Фото: Маја Јаневска-Илиева

Денеска во основните и во средните училишта во државата започнува второто полугодие од оваа наставна година, со што повторно се актуализираат и прашањето и дилемата за евентуално дополнување и збогатување на наставните програми со нови области и содржини, како на пример, екологија, веронаука, сексуално образование, толеранција, родова еднаквост итн. Тоа е само еден дел од областите за кои постојано се зборува и дебатира во јавноста, но истите тие или недоволно се изучуваат или воопшто не се изучуваат во училиштата

ЗАРАДИ ДРЖЕЊЕ ЧЕКОР СО ЕВРОПСКИТЕ ОБРАЗОВНИ СИСТЕМИ

Македонија константно спроведува реформи во својот образовен систем, но се добива впечаток дека одредени области, кои можеби допираат во неформалната сфера на образованието, како да се држат настрана, без интерес за нивно вклучување во наставните планови и програми. Денеска во основните и во средните училишта во државата започнува второто полугодие од оваа наставна година, со што повторно се актуализираат и прашањето и дилемата за евентуално дополнување и збогатување на наставните програми со нови области и содржини, како на пример, екологија, веронаука, сексуално образование, толеранција, родова еднаквост итн. Тоа е само еден дел од областите за кои постојано се зборува и дебатира во јавноста, но истите тие или недоволно се изучуваат или воопшто не се изучуваат во училиштата.
Образовните експерти со кои се консултиравме велат дека секогаш постои простор за збогатување на неформалното образование во Македонија, за кое се добива впечаток дека каска зад она во земјите во Европската Унија.
Поранешниот заменик-министер за образование Петар Атанасов оценува дека постојат формално (законско), неформално или еден вид сертифицирано образование (каде што се добива некаков сертификат) и информално (искуствено) образование.
– Во делот на формалното образование, се создава основата на образованието, при што од шестгодишна до 10-годишна возраст постојат меѓу четири и пет основни предмети. До 15-годишна возраст се помеѓу осум и девет основни предмети, потоа учењето се насочува во зависност од предиспозициите и желбите на децата. Во основното формално образование не смее да се додаваат многу нови предмети поради преоптоварување на децата. Но, секако, се потребни повеќе теми или области што треба да се усвојат за да создадеме добри граѓани и специјализирани работници – вели Атанасов.
Тој објаснува дека најдобро е темите да се изучуваат во рамките на други предмети, мајчин јазик, англиски јазик, како модули и тука да се вметнуваат дополнителните трендови, некогаш само како факултативни предавања.

– Има мали теми, како што се хигиената, но и големи теми, како што е екологијата. Но јас лично не би препорачал повеќе од една голема тема месечно. Некои теми треба да се повторуваат секоја година, како борба против врсничкото насилство, свест за семејното насилство, теми од сексуалното образование итн. – вели Атанасов.
Тој појаснува дека образованието се состои генерално, освен од основни и посебни педагошки постапки, и од усвојување на знаењата, но и од учењето вештини и создавање компетенции за одредени области или професии, кои ќе им бидат потребни на учениците во иднина.
– Исто така, сѐ уште се води дебата меѓу експертите и креаторите на образовните модели дали и колку треба образованието да има идеолошки компоненти. Секоја држава сама одлучува за ова, нема еден универзален модел. Секој овој дел бара години и години развој и генерирање сопствен модел на образование – резимира Атанасов.
Чешкиот професор Михал Вит, кој со години е вклопен во македонскиот образовен систем, прави разлика со оној на Европската Унија во делот на дополнителните вештини што ги учат учениците.
Според Вит, кога живееме во ера на дигиталната технологија, мораме да најдеме начин како нашите деца да ги стимулираме со дополнително, но неформално образование да ги изградат своите вештини за да бидат конкуренти на оние од децата во ЕУ-земјите.
– Имено, тука би поттикнал дека образовните програми треба да ги стимулираат средношколците повеќе кон дигитализација, програмерство и роботика, нормално доколку децата имаат такви преференции. Во основното образование, пак, но во делот што ги образова, условно кажано повозрасните дечиња во последните две години од овој образовен циклус, советувам да се вградат вештини што ќе ги обучат децата за социјалните вредности, за екологијата, за родовата еднаквост, за толеранцијата, верата, но и сексуалните теми – вели професорот.
Тој истакнува дека во состав на предметите, на македонскиот образовен систем му недостига и практична работа на децата, која може да се изгради преку разни работилници за сите можни области од општественото живеење.

– Ако би направил споредба со системите во ЕУ, во кој сум предавал во повеќе држави, и во Македонија, тогаш би заклучил дека на македонскиот систем му недостига шаренилото на голем број неформални образовни предмети, бидејќи децата и младинците на тој начин подобро ќе го држат чекорот со нивните врсници во Европа – резимира професорот.
Во меѓувреме, од годинава нашата земја направи исчекор единствено со пилот-програмата за образовање на децата за сексуално образование, но, за жал, многу од другите области остануваат да се спроведат во иднина.
Имено, од Бирото за развој на образованието (БРО) информираат дека предметот Сексуално образование ќе биде изборен, односно со доброволно учество на учениците врз основа на претходно спроведена анкета и со потврдена согласност од страна на нивните родители.
Во нашата земја, овој предмет се изучува само како пилот-програма во четири училишта, и тоа во „Јан Амос Коменски“ во Карпош, „Кузман Шапкарев“ во Кисела Вода, „Лирија“ во Чаир и „Братство Мигени“ во Тетово.

[email protected]