За Светите Кирил и Методиј и европските вредности на наследството

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век. Уште повеќе, ваквите присвојни тенденции отворено се пројавуваат и во современието, прераснувајќи во политичко прашање на современиот идентитет и наследство. Затоа, добро е накратко да го согледаме историскиот контекст, за да се обидеме да разбереме зашто во 21 век, некои европски држави се обидуваат да обезбедат национален ексклузивитет на славните просветители, проектирајќи ги своите политички догматизирани историски ревизионизми во минатото

Специфичноста на историската улога на Константин/Кирил и Методиј за Македонија, Балканот и Европа се манифестира преку повеќекратната димензија на нивната сесловенска просветителска и мисионерска дејност и инволвирањето на клучните политички и црковни фактори од тоа време. Од иницијалната политичко-религиска агенда заснована на имплементација на византиската идеолошка програма во Македонија и креатори на словенската азбука, тие станале промотори на словенската писменост и култура надвор од империјалните граници. Меѓутоа, наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век. Уште повеќе, ваквите присвојни тенденции отворено се пројавуваат и во современието, прераснувајќи во политичко прашање на современиот идентитет и наследство.
Затоа, добро е накратко да го согледаме историскиот контекст, за да се обидеме да разбереме зашто во 21 век, некои европски држави се обидуваат да обезбедат национален ексклузивитет на славните просветители, проектирајќи ги своите политички догматизирани историски ревизионизми во минатото.
Изворната перспектива на авторите на Житието на Св. Кирил и Житието на Свети Методиј, сосема јасно ја рефлектира словенската димензија преку употребата на термините „словенски јазик“ и „словенски народ“ при дескрипцијата на делото на нивните учители. Тоа сосема јасно покажува дека учениците на Св. Кирил и Методиј, меѓу кои бил и Св. Климент, ја дефинирале нивната дејност во согласност со словенскиот концепт, посочувајќи дека тие биле Солуњани, a „сите Солуњани зборуваат чисто словенски“. Токму говорниот словенски јазик во Солун и Македонија станал основа за создавање на словенската азбука – глаголицата од Кирил, поддржан од Методиј. Византискиот двор на Методиј му ја доверил мисијата за реализирање на идеолошка програма во поранешната Склавинија во Македонија, во функција на зајакнување на пограничната одбрана наспроти Бугарија. Со испраќањето на Кирил и Методиј на мисија во Моравија и инволвирањето на Папството во легитимирањето на словенскиот јазик, нивното дело добило општоевропска димензија.
Индикативно е дека Кирил и Методиј и нивните мисии целосно биле премолчени од страна на современите византиски автори и подложени на „заборавот“. Тоа ги прави словенските житија појдовна основа на изворната интерпретација на нивната дејност, со исклучив словенски карактер.

Првите византиски наративи за светите браќа произлегле од идеолошкиот амбиент на Охридската архиепископија, на крајот на 11 и почетокот на 12 век. Архиепископот Теофилакт Охридски, преку Житието на Св. Климент Охридски, претендирал да креира непосредна поврзаност на Охридската архиепископија со кирилометодиевското наследство и да ги доведе христијанските светители и култови од Македонија во непосредна врска со традициите на Архиепископијата. Притоа, Теофилакт терминолошки ги адаптирал изворните словенски сведоштва, доведувајќи ги во контекст на современата административно-црковна терминологија воведена од византискиот император Василиј II во 1018 година, по ликвидирањето на Самуиловата држава. Оваа терминологија воопшто немала етничко значење, туку претставувала маркер за означување на територијалната припадност кон Византија, како што биле и другите административни територии.
Ваквата проектирана адаптација на изворната терминологија била искористена од лидерите на Бугарско-влашката држава кон крајот на 12 и почетокот на 13 век за демонстрирање на сопствените претензии кон Македонија и на Охридската архиепископија. Преку копирањето и адаптирањето на византискиот конструиран наратив, што го вклучувало и манипулирањето со терминологијата и измислувањето на традициите, тие го иницирале вештачкиот процес на „бугаризација“ на Светите Кирил и Методиј. Тоа претставувало начин да се креира историско оправдување за претензиите кон византиската територија и Охридската архиепископија, иако Кирил и Методиј немале ништо заедничко со бугарската држава во 9 век. Напротив, изворните сведоштва јасно демонстрираат дека нивното дејствување, првенствено на Методиј, било насочено кон спречување на бугарските напредувања кон Македонија, како византиска територија.

Друго е прашањето што Теофилакт го адаптирал историскиот контекст, со констатацијата дека „великиот Методиј непрекинато го дарувал со благодејанијата на сопствените зборови и кнезот на Бугарите, Борис, којшто живеел во времето на византискиот император Михаил, кого порано го направил свое духовно чедо и кого го приврзал кон себеси преку прекрасниот јазик“. Тоа бил историски конструкт со кој Теофилакт претендирал да ја демонстрира надмоќта на Методиј над бугарскиот владетел, а која во реалноста не постоела со оглед на отсуството на каков било контакт помеѓу нив. Впрочем, изворно е потврдено дека бугарскиот владетел бил паганин и покрстен дури во 864 година од страна на византискиот двор, во што не учествувал Методиј. Теофилакт всушност настојувал да ја демонстрира византиската идеолошка доминација, преку акцентирањето на супериорноста на Методиј во однос на словенските кнезови Ростислав и Коцељ, меѓу кои го вклучил и бугарскиот владетел Борис, иако му било многу добро познато дека ниту Методиј ниту Кирил кога било ја посетиле бугарската држава. Охридскиот архиепископ Димитрија Хоматијан, во почетокот на 13 век, креирал дополнителна претстава дека Св. Климент всушност го добил епископското достоинство над „цел Илирик“ директно од архиепископот Методиј, што му овозможило да го адаптира Теофилактовиот историски конструкт, правејќи идентитетска замена на Св. Методиј со Св. Климент како одговорен за христијанската конверзија на Борис. Сето тоа било измислено со цел да се демонстрира идеолошката доминација на Византија и на Охридската архиепископија, особено во услови на загрозеност од аспирациите на новите балкански политички и црковни елити.

