Фото: Игор Бансколиев

Не е дека само некои од медиумите во Македонија подзаборавија на обврската за почитување на општоприфатените вредности и дека им се препуштија на невкусот и на непрофесионализмот. Насекаде низ светот, во поголема или во помала мера, медиумите ја занемаруваат својата информативна и едукативна функција, претпочитајќи ја „забавната“, дури и таму каде што никако не би смеело да ѝ биде местото, во известувањето за настаните со трагични последици

Дневната доза крв во медиумите
сѐ поголема

Во обид да ја привлечат публиката и да им конкурираат на социјалните мрежи, голем дел од средствата за јавно информирање сѐ почесто се фаќаат во стапицата на сензационализмот, кој ниту го зголемува степенот на информираноста на публиката ниту ја унапредува новинарската професија. Тоа особено, како што потенцираат упатените, се однесува на медиумското следење и известување за трагичните настани, како што беше неодамнешната сообраќајна несреќа во Скопје, по која дел од медиумите објавија експлицитни кадри од телото на жртвата, а експресно дадоа и некаков опис и на починатиот и на повредениот учесник во несреќата, со што, според голем број соговорници со кои се консултиравме, се отвори можност граѓаните што ги прочитале ваквите информации да се вознемират, потресат и под стрес да трагаат по нови (дез)информации за настанот, бидејќи помислуваат дека случката е поврзана токму со нивните најблиски. Слична ситуација имаше и по автобуската несреќа во Бугарија во ноември, кога загинаа 45 луѓе, како и по септемврискиот пожар во тетовската болница, кој зеде 14 жртви. Премногу брзо беа објавувани снимките, описите и листите на настраданите…, како самите димензии на трагедиите да не беа доволно големи.
Но не е дека само некои од медиумите во Македонија подзаборавија на обврската за почитување на општоприфатените вредности и дека им се препуштија на невкусот и на непрофесионализмот. Насекаде низ светот, во поголема или во помала мера, медиумите ја занемаруваат својата информативна и едукативна функција, претпочитајќи ја „забавната“, дури и таму каде што никако не би смеело да ѝ биде местото, во известувањето за настаните со трагични последици.
И додека едни се обидуваат да го објаснат и оправдаат тоа со трката по профит, публика, рејтингот, лајкови…, други се категорични дека тоа е еден недозволив тренд што мора да запре.
– Мора со максимална умереност да се пристапи кон известување за такви настани и нивно илустрирање. Не е голема помош ниту за унесреќените ниту за јавноста ако директно се покажат сликите на жртвите, а погрешна е и процената дека тоа, на кој било начин, ќе биде ефектуирано. Тоа не придонесува ниту за поголем степен на информираност ниту за развој на професијата – објаснува професорот по новинарство Живко Андревски.

Освен тоа, пред извесно време, имаше и едно објаснување од центарот за новинарство и траума „Дарт“ при универзитетот „Колумбија“, според кое, известувањето за трагедиите остава големи последици и врз новинарите и снимателите, што во Македонија сѐ уште не е доволно препознаено како проблем и на местата на настаните се испраќаат дури и неискусни известувачи.
Новинарските здруженија во земјава редовно реагираат на ваквите појави и апелираат до медиумите доследно да го почитуваат Кодексот на новинарите кога известуваат за настани во кои има трагични последици проследени со загубени човечки животи, па така беше и по прексиноќешната сообраќајна несреќа, во која на пешачки премин во Скопје загина млада девојка, а нејзиниот придружник беше повреден.
– Објавите преку кои се прикажуваат експлицитни кадри од сообраќајната несреќа може да ја вознемират јавноста и да предизвикаат дополнителна душевна болка кај членови на семејството и блиски лица на починатите. Медиумите имаат обврска да ја информираат јавноста за информации од јавен интерес, но притоа да ја почитуваат приватноста на личноста, како и личната болка и жалост, а во согласност со членот 8 од Кодексот на новинарите, според кој, начинот на информирање во случаи на семејни трагедии мора да биде ослободен од сензационализми – укажаа кој знае по кој пат од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и од Советот за етика во медиумите (СЕММ).
Но дури и неколку часа по вчерашното укажување од ЗНМ и од СЕММ, некои од медиумите што ги објавија експлицитните кадри од несреќата сѐ уште ги немаа повлечено од своите веб-страници. Д.М.М.