За скршнување на западното христијанство од православниот етос

Библиска приказна за човек од земја со душа (3)

Денешните православни христијани имаат тешкотија при одговорот на овие прашања, затоа што денес толку се оддалечиле од ова предание, така што веќе не ни размислуваат за православниот христијански метод во рамките на болеста и исцелувањето. Православието не го сметаат за терапевтски метод, и покрај тоа што молитвите на црквата се јасни во врска со ова прашање. Кој е Христос за православните христијани? Зарем не се нарекува на многу места во молитвите и во тропарите на црквата лекар на нашите души и тела? Ако пребарате во римокатоличкото и во протестантското предание, ќе видите дека никаде Христос не се нарекува лекар. Само во православното предание Христос се нарекува лекар. Меѓутоа, зошто кај римокатолиците и кај православните згаснало ова предание и кога им зборуваме за терапевтски метод тие се зачудуваат? Затоа што кај тие луѓе и во нивното богословие е исчезната потребата за очистување и за просветлување, односно за внатрешна измена. Кај нив човекот не е тој што менува, туку Бог! Кај нив човекот не се менува. Единственото нешто што го прави човекот кај нив е да се потруди да биде добро дете. Кога човекот од лошо дете ќе стане добро дете, тогаш Бог го љуби. Во спротивен случај, Бог се одвраќа од него. Ако остане или стане лошо дете, тогаш Бог не го љуби. Значи, ако човекот стане добро дете, тогаш се менува и Бог, станува добар и почнува да го љуби човекот. Кога човекот станува лошо дете, тогаш Бог се лути, а кога човекот станува добро дете, тогаш Бог се радува. За жал, ова се случува во Европа. Но лошото е тоа што ова не се случува само во Европа, туку се случува и кај нас, па кај многумина во црквата владее овој дух. Православието го деградираат до тој степен, така што за нив тоа станало религија во која Бог се менува. Кога човекот е добар, тогаш Бог го љуби. А кога е лош, тогаш Бог не го љуби. Според тоа сфаќање, Бог казнува и наградува. Денес суштината на православието станал морализмот. Да претпоставиме дека еден истражувач научник, кој не е упатен во религиите и е атеист, почне да врши истражување на религиозните преданија и доаѓајќи до православното предание истражува, открива и ги опишува овие работи. Потоа вели: Погледни ваму! Ова предание зборува за душа, за умствена енергија за душата и за конкретен терапевтски метод.

Потоа истражувајќи човек доаѓа до признание дека доколку овој терапевтски метод се примени во човековото општество, тогаш ќе има многу полезни резултати за индивидуалното и за општественото здравје. Продолжувајќи со истражувањето, тој почнува да дијагностицира од кога се појавило ова предание, кои се неговите извори, колку векови успешно се применува во практика и каде е презимето. Потоа открива зошто денес кај православните, во нивното мнозинство, не постои ова предание и зашто православието претрпело искривување. Тој истражувач ќе дојде до заклучок дека тоа се случило поради прогонот на исихазмот и на светоотечкото монаштво, коешто е носител на ова предание. Меѓутоа зошто било прогонувано? Затоа што просторите во кои цветало започнале цивилизациски, а се приклонуваат кон Западот, како што се случило по реформите на Петар Велики во Русија, а во Грција по востанието од 1821 година. Современиот историчар Тојнби вели дека полека-полека денес православната цивилизација се апсорбира од страна на западната цивилизација. Зборот западен овде не се подразбира географски, туку цивилизациски и религиски, а го означува западното римокатоличко и протестантско религиозно и цивилизациско предание. Тој има напишано книга во која денес постојните цивилизации ги има поделено на пет, коишто останале од дваесет и петте што постоеле во минатото.Тие пет цивилизации се: индиската цивилизација, цивилизацијата на Далечниот Исток (Кина, Јапонија), европската цивилизација, православната цивилизација и примитивната цивилизација, која сѐ уште постои во некои области на Африка и Австралија. Тојнби има теорија дека сите овие цивилизации денес се приклонуваат кон Западот.

Во минатото се правеле напори ова приклонувања кон западната цивилизација и учење да се врши преку мисиите на западните мисионери. Европејците во минатото, но и денес, испраќале и испраќаат војски од мисионери, со цел не само да ги христијанизираат другите народи туку и да ги приклонат кон Западот. Затоа и во Грција постојат овие еретици и сѐ уште дејствуваат. Меѓутоа, Тојнби вели дека ова мисионерство не успеало кај идолопоклоничките народи на Африка и на други континенти, бидејќи мисионерите со тоа вршеле поделби помеѓу луѓето. На пример, само во едно семејство идолопоклоници се случувало едниот да стане лутеран, другиот брат да стан англиканец, третиот баптист, братучедот методист, некој пентикосталец итн. Во таква ситуација не само што го распарчувале нивниот народ на мали парчиња од религиозен аспект туку ги разделувале и нивните семејства. Значи констатирано е дека мисијата од овој вид имала голем неуспех при приведувањето кон Западот на луѓето од третиот свет.
Затоа Тојнби во 1948 година предлагал приведувањето кон Западот да се врши преку технологијата и економијата.

(продолжува)