По завладувањата на Османлиите на поголемиот дел од Балканот, култот на Светите Кирил и Методиј и нивните ученици продолжил да се одржува во Македонија во рамките на Охридската архиепископија, за што сведочат најстарите визуелни претстави на овие светители. Кон крајот на 17 век, култот на Свети Кирил и Методиј бил реоткриен во Русија, под чиешто влијание бил поттикнат обновениот интерес за словенските просветители. Во политичкиот амбиент од втората половина на 19 век, Св. Кирил и Методиј и нивните ученици добиле доминантна позиција во рамките на пансловенската идеја. Како резултат на тоа, потеклото на Светите Кирил и Методиј и утврдувањето на местото на создавање на словенската азбука, станало еден од клучните аргументи за воспоставување на замислената врска со традициите и наследството на Светите Кирил и Методиј во словенскиот свет. Светите Кирил и Методиј биле експлоатирани во современите политички и црковни проекти, кои ги рефлектирале конфликтните претензии на православните и католичките Словени на нивното наследство. Како историски синоними за Македонија, Кирил и Методиј незаобиколно биле инволвирани во историографската и лингвистичка дебата на 19 век поврзана со македонското прашање, која продолжува и денес.
Враќајќи се кон современието, најновите тенденции за политизација на наследството на Кирил и Методиј можат да се согледаат во нивното вештачко врамување во политичкиот концепт на „заедничката историја“ од страна на заедничката комисија за историски и образовни, произлезена од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година. Меѓутоа, кога ги набљудуваме последните политички тенденции за присвојување на Кирил и Методиј, треба да имаме предвид дека истите тие се засновани на историски конструкти. Во отсуство на поткрепа за „бугарската“ врска на Светите Кирил и Методиј, Бугарската академија на науките и уметностите (БАН) во публикацијата Официјалниот јазик на Република Северна Македонија, од 2020 година, претендира „научно“ да докаже дека Словените во Солун и Македонија, а со тоа и Кирил и Методиј, биле етнички Бугари уште од 7 век. „Бугаризирањето“ на Словените во Македонија уште пред Кирил и Методиј се става во функција на извлекувањето на далекосежни заклучоци дека Константин/Кирил ја создал првата словенска азбука и книжевните преводи врз „основата на солунскиот говор, кој бил југоисточен бугарски дијалект“, дека „јазикот на солунските браќа според етничката припадност е старобугарски“ и дека „првиот словенски писмен јазик, кој се појавил врз основа на преводите на Кирил и Методиј, бил старобугарскиот“. Ваквите конструирани тези, меѓу другите, се поставуваат како „научно“ заснован политички критериум за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ. Исто како и политичкото редефинирање на значењето на 24 Мај, од бугарскиот парламент, кој од 2021 година се слави како Ден на Светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, образование и култура и на словенската книжевност, со што се акцентира исклучивата заслуга на Бугарија за создавањето на „бугарската“ азбука и нејзиното распространување низ словенскиот свет во Европа и Русија.

Затоа Бугарската академија во официјалното соопштение од ноември 2020 година отворено ја поддржа позицијата на владата во условувањето на преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори со Република Македонија со признавањето на „заедничката историја“. Академијата демонстрираше дека „цврсто ќе ја брани со научни средства историската вистина за минатото на историско-географскиот регион на Македонија, што ја вклучува бугарската етничка и културна припадност на мнозинството нејзини жители“. Оваа „историска вистина“ евидентно ја вклучува „бугаризацијата“ на Светите Кирил и Методиј и словенската азбука и писменост, што се проектира во современиот етнички и јазичен контекст на Република Македонија и на идентитетот на македонскиот народ. Бидејќи Кирил и Методиј немале релации со Бугарија, на Софија евидентно ѝ е потребна Македонија и нејзиното политичко врамување во концептот на „заедничката историја“, за да го демонстрира „бугарскиот“ етнички континуум на македонските простори од 7 век.
Тоа ќе значи дека Република Македонија ќе може да се интегрира во ЕУ само доколку Македонците се лишат од идентитетот и станат „Бугари“, со тоа што меѓу другото ќе признаат дека Светите Кирил и Методиј и нивните ученици биле дел од „заедничката историја“ со Бугарија, бидејќи биле етнички „Бугари“, кои не зборувале словенски туку „бугарски“ јазик, како што зборуваат и тие сега во 21 век.
Чешка и Словачка категорично се спротивставија на претворањето на ЕУ во „колективен судија на историските толкувања“, која ќе „одредува кој е во право или не за прашања поврзани со историјата, јазикот или идентитетот“, со што не дозволија наследството на Светите Кирил и Методиј, кое е дел од нивните наративи и државни чествувања, да се „бугаризира“. Ваквиот пример мора да го следи Република Македонија, која треба да стане коректор на политиките со кои се загрозуваат европските вредности и демократски начела, а историската наука се догматизира и се претвора во инструмент на политиката. Со тоа ќе ги одбрани и европската димензија и вистинските вредности на наследството на Светите Кирил и Методиј.

Митко Б. Панов

Авторот е историчар, универзитетски професор при Институтот за национална
историја – Скопје