Виктор Орбан (лево) и Александар Вучиќ/Фото: Твитер - СНС

Не се очекуваат големи политички промени по вчерашните убедливи изборни победи на унгарскиот премиер Виктор Орбан и на српскиот претседател Александар Вучиќ, за кои придонесe определбата на унгарските и српските гласачи кон стабилноста додека трае воениот конфликт во Украина, како што посочува политичкиот аналитичар Петар Арсовски во изјава за „Нова Македонија“. Според прелиминарните резултати, Орбан го освои четвртиот последователен мандат, триумфирајќи над здружената опозиција, а Вучиќ обезбеди уште пет години на претседателската функција, додека неговата партија Српска напредна странка (СНС) е во позиција да формира владино мнозинство.

– Не се очекуваат големо влијание и драматични промени во политиката, бидејќи анкетите во Србија и во Унгарија укажуваа на ваков исход од изборите, предвидувајќи стабилна предност на Вучиќ, додека процентите на Орбан во извесна мера се намалуваа со доближувањето на изборите. Но и двајцата остварија очекувани победи бидејќи гласачите се водеа кон стабилноста при случувањето на воениот конфликт во Украина. Впрочем, изборниот слоган на Вучиќ гласеше – „Мир, стабилност, Вучиќ“ – вели Арсовски.

Петар Арсовски/Фото: Принт-скрин

Заедничко за двајцата лидери е што негуваат добри односи со Русија и со Кина, и покрај притисоците од ЕУ, со што Арсовски смета оти Орбан и Вучиќ веќе се изјасниле на страната на Западот, наспроти одржувањето на врските со Русија.

– Ќе биде одржана дистанца помеѓу Русија и Западот, при што главниот притисок на ЕУ врз Србија, како и врз Бугарија е да изберат страна. Но Вучиќ и Орбан веќе се изјаснија дека припаѓаат на Западот и покрај добрите односи со Русија. Преговорите помеѓу Србија и ЕУ се одвиваат бавно и ќе биде потребна една деценија за таа да дојде на очекуваното ниво од ЕУ. А во случајот на Унгарија која е членка на ЕУ и на НАТО, Франција и Германија веќе бараа во Унијата да не се одлучува со консензус, но мислам дека ќе помине долго време пред да се одлучи по тоа прашање – заклучува Арсовски.