ЕСКАЛАЦИЈА НА КРИЗАТА ОКОЛУ УКРАИНА

Како што се заоструваат релациите меѓу САД и Русија за Украина така НАТО со забрзана динамика започнува да ги вооружува властите во Киев, со модерни противтенковски и противвоздушни ракети од американско производство.
Во светските медиуми се нотира дека членките на НАТО, Британија, Естонија, Летонија и Литванија, наскоро ќе ѝ достават на Украина противтенковски и противвоздушни ракети од американско производство.
– Естонија, Летонија и Литванија и нивните сојузници работат заедно за брзо предавање на безбедносната помош на Украина – се вели во заедничкото соопштение на министрите за одбрана на овие земји доставено до медиумите.
Во него се посочува дека Естонија ќе испрати противтенковски ракети „џавелин“, а Летонија и Литванија ќе испратат противвоздушни ракети „стингер“.
Дополнително, Стејт департментот на САД веќе им дозволи на Литванија, Летонија и Естонија да испратат американски проектили и друго оружје во Украина, откако американскиот претседател Џо Бајден прогнозираше дека Русија ќе тргне на Украина.
Во меѓувреме, додека западните земји стравуваат дека Москва планира нов напад врз Украина, по оној од 2014 година кога беше извршена анексија на Крим, официјална Москва ги негира овие наводи.
Русија вели дека би можела да преземе одредена воена акција доколку не се исполнат нејзините безбедносни барања, вклучувајќи го и ветувањето дека Украина никогаш нема да може да му се приклучи на НАТО.

Во моментов, повеќе од 100.000 руски војници опремени со модерни борбени тенкови и ракетна артилерија повеќе од неколку недели се распоредени по должината на границата со Украина, по најавите дека Киев сака да стане составен дел на Алијансата.
Во своја опсервација на најновите случувања, воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека вооружувањето на Украина од западните сојузници е очекуван чин, но стравува дека доколку се случи воена операција од Русија многу тешко Киев ќе се справи со безбедносните операции насочени против руските сили.
– Во минатото видовме дека Украина е немоќна да ѝ се спротистави на Русија. На тој начин беше извршена анексијата на Крим со висока експедитивност на руската војска, а истовремено во граѓанскиот конфликт во јужните и источните делови на земјата властите во Киев доживеаја класичен воен пораз. Од тука не сум оптимист дека Украина самата би можела воено да ѝ се спротивстави на Русија. Но ова црно сценарио за земјата би можело да се промени, ако НАТО и отворено распореди сили во Украина, што е меѓу другото малку веројатно да се случи – вели Стефаноски.


Кремљ: НАТО и САД ги зголемуваат тензиите

Кремљ ги обвини САД и НАТО за ескалација на тензиите откако Алијансата соопшти дека ја зајакнува одбраната во Источна Европа поради кризата во Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Вашингтон и НАТО ги ескалираат тензиите преку „информативна хистерија“ и „конкретни акции“, додавајќи дека ризикот од офанзива на украинските војници против проруските сепаратисти е „многу висок“.
– Сакам да нагласам дека сето ова не се случува поради она што го правиме ние, Русија. Сето ова се случува поради акциите на НАТО и на САД и поради информациите што ги шират тие – рече Песков.
Тој истакна дека активноста на НАТО во близината на руските граници не може да биде игнорирана од руската војска.
– Таквите акции и зголемената активност на НАТО во близината на нашите граници не можат да бидат игнорирани од нашата војска, која е одговорна за безбедноста на нашата земја – рече портпаролот на Кремљ.

[email protected]