Илустрација: „Нова Македонија“

Несомнено изјавата на Макрон повеќе е на линија на она што претходно го порачуваше Радев, односно дека нема причина да оди во посета на Париз и да се среќава со францускиот претседател кога лично не гледа „напредок за отворените прашања меѓу Софија и Скопје“, подразбирајќи под „напредок“ прифаќање на бугарските условувања. Во корелација со бугарските условувања е и пораката на францускиот претседател до двајцата лидери околу почитувањето на основните права на граѓаните што изјавуваат дека припаѓаат на други заедници или на малцинства, што не може да се протолкува никако поинаку, освен како угодување на постојаните заложби на кои инсистира Софија за вметнување на Бугарите во македонскиот устав

Макрон ќе чека „да дојде време“ за да се сретне со лидерите на Македонија и на Бугарија за евроинтеграциите

Во пресрет на јунскиот самит на Европската Унија се чини дека шансите Бугарија да го крене ветото за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија се мали, а на тоа упатува и последната порака што францускиот претседател Емануел Макрон ја упатил до бугарскиот претседател Румен Радев и македонскиот премиер Димитар Ковачевски во неодамнешниот телефонски разговор што го имал со обајцата.
Имено, Макрон откако претходно се соочи со дрското одбивање на бугарскиот претседател Румен Радев да го посети Париз, сега им пренел на Радев и на Ковачевски дека е подготвен да се сретне со обајцата „кога ќе дојде време“, односно кога тие ќе бидат подготвени да потпишат билатерален договор што ќе овозможи отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
Несомнено ваквата изјава на Макрон повеќе е на линија на она што претходно го порачуваше Радев, односно дека нема причина да оди во посета на Париз и да се среќава со францускиот претседател кога лично не гледа „напредок за отворените прашања меѓу Софија и Скопје“, подразбирајќи под „напредок“ прифаќање на бугарските условувања.
Во корелација со бугарските условувања е и пораката на францускиот претседател до двајцата лидери околу почитувањето на основните права на граѓаните што изјавуваат дека припаѓаат на други заедници или на малцинства, што не може да се протолкува никако поинаку, освен како угодување на постојаните заложби на кои инсистира Софија за вметнување на Бугарите во македонскиот устав. Ова малку веројатно би се однесувало на бугарските власти за признавање на правата на македонското малцинство во Бугарија.
Како и да е, сега дилемата што се наметнува е дали „ќе дојде време“ за француско посредништво кога Македонија ќе ги прифати сите бугарски барања, или, пак, македонските пристапни преговори ќе бидат одложени на подолг рок.
Аналитичарите со кои се консултира весникот сметаат дека тоа време можеби никогаш нема да дојде и дека Македонија треба конечно да се сврти кон самата себе, наместо постојано да очекува да се случи чудо и Бугарија едноставно да се откаже од своите хегемонистички намери.

– Пораката што Макрон ја упатува значи дека Франција уште еднаш во историјата на нејзиното однесување спрема Македонија покажува дека не демонстрирала ниту практикувала големо разбирање. Од некакви штетни постапки во минатото, до тивко и умерено однесување во периодот на признавањето на државата, со блокирањето на моментот кога Македонија требаше да почне преговори со ЕУ со барање за некаква нова методологија. И ова е уште еден тактичко-маневарски чекор на Макрон дека прашањето со Бугарија ќе се реши „кога ќе дојде време“. За нас времето си тече, а ако досега Франција и Макрон сакаа конкретно да ѝ помогнат на Македонија, за што имаше објективни услови бидејќи земјава ги исполни сите европски критериуми, тие требаше жестоко да се залагаат Македонија да ги почне пристапните преговори и својата моќ како предводник на втората најмоќна држава во рамките на ЕУ да ја примени врз Бугарија и освен притисокот да го симне ветото, јасно да каже кои од бугарските барања се неприфатливи. Дури и да ги викне во овој момент во Париз, Радев и Ковачевски, ниту една формула засега не е добра и не би била прифатлива за двете држави, особено не во толку краток период – смета универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, во Бугарија сега има една мини-трка кој ќе биде поголем Бугарин токму на оспорувањето на Македонија во сите елементи.
– Во таа смисла Радев си презема таква улога, иако институционално неговата улога е ограничена, да се прикаже како патриот и човек што ги штити бугарските интереси, иако еден дел од бугарските барања е невозможно да се реализираат, односно нивната интерпретација на историјата – смета Андревски.
Негова теза е дека оваа работа ќе продолжи да трае и да тлее и дека крајно време е Македонија да почне да работи на средување на состојбите дома.

– Се чудам зошто досега Македонија не пристапи сама да си го унапредува животот на граѓаните дома, што може да се постигне во рамките на ЕУ добро, што не може, повторно добро. Треба човек да стане трезвен и да види дека резултатите од другата страна се или недофатливи или далечни. Тоа треба да нè отрезни. Секако не значи дека треба да прекинеме со евроинтеграциите, туку постепено да ги решаваме проблемите на граѓаните дома. Тоа не може да се случи одеднаш. Со забрзана умереност треба да си го унапредуваме општеството и да го трансформираме за даден период од 10 до 15 години во поквалитетно општество. На тоа треба да се посветиме, а не да чекаме „кога ќе дошло времето“ за да ни ги решава проблемите Франција – порачува професорот Андревски.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски нема дилеми дека ова е форма на притисок врз Македонија.
– Бугарија е членка на ЕУ, така што повеќе од извесно е дека притисокот е врз нас. Франција тоа не го гледа вредносно како што ние го гледаме, туку го гледа процесно, договорете се со Бугарија за да може да тераме и понатаму. Проблемот е што овдешните политичари го гледаат датумот како цел по себе, а ние треба да зборуваме за членство, а не за датум. Во услови кога Макрон излезе со идејата за „европска геополитичка унија“, беспредметно е да се зборува понатаму – истакнува Боцевски.