Крајно сум разочаран што сѐ уште разговараме за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија. Мислев дека ова прашање го решивме пред две години, но сега повторно се врати на масата, порача денеска од Софија еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеи во своето обраќање на Форумот за односите меѓу Европската Унија и Балканот.

– Кога сум веќе во Софија, има уште едно големо прашање кое не може да се избегне, а да не се продискутира – а тоа е кога ќе ги имаме првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и со Албанија и кога ќе почнеме да испорачуваме кон овие земји – рече Вархеи.

Вархеи нагласи дека ЕУ нема ниту време, ниту интерес да се одложуваат првите меѓувладини конференции со Скопје и Софија.

– Сите земји членки треба да ја разберат трансформативната моќ на процесот на пристапување. И ова е пораката што ја носам во Софија повторно, бев тука пред три седмици и ќе доаѓам колку што е потребно за да ова се реши ова прашање во јуни годинава, бидејќи војната во Украина ни покажа дека ниту немаме време за губење, ниту интерес да се одложува овој процес – подвлече Вархеи.

Според него, војната во Украина и лекциите од минатото покажаа дека треба да се забрза процесот на целосна интеграција на Западен Балкан во Унијата.

– Кога го наследивме ќорсокакот во процесот на преговори со Северна Македонија и Албанија, ние исто така наследивме регион каде што и економскиот и социјален јаз меѓу ЕУ и регионот е огромен, и тоа останува еден од клучните предизвици, да не ги споменуваме и институциналните реформи што треба да се направат – додаде Вархеи.

Затоа, продолжи Вархеи, е важно проширувањето на Западен Балкан да го ставиме во првите пет политички приоритети на ЕУ, затоа што војната што ја гледаме во Украина веќе ја имаме видено на Балканот и се уште имаме лекции што треба да ги научиме – а тоа е дека целосната интеграција на Западен Балкан во ЕУ најмногу ќе придонесе за стабилност и просперитет.

Еврокомесарот Вархеи по Софија, утре доаѓа во Скопје, во рамки на неговата турнеја низ регионот која ги опфаќа и Хрватска, Бугарија и Албанија.

На овој панел „Придобивки од интеграцијата“ во рамки на форумот, што го модерираше поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Фередика Могерини, говореше и шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој истакна дека во седмиците што следат, одлуките донесени на ниво на ЕУ ќе бидат од суштинско значење за иднината на Западен Балкан и неговата ЕУ перспектива и оти секое натамошното одложување на овој пат може да има сериозни регионални последици.