Фото: Маја Јаневска-Илиева

Успешноста на постапката за утврдување на правдата најчесто се цени според тоа дали е прифатен резултатот од неа и дали сторителите и општеството извлекле морална поука. Десет години по ова, несомнено, грозоморно злосторство во случајот „Монструм“, не може да се каже дека е постигнато нешто од тоа. Се чини дека ниту е добиена правда за жртвите ниту сторителите и општеството извлекле поука, тврдат експертите по кривично право

Десет години по петкратното убиство кај Смилковско Езеро

Петкратното убиство кај Смилковско Езеро во околината на Скопје и по десет години од извршеното злосторство, по двапати повторена судска постапка, двапати донесена речиси идентична пресуда, но со правна состојба во која двајцата првообвинети и осудени на доживотен затвор не се достапни за македонските казнено-правни институции…, се чини и понатаму остава простор за предизвик за целото македонско општество и го наметнува клучното прашање дали навистина е задоволена правдата.
На 12 април се навршија десет години од извршувањето на едно од најсвирепите злосторства во историјата на Македонија, кога ѕверски беа убиени пет лица со огнено оружје кај Смилковско Езеро, во атарот на селото Смилковци, Скопје. На возраст од 18 до 21 година беа убиени момчињата: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, а беше пронајден мртов и 45-годишниот Борче Стевковски од селото Црешево. Во судските анали овој предмет останува заведен како „случај Монструм“.
Основниот кривичен суд во Скопје, во повторениот судски процес за случајот „Монструм“, кој заврши во февруари, минатата 2021 година, донесе пресуда во која беа изречени три доживотни казни затвор. Судот сметаше дека бегалците Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се виновни за тероризам и ги осуди на казни доживотен затвор, а иста казна доби и Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот Хаки Азири е осуден за две кривични дела помагање сторител по извршено кривично дело, за што доби единствена казна во траење од девет години. Фејзи Аризи, пак, е осуден за помагање сторител по извршено кривично дело на 15 години затвор. Судот го отфрли обвинението за Сами Љута, поради недостиг од докази.

Повторениот судски процес траеше околу три години. Беше проследен со голем број протести на семејствата на обвинетите, кои бараа нивно ослободување. Првите двајца обвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, се во бегство во Косово и со години се чека нивна екстрадиција.
Во првата судска постапка беше донесена пресуда на 30 јуни 2014, во која шестмина обвинети беа осудени на казни доживотен затвор, за кривичното дело тероризам од членот 394-б став 1. Мотивот за свирепото убиство што ја потресе целата македонска јавност, според Обвинителството, беше оценет како предизвикување чувство на страв и несигурност кај граѓаните. Апелацискиот суд во Скопје, на 14.12.2015 со правосилна пресуда ја потврди доживотната казна затвор за Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Aзири и Сами Љута. Тогаш, единствено oбвинетиот Сејди Рами беше ослободен од обвинение, бидејќи судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот.
Изречените пресуди за „Монструм“ беа ставени под сомнение во налетот на политичкиот процес на објавување прислушувани аудиоснимки од страна на тогашната опозиција (во 2015 година). Лидерот на тогашната опозиција, а подоцна премиер, Зоран Заев, предизвика сомнеж дека не се осудени вистинските сторители на злосторството, врз основа на прислушуваните материјали.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.
По укинувањето на пресудите, предметот беше вратен на повторно судење. Во март 2018 година, случајот го презеде поранешното СЈО. Во септември 2019 година, предметите на СЈО ги презеде Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал.
Сите тие заплети во судската постапка за „Монструм“, контаминирани со политичка злоупотреба на случајот, манипулација со етнички тензии во општеството…, како да го оставија во втор план задоволувањето на правдата за жртвите и нивните семејства. Десет години подоцна, правната постапка сѐ уште не е правосилно затворена (Апелацискиот суд сѐ уште се нема изјаснето за пресудите од повтореното судење), па останува отворен општествениот контекст за задоволена правда.

– Ако некој од главните сторители на кривичното дело не ја добива пресудената казна, задоволувањето на правдата е сериозно компромитирано. Всушност, додека пресудите се правосилни, правниот процес не може да се смета за завршен. Тешко е да се биде критичен за еден суштински правно комплициран случај како „Монструм“, за кој немаше сведоци и малку материјални докази, а потоа и дополнително искомплициран од шпекулации со политичка заднина, кои доведоа до повторување на постапката. Повторувањето на постапката предизвика само развлекување на случајот, што создаде дополнителна општествена меѓуетничка недоверба. Повторениот процес во голема мера беше контрапродуктивен за постигнување на ефектите на правдата, но барем потврди дека нема некоја друга вистина за која се шпекулираше врз основа на снимки од прислушуваните разговори. Успешноста на постапката за утврдување на правдата најчесто се цени според тоа дали е прифатен резултатот од неа и дали сторителите и општеството извлекле морална поука. Десет години по ова, несомнено, грозоморно злосторство, не може да се каже дека е постигнато нешто од тоа. Најнесреќни се семејствата на жртвите, главните сторители се во бегство, а општествено-етничката недоверба и понатаму е присутна кога станува збор за пресудите. Се чини дека ниту е добиена правда за жртвите ниту сторителите и општеството извлекле поука – вели универзитетскиот професор по кривично право, Гордан Калајџиев.