Фото: Емил Јовановиќ

„Бог се јави. Навистина се јави“ е поздравот со кој верниците секој 19 јануари го честитаат празникот Богојавление-Водици. Овој ден веќе два милениума се смета за еден од најголемите христијански празници, со кој му се дава значење на крштевањето како една од светите тајни на христијанството.
Прославите на овој ден се најизразени во Скопје, на реката Вардар, и во Охрид, на Охридско Езеро.
Во Скопје, церемонијата ќе почне со богојавленската литургија, во 9 часот, во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“. Оттаму, во 11.30 часот, г.г. Стефан, поглаварот на Македонската православна црква-ОА, со свештениците ќе се упати на мостот кај хотелот „Холидеј ин“, каде што околу 12 часот во водите на Вардар ќе го спушти крстот и ќе ги поздрави верниците со зборовите „Бог се јави“, на што тие ќе му возвратат со „Навистина се јави“.
Оваа година, поради пандемијата, нема да има масовно фрлање по крстот, сон на многу капачи, како што беше вообичаено низ годините.

– Десетина капачи годинава ќе се фрлаат во водите на Вардар. И оваа година ќе се избегне вообичената масовност, кога по крстот се фрлаа повеќе капачи – велат од скопската епархија.
Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа.
Според теолозите, крштевањето значи и духовно раѓање, односно со самиот чин на крштевање почнува живеењето на човекот во верата.
Крстот е симбол на христијанството, а света должност е тој да се сака и да се чува. Откако водата ќе биде осветена, граѓаните масовно полнат од осветените води. Се верува дека на тој ден водата е благословена и лековита и носи здравје, среќа и благосостојба.


Охриѓани се подготвуваат за Водици

Во Охрид, на градското пристаниште, годинава ќе има масовно фрлање по крстот. Целата церемонија ќе ја води надлежниот владика г. Тимотеј.
Членови на клубот за подводни дејности „Охрид“ викендов го чистеа дното на Охридско Езеро кај градското пристаниште, каде што на празникот Водици, в среда, ќе биде положен чесниот крст во осветените води.
Нуркачите на „Охрид“, исто така, од вода ќе ги обезбедуваат капачите што ќе пливаат по крстот во Охридско Езеро.
Охриѓанецот Никола Чорбески, 34 години, минатата година за првпат го фатил крстот во родниот град. Тој се надева дека и оваа година ќе го следи истата среќа. Чорбески верува дека фаќањето на крстот му донело успешна година за него и за неговото семејство.