Фото: Фејсбук/ВМРО-БНД

За антибугарската Македонија нема место во ЕУ, според декларацијата на извршниот комитет на бугарската опозициска партија ВМРО-БНД во врска со одлуката што денеска ја изгласа бугарскиот парламент за прифаќање на францускиот предлог, давајќи поттик на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, а пренесува „БГНЕС“.

Меѓу причините за ваквиот став на ВМРО-БНД се наведува оти одлуката за прифаќање на бугарскиот парламент била донесена во последен момент и под невиден притисок, при што таа не го штити бугарскиот национален интерес. Згора, бугарската партија смета дека Македонија не го имплементира договорот за добрососедство.

Во соопштението се тврди дека дошло до „предавство на каузата Македонија“, за што се истакнуваат повеќе прични кои се наведени во продолжение.

1. Кирил Петков ја наруши конструкцијата и кукавички избега од обврската на Министерскиот совет да формулира став, префрлајќи ја одговорноста на Народното собрание.

2. Новата коалиција „Предај ја Македонија“ од ПП, ГЕРБ, МРФ и ДБ е во очигледна служба на странските сили.

3. Одлуката нема практично значење затоа што Скопје ја отфрли и изнесе контра-барања кои не враќаат назад. Бугарските отстапки денеска ќе доведат до зголемен надворешен притисок, бидејќи е очигледно дека Софија е подготвена да отстапи.

4. Одлуката е понижувачка. Во Скопје побараа од Бугарија да клекне и да се извини, а Ковачевски францускиот предлог го фрли во ѓубре. Партиите во Народното собрание денеска клекнаа за да го извадат здробениот предлог од македонската канта.

Од ВМРО-БНД нагласуваат дека нерешените прашања мора јасно да се внесат во преговарачката рамка и Македонија да биде принудена да ги спроведе.

Приврзаниците на ВМРО-БНД предводени од европратеникот Ангел Џамбаски во изминатите неколку дена ги блокираа домовите на премиерот во заминување Кирил Петков и на лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, во знак на протест поради политиката за Македонија.