На пленарна седница денеска имавме можност да го видиме односот на СДСМ и ДУИ, односно како владејачкото мнозинство се однесува кон сите категории граѓани, особено кон пензионерите, категорија на граѓани која најтешко ги поднесува овие кризи и состојби во државата, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека имаме пораст на цените на одредени производи, како и на електричната енергија поради тоа пензионерите може да западнат во една критична група на граѓани коишто тешко го поминуваат месецот.

Од таа причина пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе законско решение со кое бара зголемување на вкупниот износ на исплата на сите видови пензии за април за 20 отсто. Мицевски истакна дека по реакции на одредени групи граѓани, односно пензионери, размислуваат на комисиска расправа да дискутираат за можноста за зголемување на пензијата линеарно по 3.000 денари за секој граѓанин, за да нема голема разлика во зголемувањето на пензиите.

– Меѓутоа, за жал, овој материјал или овој закон владејачкото мнозинство го изгласа против, за да не може за истиот да се дискутира на пленарна седница денес. Со жалење можам да констатирам дека владејачкото мнозинство едно зборува, а друго прави. Можноста да изгласаме законско решение и почеток на разговори за законско решение за зголемување на пензиите на пензионерите за 20 отсто беше денес пред пратениците, меѓутоа пратениците од СДСМ и ДУИ гласа против ова законско решение – изјави Мицевски.

На ваквите тврдења на ВМРО-ДПМНЕ возврати Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

– Тоа што го прави ВМРО-ДПМНЕ во последниот период, последната недела две е чисто лицемерие и фаќање приклучок кон процесите коишто ссе одвуваат во државата. Ако вратиме назад можеме да забележиме дека ВМРО-ДПМНЕ беше и против зголемување на минималната плата со образложение дека тоа ќе значело отпуштање на вработени или останување на луѓето на улица без работа. Кога видоа дека и со зголемена плата бројот на невработени се намалува во нашата држава, веќе фаќаат приклучок и тие во последниот период ја поддржуваат минималната плата, наводно ја поддржуваат – изјави Митрески.

Тој ја критикуваше ВМРО-ДПМНЕ во врска со платите на наставниците и стручните соработници во основното и во средното образование.

– Една година блокираат Закон во Собрание со кој платите на наставниците и во основно и во средно образование ќе бидат усогласени со порастот на минималната плата – тврди Митрески.

– ВМРО-ДПМНЕ десет месеци ја блокираат работата на Комисијата за образование, ќе значеше повисока плата и во овој период за наставниците, со порастот сега, на минималната плата таа дополнително ќе се зголемува. Сега ВМРО-ДПМНЕ за да фати некаков наводен приклучок пушта нивни предлог-закон со мала измена, мислам или се надевам дека тоа е измена за да направат некаква разлика, а ако не е така, тогаш уште еднаш покажуваат дека не излегле од онаа стара матрица да ги држат вработените во образование, наставниците и во основно и во средно образование под притисок на партијата, односно како што ги и користеле и во минатото за партиски протести, контра протести да ги користат и денес – кажа Митрески.

Тој се осврна и на, како што рече, наводната грижа на ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на пензиите, кога во јавноста се отвора темата пензии.

– Кога Владата, економскиот сектор во Владата и економските министри работат со Фондот за пензиско осигурување, работат со сите засегнати страни, кога се отвора и кога сè е јасно и кога се знае дека пензиите ќе растат, тие денес покажуваат некаква наводна грижа и пуштаат предлог за покачување на пензиите.Очекувам дека тоа ќе го прават и во следниот период со други законски решенија, но уште еднаш ќе го покажат новното лиицемерие и нивната дволичност – изјави Митрески.