Фото: Фејсбук страница на српскиот претседател

Иницијативата „Отворен Балкан“ опстојува благодарение на Тирана, Белград и Скопје, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ и посочи дека САД имаат коректен однос кон оваа иницијатива, што, како што кажа, не може да се каже за Европејците, јави дописникот на МИА од Белград.

Во синоќешното гостување во емисијата „Хит-твит“ на телевизија „Пинк“, Вучиќ на прашањето за анкетата во Македонија, според која Србија се смета за најдобар пријател, одговори дека ја видел и оти се разбира дека Србија им е најдобар пријател на Македонците.

– Да, го видов тоа, и за политичарите и за земјите. Србија, се разбира, им е најдобар пријател – рече Вучиќ.

На прашањето дали е изненаден од таквиот одговор на Македонците, српскиот претседателот одговори дека не е изненаден.

– Не сум изненаден. Ние сме најголемите пријатели на Северна Македонија. Кого поблизок имаат од Србија? Ние сме единствените кои не им бараме промена на името, знамето, јазикот, ниту што било друго. Го сакаме македонскиот народ. Ништо не бараме од нив. Освен да бидеме во најдобри можни односи, да бидеме пријатели и браќа – кажа Вучиќ.

Тој изјави дека е во план наскоро Србија да организира еден голем саем на вино на кој ќе бидат поканети сите и додаде дека останува да се договори датумот, кој ќе биде на крајот на мај.