Фото: Игор Бансколиев

Во пошироката и во стручната јавност засега нема согласност за тоа како овој судир ќе влијае врз и така тешката состојба во земјава и како е најдобро тој да се реши. Еден дел од јавноста го поддржува штрајкот, потсетувајќи на растечката инфлација и на зголемувањето на цените, а другиот дел вели дека сега не е вистинско време за манифестација на незадоволството и за блокада на институциите

ПОДОЛГ ПЕРИОД АКУМУЛИРАНОТО НЕЗАДОВОЛСТВО ЕСКАЛИРА

Претставниците на државната и јавна администрација, вчера со мошне оригинален перформанс пред Собранието и со невообичаено жестоки пораки до Владата го започнаа генералниот штрајк, откако не беше постигнат договор за линеарно зголемување на нивните плати за по 2.806 денари. Подолг период акумулираното незадоволство деновиве, како што е најавено, ќе биде демонстрирано со присуство на работниците на нивните работни места, но и со реализација на работниот процес со по само десет отсто од капацитетите, со протести пред работните простории, Собранието, Владата и Министерството за финансии. Како одговор на ова, од Владата дојде информација дека на нејзината завчерашна седница, меѓу другото, била усвоена и информација за подготовка на стратегија за реформи во јавната администрација за периодот од 2023 до 2030 година.

Владата континуирано ја реформира администрацијата, за која вели дека е неефикасна, недигитализирана и без квалитетни услуги за граѓаните

– Во рамките на континуираниот процес на реформи во јавната администрација и силните заложби во таа насока, целта е обезбедување модерна и ефикасна јавна администрација, базирана на дигитализација, која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти – порачаа од Владата.
Но со закана настапи и лидерот на синдикалците Дарко Димовски, кој само неколку часа претходно се обрати од пред зградата на парламентот, каде што беа наредени 120 празни столчиња, и објави дека се чувствувале излажано и изманипулирано.
Тој ги повика пратениците и министрите да придонесат за усвојување на потребниот амандман, со кој ќе се овозможи линеарно зголемување на платата на работниците за 2.806 денари.
Ги повикувам народните избраници од сите политички партии да дојдат денеска, да ја дадат поддршката. Не на ССМ, туку на работникот, преку прифаќање на амандманот од 2.806 денари, веднаш и сега. Ако и ова не се случи, штрајкот што се одвива во моментов им е Дамоклов меч на сите јавни функционери и политичари. Оние што нема да го поддржат нашиот предлог, наше право ќе биде од нив да побараме оставки – кажа Димовски.
Во пошироката и во стручната јавност засега нема согласност за тоа како овој судир ќе влијае врз и така тешката состојба во земјава и како ќе заврши. Додека еден дел од јавноста го поддржува штрајкот, потсетувајќи на растечката инфлација и на зголемувањето на цените, другиот дел вели дека сега не е вистинско време за манифестација на незадоволството и за блокада на институциите.
– Мора да се покаже трпение и сериозно да се започне со дијалог за системско решение со платите, кои, реално, се на многу ниско ниво. Но тоа треба да биде преку соодветни коефициенти, во процес во кој би се вклучиле експерти што навистина се разбираат од оваа работа, секако и од Владата ако има такви, но јас не ги гледам, па дури не ги гледам ниту во синдикатот. Да се расчистат прашањата едно по едно на подолг временски период. Оти сега вака, на овој начин, можеме само да ја „лупнеме“ државата во стечај – изјави за јавноста експертот и активист за работнички права Драге Јовановски.
Но, според изјавата на првиот синдикалец Димовски, од досегашните разговори тие не почувствувале никакви ефекти.

Кој рекол, а кој одрекол дека постои договор?

– Ние си подадовме рака со претставници од Владата дека тоа право на работниците ќе се применува од први јули. Но потоа ги снема. Вчера, во пет до дванаесет, нѐ убедуваа дека не е време за штрајк. Тие во ребалансот на буџетот не предвидоа средства за зголемување на платите, што е според Законот за минимална плата, кој предвидува усогласување на платите во рок од шест месеци – објасни вчера Димовски.
Економистите, пак, оценуваат оти станува збор за мошне сложена состојба предизвикана од кризата, но и од некои неусогласени антикризни мерки, поради што, според нив, нереално е сега да се покачат платите. Со ад хок решенијата, како што велат, ништо не се решава освен што се обезбедува привиден социјален мир.
Изнесените пресметки укажуваат дека за бараното покачување на платите на над 130 илјади вработени во државниот и во јавниот сектор би биле потребни околу 70 милиони евра годишно, за кои, според објавените информации, синдикалците не би имале ништо против да се обезбедат и од веќе планираните задолжувања на државата во странство.
Информациите од теренот кажуваа дека вчера на протести излегле вработените во државната управа, здравството, правосудството, полицијата, комуналните претпријатија… Најавено беше дека штрајкот продолжува и дека денеска ќе се протестира пред зградата на Владата, каде што ќе бидат поставени 21 столче, по едно за секој министер. Д.М.М.