Фото: Игор Бансколиев

Оксфордските научници утврдиле дека пред околу сто години политичарите имале сличен животен век како повеќето луѓе, но тоа многу се променило во
последните децении, како резултат на сѐ поголемата разлика во квалитетот на живеењето. Дали и македонските политичари се дел од светскиот тренд?

Истражување Животниот век на политичарите некогаш и денес

Турбуленциите на политичките, економските, безбедносните, здравствените и други општествени движења за кои мора да се грижат политичарите се исклучително голема одговорност. Мандатот даден од граѓаните за совесно и добро извршување на примената должност и промена на состојбите на подобро е голема одговорност за политичарите. Токму политичарите на својот грб го носат товарот на проблемите не само за себе и своите семејства туку и за пошироката општествена средина, односно за граѓаните, кои во политичарите гледаат лидери што ќе ги решат актуелните граѓански и општествени предизвици, а животот ќе го направат многу поквалитетен. Но за политичарите, таквата одговорност со себе носи голем стрес, кој го исцрпува нивниот организам, и физички и ментално. Тому тоа е причината што влијае за намалување на квалитетот на живеењето на професионалните политичари. Но, од другата страна на медалот, професионалните политичари отсекогаш живееле со високи привилегии од страна на државата, односно со предност и поповолна општествена положба наспроти другите граѓани. Тоа се сметало како некаква противтежа на стресниот живот на професионалните политичари. Во ваквиот контекст, некои научници поставуваат интересно прашање, кое им станува и предмет на интерес во нивните истражувања: Што од овие фактори им го продолжува, а што им го скратува животот на политичарите?

Стресот или привилегиите преовладуваат за квалитетот и должината на животниот век на политичарите?

Како сето тоа се одразува врз политичарите (па и во нашата земја) е прашањето што се наметна, особено по објавата на резултатите на глобалната студија што ја изработија научниците од Универзитетот во Оксфорд, а според која нивниот животен век забрзано се зголемува во однос на остатокот од популацијата.
– Политичарите живеат подолго од нас, а јазот се зголемува – констатираа истражувачите откако пронајдоа податоци за над 57.500 политичари од 11 земји, Австралија, Австрија, Канада, Франција, Германија, Италија, Холандија, Нов Зеланд, Швајцарија, Велика Британија и САД.
Јасно дека со ова истражување не се опфатени политичарите од Македонија, така што остана само да се побараат процени за тоа дали и тие се дел од трендот за кој се зборува во истражувањето.

Кога изостанува одговорноста кон граѓаните, тогаш изостанува и стресот кај политичарите

– Не верувам дека на овдешните политичари животот им е тежок, затоа што тие постојано наоѓаат начини за да си го олеснат со разни махинации, коруптивно-криминални зделки и слично, но тоа не е исто што и квалитетот на животот. Тие очигледно не се свесни дека токму тоа им го скратува животот, а не овие режирани кавги и тепачки што ги гледаме. Во истражуваните земји нема глумење, има само норми што се почитуваат и затоа нивните политичари подолго живеат. Кај нас сѐ е изместено и затоа мислам дека на нашите политичари, со таквото однесување, не им се продолжува животниот век како на преостанатите – објаснува професорот од ФОН Назми Малиќи.
Со малку поинаква процена за животниот век на политичарите, но со сосема различни причини за тоа, настапува аналитичарот Петар Арсовски.
– Македонските политичари живеат подолго од другите граѓани на Македонија, но пократко од нивните колеги низ светот. Причината е едноставна, понискиот животен стандард во земјава доведува до тоа и нејзините граѓани и нејзините политичари да живеат пократко од светскиот просек. И актуелниве политички конфликти, како што се високите политички тензии, кои веќе долго време се присутни, длабоката поделеност во општеството, како и блокадите и нефункционирањето на институциите, сигурно придонесуваат кон таквата состојба. А таа ќе продолжи сѐ додека не се воспостави инклузивен политички дијалог – смета Арсовски.
Инаку, според истражувањето на оксфордските научници, објавено во неколку европски магазини, пред околу 100 години политичарите имале сличен животен век како повеќето луѓе, но тоа многу се променило во последните децении, како резултат на сѐ поголемата разлика во квалитетот на живеење помеѓу политичките елити и обичните луѓе.
Поточно, во доцниот 19 и на почетокот на 20 век, меѓу политичарите во повеќето анализирани земји постоеле слични стапки на смртност како кај општата популација. Но во текот на 20 век разликите во стапката на смртност значително се зголемиле во сите земји.
– Тоа значи дека „предноста за преживување“ на политичарите во однос на општата популација во моментов е најголема што била во последните 150 години – констатирале истражувачите.

