборни циклуси, било тоа да се парламентарни или локални, а да не се апострофира потребата за изградба не само на еден туку на неколку нови старски домови во градот под Пелистер.
Моментно во Битола има само еден старски дом, „Сју Рајдер“, со капацитет од 120 легла, што, секако, не ги задоволува потребите за вакви установи за згрижување на старите.
Може да прозвучи и морбидно, или како некој вид црн хумор, но изјавата на еден пензионер што со месеци чека да се ослободи легло за него и кој вели дека се чека единствено некој да почине за да се ослободи легло во домот, најсликовито ја опишува состојбата со недостиг од сместувачки капацитети.
Се разбира, кога се зборува за потребата за старски домови се мисли на долгогодишен проблем што бара вистински приод, а не како што беше случај овој проблем да се користи за измамнички и криминогени цели, за што веќе има и отворен судски процес.
И додека во Битола постојано се нагласува потребата за изградба на нови старски домови, деновиве УО на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување донесе одлука за затворање на старскиот дом од отворен тип „Битола“.
Деновиве корисниците на домот добиле известување дека во рок од 30 дена од добивањето на известувањето се должни да го напуштат објектот.
Во известувањето не се кажува што ќе биде со објектот, само се наведува дека по одлуката на УО е отпочната постапка за затворање на ТД „Борец “, во чиј состав работи домот „Битола“.

Инаку, за судбината на домот не знаат ништо ни малкутемина вработени, кои сѐ уште работат во старскиот дом „Битола“.
Инаку, овој објект, кој беше од отворен тип, во осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години на минатиот век беше еден од најпосетените и најрентабилни домови за стари лица, не само во Битола туку и пошироко.
За тоа каков беше овој објект најдобро зборува фактот што многу години во овој објект поради популарните цени беа сместувани голем број спортисти, гости, пејачи, бизнисмени, а се одржуваа и многубројни забави и манифестации.
Но со текот на годините поради лошата селекција на раководните кадри, домот беше оставен буквално да пропаѓа.
Тој сега е целосно руиниран и запуштен, па поради тоа најголемиот број од корисниците на услугите го напуштија, а поради тешката финансиска состојба хотелот го напуштија и голем број вработени.
Така, Битола остана без еден мошне корисен објект за сместување на старите лица, за кој порано повозрасните битолчани се „тепаа“ како да дојдат до легло.
По неговото затворање, сега во Битола остана да работи само еден старски дом. Тоа е „Сју Рајдер“, кој има ограничен капацитет од само 120 легла.
Тоа што особено загрижува е што „Битола“ згаснува токму кога државата настојува да ги зголеми капацитетите на Битола за згрижување стари и изнемоштени лица и кога на листата на чекање за згрижување во старскиот дом „Сју Рајдер“ има стотици битолчани.

Поради немањето старски домови, голем број битолачни, кои беа на „привремена“ работа во САД, Канада или Австралија, иако имаат огромна желба, сепак не се враќаат во Битола да ги поминат пензионерските домови.
И тие постојано ја наметнуваат потребата за изградба на современи старски домови, но, за жал, од тоа нема ништо.
Инаку, за време на изборната кампања на локалните избори речиси сите партии излегува со ветувања дека новата локална самоуправа според принципите на праведност, еднаквост и почитување на човековите права ќе овозможи услови за квалитетен живот на секој поединец, но и со заложби за реконструкција на постојните и изградба на нови сместувачки капацитети за старите лица.
Останува да се види дали ваквите ветувања ќе бидат реализирани или ќе останат само на збор.