Следните избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година и тоа прашање го затвораме, порача вчера премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, по одржаната средба на владината коалиција.

Ковачевски истакна дека коалициските партнери едногласно заклучиле дека предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните, туку дополнително ќе ги продлабочат и најави фокус на економијата и надминување на последиците од кризата.
– Во наредниот период продолжуваме со одговорот на кризата, преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР – истакна Ковачевски.

Тој посочи дека Владата е стабилна и дека ќе продолжи со работата до истекот на мандатот.

Иако не беше најавено дека на средбата ќе се разговара за францускиот предлог за кревање на бугарското вето, Ковачевски го соопшти заедничкиот став пред јавноста.
– Нема да го коментираме предлогот додека предложениот документ не стане став на сите 27 земји-членки на Европската Унија. Внимателно ги следиме случувањата во Народното собрание на Бугарија, па откако ќе биде усвоен предлогот и ние ќе го добиеме како официјален предлог, тогаш ќе се изјасниме – изјави Ковачевски.

Во врска со македонскиот јазик, тој потенцира дека во преговарачката рамка мора да гласи „чист македонски јазик“, а не како што беше предложено, Македонија и Бугарија да имаат своја резолуција за нашиот јазик.

Тој ѝ порача на опозицијата дека во согласност со Уставот, има право да протестира, но ја повика да биде конструктивна и да ѝ се приклучи на Владата во справувањето со кризата.