Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Министерството за надворешни работи велат дека веќе е формирана работна група што го следи развојот на настаните и безбедносната ситуација во Украина, како и одлуките на Европската Унија и на пријателските земји во однос на актуелните случувања. Во меѓувреме, голем број држави излегоа со препораки за своите државјани да не патуваат во кризното жариште

МАКЕДОНСКОТО МНР НА ШТРЕК

Вознемирувачките вести и крајно спротивставените прогнози за натамошниот тек на настаните во и околу Украина, но и, според многумина, неодмерените изјави на македонскиот државен врв во однос на евентуално разгорување на судирот, во јавноста го наметнаа прашањето што се случува со граѓаните на Македонија што во моментов престојуваат во таа земја и како би требало да постапат граѓаните што веќе планирале да патуваат таму.
– Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија внимателно ги следи состојбите во и околу Украина и преку нашата амбасада во Киев е во постојана комуникација со надлежните институции во земјата. Амбасадата во Киев, покрај надлежните институции, исто така работи и на мапирање на нашите државјани што се наоѓаат во Украина, со кои остварува редовен контакт. Наедно, во рамките на Министерството за надворешни работи е формирана работна група што го следи развојот на настаните и безбедносната ситуација во Украина, како и одлуките на Европската Унија и нашите пријателски земји во однос на актуелните случувања – информираа од Министерството, најавувајќи дека навремено ќе известат за евентуални препораки и насоки за постапување за нашите државјани.
Слично објаснување на почетокот на неделава даде и министерката за одбрана Славјанка Петровска.

– Нашите институции во целост ги преземаат сите мерки за заштита на македонските граѓани. Во координација сме со релевантните институции задолжени за безбедноста на граѓаните во државата и надвор од неа – изјави Петровска.
Но, во меѓувреме, голем број земји веќе реагираа во насока на информирање и заштита на своите граѓани во Украина.
Американската амбасада во Киев уште пред неколку дена ги повика американските граѓани „веднаш да размислат за напуштање на земјата“.
– Безбедносната ситуација во Украина останува непредвидлива поради зголемената закана од руска воена акција и може да се влоши без претходни предупредувања – соопштиле од амбасадата.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, веднаш потоа изјави дека ЕУ нема да го следи американскиот пример, бидејќи не гледа причини за повлекување на дипломатите, но членките на Европската Унија, како и другите европски земји, сепак, постапуваат на различни начини.
Германија најави дека ќе им помогне на своите дипломати доколку одлучат да заминат, а Норвешка и Летонија ги советуваа своите жители да не патуваат во Украина.
Франција ги советува своите граѓани да го одложат патувањето во Украина што не им е потребно и да не патуваат во пограничните области на северот и на истокот на земјата поради ескалација на тензиите со соседна Русија.
– Ако е можно, препорачуваме да ги одложите патувањата во Украина што не се од клучно значење за вас – препорачаа од француското министерство за надворешни работи.
Шпанските власти, во меѓувреме, ги дополнија своите советодавни мерки и ги предупредија своите граѓани да ги одложат планираните патувања во Украина, соопштувајќи дека засега нема да има евакуација од таа земја.
Медиумите објавија дека Велика Британија почнала да го повлекува персоналот од својата амбасада во Украина. Иако било проценето дека немало конкретни закани за британските дипломати, сепак, околу половина од персоналот што работи во Киев требало да се врати во Обединетото Кралство.
И федералната влада во Канбера ги предупредила сите австралиски граѓани што се во Украина да ја напуштат земјата што е можно поскоро.

– Австралијците што ќе одлучат да останат во Украина треба да ги преиспитаат своите лични планови за безбедност, да бидат подготвени да се засолнат таму доколку е потребно, да одржуваат зголемена безбедносна свест и да се регистрираат во Министерството за надворешни работи и трговија – соопштија властите на Австралија.
Властите во Канада уште во вторникот најавија дека привремено ќе ги повлечат децата и членовите на семејствата на вработените во нивната амбасада во Киев.
Јапонската влада, пак, ги повикува своите граѓани итно да ја напуштат територијата на Украина.
– Ги повикуваме нашите сонародници што се во Украина итно да ја напуштат нејзината територија. Што се однесува до ситуацијата со Амбасадата на Јапонија, ќе преземеме соодветни мерки врз основа на ситуацијата во регионот и од гледна точка на заштита на нашите граѓани – изјавил генералниот секретар на Владата, Хироказу Мацуно.
Од земјите во регионот, засега хрватското МНР советуваше да се одложат патувањата во делови на Украина што не се неопходни, а доколку не може да се направи тоа, се препорачува претпазливост и секојдневно информирање за моменталната ситуација.
Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска им препорача на своите граѓани да избегнуваат патување во делови на Украина што граничат со Русија и да го одложат патувањето во остатокот од земјата.
– Поради влошената безбедносна ситуација во Украина и концентрацијата на вооружени сили на Руската Федерација во областите кон границата со Украина, ги советуваме хрватските граѓани да ги избегнуваат сите патувања во подрачјата на источна Украина што граничат со Руската Федерација – соопшти Министерството.
Паралелно со сето тоа, од Владата во Киев уверуваат дека мерките се преуранети, па дури и дека би можеле да предизвикаат дополнителни штети.
– Многу е важно да се одбегнуваат активностите што во информативниот простор би можеле да ги зголемат тензиите и да ја дестабилизираат економската и финансиската состoјба во Украина – напиша на својот Твитер гласноговорникот на украинското министерство за надворешни работи, Олег Николенко. Д.М.М.