Заштитата на работничките права е во срцевината на нашата политика

276

Интервју со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска

Одбележувањето на овој 1 Мај е сосема различно од претходните години, најпрво пандемијата, па потоа кризата предизвикана од воениот конфликт на Русија и Украина, кои се покажаа како многу штетни за економијата, со губење на работните места, но и прекршување на работничките права. Каде е тежиштето на одбележувањето на 1 Мај во вакви услови и какви лекции ќе извлечеме од овие последователни кризи?
– Реално, од 2020-та, од почетокот на пандемијата, ќе се согласите, многу работи не се исти. Кога очекувавме пандемијата да престане, се случи конфликтот на Русија и Украина, кој дополнително ја отежнува и онака кревката состојба на економијата. Како и со корона-кризата, со енергетската криза се соочуваат и многу други, поразвиени економии од нашата. Непредвидливите и несигурни состојби во едно општество, неминовно силно се рефлектираат на работните односи, затоа што тие, по својата суштина, се тесно поврзани со растот или падот на продуктивноста во економијата. Меѓутоа, можам слободно да кажам дека вложуваме огромни напори граѓаните да бидат што е можно повеќе заштитени од последиците предизвикани и од конфликтот. Како и на почетокот на пандемијата, знаеме дека и во вакви услови мораме да овозможиме работните процеси да продолжат секаде каде што е можно, а истовремено да осигуриме безбедност и здравје на работниците, нивна социјална сигурност и почитување на уставно и законски загарантираните права. Како резултат на континуираната работа во областа на трудот и консултациите со социјалните партнери беа направени измени на Законот за минимална плата, преку подигање на висината на минималната плата, воспоставување методологија што ќе гарантира одржливост и континуиран раст на платата, во согласност со порастот на продуктивноста на трудот. Особено значајна новина е вклучувањето одредба што гарантира дека минималната плата не може да биде пониска од 57 отсто од просечната плата, објавена од Државниот завод за статистика. Со Законот предвидовме и финансиска помош за исплата на минималната плата. Понатаму, се донесоа измени во Законот за административни службеници во делот на платите, а ги отвораме и колективните договори и започнуваме преговори за да обезбедиме усогласување на преостанатите плати во државата.
Нашиот народ вели „јажето се кине таму кај што е најтенко“. Меѓутоа, како на Влада, заштитата на работничките права е во срцевината на нашата политика. Затоа, продолжуваме понатаму, насочени кон зачувување на секое работно место.
Кои се плановите во поглед на барањата за подобрување на работничките права?
– Новиот закон за работните односи се подготвува веќе подолго време. Подготовката е транспарентна, со инклузивен пристап, бидејќи важен е резултатот: да креираме современ закон, кој ќе кореспондира со динамичните потреби на пазарот на трудот, кој ќе овозможи флексибилност на работодавците, но и сигурност на работниците.
Синдикалните работници изминатиов период организираа штрајкови и протести за повисоки плати, дали со радикализирање на дејствувањето се очекува Владата да ги исполни многубројните барања?
– Неспорно, штрајкот е легитимно средство на синдикалното движење. Но радикализмот не секогаш е продуктивен. Дотолку повеќе што на крајот, сепак, треба да се седне на заедничка маса и да се разговара за проблемите и можните решенија. И да се ислуша и другата страна и аргументите што таа ги има. Решенијата што не водат кон општо добро, обично се краткотрајни.
Што велат европските искуствата за заштита на работничките права, колку Македонија може да се доближи до ЕУ во овој поглед?
– Во поглед на заштитата на работничките права, како држава сме многу напредни. Не само европското законодавство туку и меѓународните трудови стандарди, веќе со години, се дел од трудовото право. И во новиот закон за работни односи продолжуваме да ги внесуваме сите најнови решенија. Особено сме горди што со новиот закон предвидуваме низа новини што ќе придонесат кон постигнување подобар баланс на професионалниот и семејниот живот на работникот, преку дефинирање на мајчинско, татковско и родителско отсуство одделно, што, пак, ќе придонесе кон задолжителна вклученост на таткото во процесот на нега и грижа на детето. Исто така, воведуваме можност работникот што има дете до осумгодишна возраст да може да побара да работи флексибилно заради грижа и нега на дете, во форма на работа со неполно работно време, приспособен распоред на работните часови или работа на далечина, во согласност со неговите потреби за давање грижа и нега на детето и потребите на работодавецот поврзани со работниот процес. Детално уредуваме и нови форми на договори за вработување, како договор за работа од далечина, и детално уредување на работата дома. Потребата од воведување на овој институт и доуредувањето на работата од дома е во линија со европското право и практики и особено дојде до израз за времетраењето на пандемијата на ковид-19, со што во практика се појави потреба од воведување вакви форми на работа.
Дополнително, започнавме подготовки за ратификација на Конвенцијата за насилство и вознемирување на Меѓународната организација на трудот, чија цел е да ги спречи насилството и вознемирувањето на работа и поврзани со работата.