Предноста за опстанок на политичарите денес е многу висока во споредба со онаа од првата половина на 20 век

Во моментов, разликите во очекуваниот животен век се движат од околу три години во Швајцарија до седум години во САД. Во меѓувреме, еден типичен член на пошироката јавност во Италија има 2,2 пати поголема веројатност да умре во текот на следната година во споредба со политичар од иста возраст и пол, но таа бројка е 1,2 пати поголема во Нов Зеланд.
За обележување е и тоа што жените политичари сочинуваат помеѓу три отсто (во Франција и во САД) и 21 отсто (во Германија) од примерокот. Различниот процент на политичарки е нешто што, според истражувачите, треба да се земе предвид кога се споредуваат различни земји, бидејќи е познато дека жените во просек живеат подолго од мажите.
– Резултатите покажуваат дека предноста за опстанок на политичарите денес е многу висока во споредба со онаа што е забележана во првата половина на 20 век. Интересно е што разликите во смртноста што ги документираме вообичаено почнаа да се зголемуваат половина век порано од добро документираните зголемувања на нееднаквоста во приходите од 1980-тите – потенцирал д-р Лоренс Руп, коавтор на студијата на Истражувачкиот центар за здравствена економија (HERC) во Оксфорд.
За поткрепа на овој „многу јасен тренд“ се наведуваат повеќе фактори. Меѓу нив се големата застапеност на пушачи меѓу политичките елити во првата половина на 20 век, која се намалува во 1950-тите. Можеби, како што се шпекулира во студијата, стапката на пушење опаднала побрзо меѓу политичарите отколку кај општата јавност.
Освен тоа, тоа можело да има врска и со здравјето на срцето. Политичарите имаат тенденција да имаат поголем ризик од кардиоваскуларни болести од другите луѓе, но овие состојби полесно се лекуваат кај тие за кои најновите дијагностики, методи и лекови се подостапни.

Уште еден голем и можеби најочигледен елемент се богатството и економската нееднаквост. Политичарите заработуваат значително повисоки плати од просечното население, што носи јасни предности за долговечноста и здравјето. Сепак, истражувачите тврдат дека овој фактор не е толку истакнат како што може да изгледа на почетокот, бидејќи нееднаквоста почна да расте во 1980-тите, а разликите во очекуваниот животен век почнаа да се зголемуваат неколку децении порано.
– Без оглед на причината, јасно е дека јазот во животниот век меѓу политичарите и општата популација се продлабочува и можеби нагласува некои грди вистини за денешниот свет – било заклучено во студијата, која, според наведеното, е најголема досега кога станува збор за споредување на стапката на смртност и очекуваниот животен век на политичарите со оние од општата популација, според возраста и полот.
Истражувачите дојдоа до овој заклучок откако пронајдоа податоци за над 57.500 политичари од 11 земји, вклучувајќи ги Австралија, Австрија, Канада, Франција, Германија, Италија, Холандија, Нов Зеланд, Швајцарија, Велика Британија и САД. Тимот најде информации за сите земји од 1945 и 2014 година, но целосната анализа опфати политичари во одредени земји каде што постојат солидни рекорди од 1816 до 2017 година. Д.М.М.