Поглаварите на верските заедници во Македонија и министерот за здравство Беким Сали вчера од спомен-куќата „Мајка Тереза“ упатија заеднички повик кон верниците да се вакцинираат.
Министерот Сали повика секој граѓанин сериозно да ја сфати потребата од вакцинација.
– Во време на пандемија, кога речиси секој од нас е погоден од вирусот, кога некои од нас изгубивме наши драги и најблиски, посакувам на овој заеднички начин да упатиме секој граѓанин да ја сфати сериозно потребата за вакцинација, да одговори на нашиот повик за вакцинација и да не дозволи никој да го поколеба во стремежот за спасување на својот и на животот на луѓето околу нас, од оваа чума што веќе две години го смени и начинот на нашето живеење – рече министерот Сали.
Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, се приклучи на заедничкиот апел со поглаварите на верските заедници и апелира граѓаните и верниците да се придржуваат до мерките што институциите веќе втора година ги упатуваат.

– МПЦ преку соопштенија повеќепати во изминативе две години, како и во посланијата за поголемите празници, апелира до верниот народ да се придржува на она што апелираа институциите. И овој пат ќе кажам, подобро е нешто да спречиме отколку да го лечиме. Овој апел така треба да се разбере, упатен е до сите верници – рече поглаварот на МПЦ.
Слична порака испрати и поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Шаќир Фетаху, кој рече дека од почетокот на кризата ги почитуваат сите препораки од Светската здравствена организација.
– Во секој момент апелиравме луѓето да се држат до сите мерки што ги донесовме како ИВЗ во рамките на Министерството за здравство. Апелирањето беше не само преку ИВЗ туку се апелираше во сите џамии, на секоја петочна молитва, во сите меџлиси, групи и слично, и мислам дека тоа беше многу успешна работа. Што се однесува, пак, до вакцинацијата, ИВЗ имаше наредба кај сите верници вакцинацијата да се зема сериозно, затоа што е одлука на СЗО – рече поглаварот Фетаху.