Фото: Игор Бансколиев

Се чини дека секое геополитичко поместување во светот како „глобално село“, а особено кога е проследено со употреба на оружје, има сериозен потенцијал да ги активира запретаните, но тлеечки антагонизми и на Балканот. Така, вознемирувачката актуелност на руско-украинскиот судир ги возбуди духовите на балканските држави, а „неофицијални аналитички центри“ веќе со полна пареа креираат претпоставки за прелевање на воениот судир од релативно оддалечениот конфликт на нашиот
регионален терен…

Потенцијалот на руско-украинскиот конфликт за разгорување на балканските антагонизми

Западната перцепција за Балканот (особено Западен) како „буре барут“ никако не е надмината, што можеби се премолчува, најмногу се забележува во резервираноста на ЕУ спрема политиката на проширување кон земјите од овој регион. Се чини дека секое геополитичко поместување, а особено кога е вооружено, има сериозен потенцијал да ги активира запретаните, но тлеечки антагонизми на Балканот. Вознемирувачката актуелност на руско-украинскиот судир засега ги возбудува духовите на балканските држави во смисла на потреба за официјално (не)заземање страна, но сепак не мируваат ни оние „неофицијални аналитички центри“ што креираат претпоставки за прелевање на кризата од релативно оддалечениот конфликт на нашиот регионален терен.

Соседно Косово прво налистата како ново безбедносно жариште

Во косовските медиуми веќе се разработува хипотезата за „агресија од Србија по наредба на Путин“, но притоа во одбранбената стратегија во таквата евентуална ситуација се разгледува потребата од „современо оружје за косовската војска за можните борбени судири, но не само заради одбрана на Косово туку и за завладување на долината на Западна Македонија“.
Путин од вчера ја смени физиономијата на Европа. Ако случајно му успее да го спроведе својот план како што замислил, откако ќе ја заврши инвазијата на Украина, тогаш тој ќе се насочи да запали уште едно огниште, за светот да нема време да се занимава со Украина и со него, туку да се ориентира кон гаснењето пожар на друго место. Како жешки точки на Путин се сметаат Босна, Косово и Црна Гора. За едно такво ново огниште на Путин му е доволно да ѝ даде знак на Србија, која би тргнала во напад – ги изнесува своите претпоставки политичкиот аналитичар Шериф Рамбаја во еден косовски медиум.

Сите отворени прашања во регионот генерираат конфликтни состојби

Не толку далечните искуства со распалување конфликти во регионот што ЕУ го нарече Западен Балкан, тлеечките антагонизми, но и нескротената желба за експанзионизам, сепак не оставаат комоција да се отфрлат како небулозни какви било хипотетички анализи.
– Оправдани се стравовите на Западен Балкан што ги рефлектира војната во Украина, која иако е далеку географски, може да разбуди нечии екстремни визии. Во поновиот глобален свет домино-ефектот на конфликтите ја отфрла тезата за географска далечина, бидејќи светот е веќе силно поврзан преку економиите, медиумите и транспортот. Самата содржина на тезата на Путиновата окупација, која имплицира историски, религиски или политичко-идеолошки аргументи за напад, рефлектира светло и кон Балканот. Зошто? Затоа што тука постојат незатворени прашања, како на пример косовското прашање и функционалноста или нефункционалноста во федерацијата БиХ. Отвореното додворување на Вучиќ и Додик кон руската политика (енергетска и воена) е потенцијална опасност за Балканот и може Русија да цели кон замрзнатото прашање за статусот на Косово, бидејќи и делови на Украина имаа замрзнат конфликт или статус, па се случи тоа што се случува – вели политичко-безбедносниот аналитичар Милан Стефановски.

Потенцијалниот импакт кон Македонија?

Причината за активирање на воените дејства на Русија во Украина, по признавањето на независноста на областите Донецк и Луганск на украинска територија од страна на Москва, остава простор за внимателност кога станува збор за ефектот на сепаратизмот во креирање кризни жаришта низ светот. Петар Богојески, аналитичар и хроничар на геополитичките процеси, смета дека ако се наруши принципот на меѓународното право за неменливост на границите, се отвора Пандорината кутија.
– Случувањата во Украина имаат потенцијал да отворат многу кризни жаришта, особено во Европа, каде што има огромен број регионални сепаратистички тенденции. Правото на самоопределување е ограничено со меѓународното право за неменување на границите. Штом тој принцип се наруши, се отвора Пандорината кутија, во чиј виор може да биде зафатена и Македонија. Таквиот процес најсоодветно би се превенирал со активирање на Обединетите нации, кои треба да воспостават правила на однесување во современата геополитика, за што, всушност, и се создадени по Втората светска војна и да ги обесхрабрат сите сепаратистички тенденции, секаде низ светот, без исклучок – вели Петар Богојески.
На опасноста од рефлексиите од руско-украинскиот конфликт врз Западен Балкан, аналитичарот Стефановски гледа и како „сигнал кон ЕУ и САД што поскоро да ги затворат отворените прашања на Балканот, за да нема следна рунда на руската офанзивна стратегија“.
– ЕУ конечно треба едногласно да одлучува за стратегискиот концепт на проширување кон Западен Балкан, за да може да се позиционира како геополитичка сила и внатре во себе да пронајде механизам преку преговори да се доаѓа до решенија за сите отворени прашања. Практично тоа се манифестира со бугарската позиција кон Македонија, која е апсурдна, но остава простор за евроскептицизам кај народот, што, пак, отвора други опасни перспективи понатаму, со можност да се зајакнат партии што не споделуваат вредности со САД и ЕУ – вели Стефановски.
Сепак, неговите процени се дека Македонија е целосно надвор од можни импликации по територијалното уредување или некаков оружен конфликт, бидејќи е земја-членка на НАТО и активно сигнализира поддршка заедно со партнерите.
– Сега се гледа практично колку беше важно што Македонија е земја-членка на НАТО и со овие немили случувања ги суспендира сите небулози кон тие што имаа дилеми. Овој период како држава успеавме да изградиме покохезивно функционално мултиетничко општество, кое сега е браник за можни дестабилизации. Ако бевме надвор од НАТО, ќе имавме потреба од силна загриженост поради нашето опкружување, но и за внатрешното уредување. Не верувам во конфликт на Балканот, иако се создава страв – заклучува Милан Стефановски.