Токму стагнацијата и назадувањето на општеството во редица клучни параметри, како што се борбата со корупцијата, состојбата во сферата на медиумите, (не)владеењето на правото, слабиот економски развој, (не)ефикасноста на администрацијата…, можат многу лесно да се претворат во внатрешен „вето-потенцијал“ за македонските евроинтеграции. Ако сакаме да се доближиме до ЕУ мора да направиме значаен исчекор во сите овие сфери, а не како досега да практикуваме антиевропски мерки и политики

Воопшто не е некој особен предизвик да се констатира дека голем дел од евроинтегративната енергија на македонската политика и дипломатија, последниве две-три години се троши на барање решение за вето-блокадата и уцените од Бугарија. Две децении претходно беше ветото на Грција (како за НАТО така и за ЕУ), а во периодот меѓу грчкото и бугарското вето, континуитетот на блокадите за почеток на преговорите на Македонија за членство во Европската Унија го одржа Франција. По потпишувањето и контроверзното изгласување и спроведување на Преспанскиот договор од страна на Македонија, Франција одлучи да го реформира начинот на пристапување со воведување нова методологија… Иако Европската комисија повеќе од десетина години дава препораки за почеток на преговорите, со образложение дека се исполнети Копенхашките критериуми, неизвесноста за одржување на првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ се претвора во хронична состојба, која предизвикува стагнација (некаде дури и назадување) во процесите на демократизација и економски развој на општеството. Токму стагнацијата и назадувањето на општеството во редица клучни параметри, како што се борбата со корупцијата, состојбата во сферата на медиумите, довербата во правосудството и владеењето на правото, економскиот развој, (не)ефикасноста на администрацијата…, можат многу лесно да се претворат во внатрешен „вето-потенцијал“ за македонските евроинтеграции.
Ако сакаме да се доближиме до ЕУ мора да направиме значаен исчекор во сите овие сфери, а не како досега да практикуваме антиевропски мерки и политики.
Неодамна, амбасадорот на Холандија во земјава, Дирк Јан Коп, предупреди дека Македонија е на листата на најкорумпирани земји, во друштво со Колумбија и Етиопија. Според него, државата е далеку од просекот на ЕУ, а корупцијата е навлезена длабоко во сите сфери на општеството. Според Коп, ваквата ситуација е бидејќи нема применливост на законите, а политичарите ги ставаат личните интереси пред интересите на граѓаните.

– Во група сте со земји како Етиопија, Колумбија. Ова не е една од групите каде што сакате да припаѓате. Навистина е далеку од просекот на ЕУ. Оваа состојба е бидејќи, и покрај фактот што имаме веќе правна и законодавна рамка, недостига применливоста. Тоа се случува бидејќи нема политичка волја. Во земја со два милиона жители, потребните реформи можеа да бидат завршени пред многу години. Па тогаш зошто кога сите главни политички чинители велат дека нивна цел е да станете земја-членка на ЕУ не се обединат да го решат ова прашање. Одговорот е во длабоко вкоренетите лични интереси и корупцијата – директен е амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп.
Корупцијата како слабост на македонскиот политички систем и општество, што може да ги доведе во прашање оцените за внатрешните капацитети на Македонија за придружување на европското семејство, претставува само еден конец од заплетканото клопче на домашни предизвици за членство во ЕУ.
И последните случувања со намерата на Владата драстично да ги намали субвенциите за печатените медиуми директно се косат со европските практики и начела. Или со други зборови, тоа е брцање прст во окото на ЕУ.
Зашто токму односот кон медиумите е секогаш на врвот на европската агенда, како еден од клучните критериуми за членство. Европа посебно внимание посветува на печатените медиуми, на кои им дава и соодветна поддршка и помош. Ако на ова се дополнат и редица други предизвици на домашен план, тогаш навистина сопките што си ги ставаме самите однатре се опасни како и оние однадвор. Се чини како државата и политичките чинители да немаат воопшто чувство за потребите на државата и често применуваат контроверзни и антиевропски мерки и политики.
– Главниот внатрешен проблем за македонските евроинтеграции во изминативе триесетина години независност на државата е неединството на политичките чинители. За целиот овој период никогаш не беше постигнат консензус барем за клучните национални прашања. Немаме национална стратегија за која би се согласиле и би се придржувале партиите, било да се на власт или во опозиција. Клучните државотворни прашања досега (прашањето за името, евроинтеграциите, членството во НАТО…) биле дел од арсеналот во борбата за гола власт на партиите. Истиот таков однос на партиите го гледаме и сега во справувањето со предизвиците од последниве две-три години: реформите во правосудството, во администрацијата, во борбата со корупцијата…, па до справувањето со пандемијата на коронавирусот, енергетските предизвици. Притоа не се гледа развој на општеството, ниту во демократските ниту во економските процеси ниту е подобрен животот на граѓаните. Смислата на сите реформи е токму подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, а граѓаните се понезадоволни. Воопшто смислата на евроинтеграциите на Македонија е вредностите и стандардите на ЕУ да бидат составен дел од животот на македонските граѓани – вели универзитетскиот професор на Правниот факултет при УКИМ, Борче Давитковски.
Не одрекувајќи ги слабостите на македонското општество и однесувањето на политичките фактори со економските и политичките предизвици на државата, како на внатрешен така и на надворешен план, професорот филозоф Ферид Мухиќ, сепак, смета дека главната опструкција за евроинтеграциите на Македонија се ветата од надворешните елементи.

– Главната закана на евроинтегративниот пат на Македонија се ветата од надворешните елементи. Сите детектирани слабости во македонското општество – како корупција, недоверба во правосудството, застој во економскиот развој…, секако дека не претставуваат добра слика за животот на граѓаните во државата и претставуваат предизвик што треба да се совлада, но не се аргумент за вето на нашите евроинтеграции. Всушност, во поглед на наведените слабости, тие се многу полоши и поизразени токму кај земјите-членки на ЕУ што ги попречуваат со вето нашите евроинтеграции. Исти се слабостите кај сите држави во ЕУ, само што кај нас станува збор за многу помалку пари – и за предизвикување, и за надминување на слабостите – заклучува професорот Ферид Мухиќ.