Фото: Игор Бансколиев

Во повеќето европски земји деновиве се забележува повторно зголемување на бројот на новозаразени од ковид-19. Во меѓувреме, според домашните процени, Македонија е во зелената фаза, што не значи дека е постигнат колективен имунитет против опасниот вирус

Повеќето европски земји повторно регистрираат зголемен број новозаразени лица со ковид-19 на дневно ниво, што говори дека голем дел од земјите избрзаа со укинување на повеќето мерки за заштита од ширењето на заразата што резултира со нов бран во Австрија, Германија, Италија, Холандија, Словенија, како и во други земји.
Деновиве и во Македонија се отвори дебата околу потребата од уште поголемо олеснување на мерките во согласност со секојдневното намалување на бројките на новозаразени, но и врз основа на најновите резултати од скринингот на населението што покажува дека кај популацијата во земјава веќе има висок процент на антитела на ковид-19.
Податоците од анализата од ковид-тестирањето, односно скринингот што го спроведе Министерството за здравство, покажуваат дека кај испитаниците што не се вакцинирани степенот на присуство на антитела се движел од 75 до 76 отсто, додека кај испитаниците што се вакцинирани присуството на антителата е 85-86 отсто, што укажува дека голем број од тие што не се вакцинирани против ковид-19, или прележале или дошле во контакт со вирусот.
Сепак, за надлежните овие бројки не значат дека е постигнат колективен имунитет, истовремено нагласувајќи дека Комисијата за заразни болести е таа што врз база на анализи може да каже дали мнозинството граѓани во земјава имаат имунитет на ковид-19.
Според заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски, најрелевантен параметар се анализите на бројот на новозаболени, починати и хоспитализирани и врз основа на тоа се препорачуваат епидемиолошките мерки.

– Во поглед на актуелната епидемиолошка состојба, моменталните епидемиолошки мерки се во корелација со одредени варијабли, кои се испитуваат во последните шест недели и се предмет на испитување во другите европски земји. Тоа се бројот на новозаболени, починати и хоспитализирани, односно оптовареноста на здравствениот систем. Врз основа на овие варијабли постои посебен алгоритам што го одредува епидемиолошкиот ризик, односно епидемиолошката состојба во секоја земја. Врз основа на таа актуелна епидемиолошка состојба постојат епидемиолошки предлог-мерки. Анализите во државава покажуваат дека во однос на овие три параметри моментално се наоѓаме во зелена фаза и според тоа се имплементираат соодветни епидемиолошки мерки што се во корелација со зелената фаза. Анализите се следат на дневно и на неделно ниво и во зависност од одредено намалување или зголемување на овие параметри така би се планирале и идните епидемиолошки мерки – вели Рендевски.
Епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски претходно предупреди дека методот врз кој е направен овој скрининг не е добар и не нуди вистински резултати.
– Тврдам дека методолошки тоа е сосема аматерски поставена мерка или кампања. Тоа не се прави така – истакна Даниловски.
Неговиот став е дека заклучоците од овој скрининг ќе бидат неупотребливи како основа за дизајнирање и планирање на понатамошните епидемиолошки мерки.

– Не може по случаен избор да се собираат граѓани. Постои нешто што се вика вкупна популација во државата, поделена е на територијални единици. Скопје е најголема, но има и други населени места. Сите имаат различна големина и треба пропорционално да се собере одреден број граѓани за тестирање од секоја од тие територијални единици – посочи Даниловски.
Како и да е, генералниот заклучок останува дека најдобрата заштита од ковид-19 и натаму е вакцинацијата, па за таа цел на почетокот на оваа недела тргна карванот за антиковид-вакцинација, кој до 3 април ќе помине во 14 општини и населени места, меѓу кои Шуто Оризари, Кратово, Радовиш, Струмица, Ново Село, Скопје (пред „Ист гејт мол“), Куманово, селото Матејче во Липково, Арачиново, селото Сандево во Чучер Сандево, Зелениково, селото Неготино во Врапчиште, Кичево и Струга.
Според најавите, вакцинацијата ќе се одвива четири часа во денот (од 11 до 15 часот или од 12 до 16 часот) на плоштади, пазари, домови на културата во овие локални заедници. Оние што се вакцинирани во странство, пак, на локациите ќе може да се евидентираат во системот „Мој термин“.
Карванот е организиран од Министерството за здравство, со поддршка од Светската здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ. С.Т.