За раскинување на Преспанскиот договор, Грција би тужела во Меѓународниот суд на правдата во Хаг (МСПХ)

Токму сега како една од поголемите иронии на обврските за Македонија од Преспанскиот договор е можноста најавена од еден поранешен грчки амбасадор во земјава, дека за негово непочитување и прекршување Грција би тужела во Меѓународниот суд на правдата во Хаг!? Иронијата е дотолку поголема што токму Грција ја игнорираше пресудата на истиот тој суд, кој пресуди дека јужниот македонски сосед ја прекрши Привремената спогодба со ветото од 2008 година во Букурешт за пристапување на Македонија во НАТО. Истата пресуда ја игнорираше и НАТО, па и ЕУ, што беше причина за 11 години подоцна да биде потпишан и Преспанскиот договор

Македонија зад себе има долга историја на справување со ветата на земјите-членки на ЕУ. Но, очигледно, тоа се покажува дека не е никаква предност ниту во билатералните односи со членките на Унијата, ниту да ги прочита и превенира стапиците на Брисел во документите што треба да ги одредат принципите и правилата на процесот на пристапување на земјава во европското семејство. Меѓутоа, овој пат, пред официјалниот почеток на самитот на Унијата под француското претседателство, македонската политичка јавност препозна сериозни недоследности со внесувањето на бугарските барања во преговарачката рамка за Македонија со ЕУ, засновани пред сѐ на билатералниот Договор за добрососедство со Бугарија од 2017 година.

Комплементарноста на Договорот за
добрососедство со Бугарија и
Преспанскиот договор со Грција во
пакет со иронијата дека за
непочитување и прекршување Грција
би тужела пред МСПХ

Бугарското вето, со сета негова апсурдност, како да ги засени сеќавањата од дведецениското грчко вето, но и идентитетските предизвици што на Македонија ѝ ги донесе Преспанскиот договор. Како што се развиваат настаните во Брисел околу креирањето на преговарачката рамка за македонските евроинтеграции (и за наводно надминување на причините за бугарското вето), сѐ повеќе станува јасно за комплементарната поврзаност на Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција. Загрижувачка е тенденцијата овие два билатерални договори да станат дел од преговарачката рамка за Македонија, иако таквата можност претставува преседан во однос на досегашниот принцип на ЕУ. Но иронијата и преседаните на ЕУ и на членките на Унијата се редат како на филмска лента. Тие преседани се видливи во асиметричноста на билатералните договори (кои требаше да бидат отворање на патот за интеграција на Македонија во меѓународните организации како ЕУ и НАТО), а уште повеќе во подоцнежните толкувања и примена.

А токму сега како една од поголемите иронии на обврските за Македонија од Преспанскиот договор е можноста најавена од еден поранешен грчки амбасадор во земјава, дека за негово непочитување и прекршување Грција би тужела во Меѓународниот суд на правдата во Хаг!? Иронијата е дотолку поголема што токму Грција ја игнорираше пресудата на истиот тој суд, кој пресуди дека јужниот македонски сосед ја прекрши Привремената спогодба со ветото од 2008 година во Букурешт за пристапување на Македонија во НАТО. Истата пресуда ја игнорираше и НАТО, па и ЕУ, што беше причина за 11 години подоцна да биде потпишан и Преспанскиот договор. Поранешниот грчки амбасадор во Скопје, Александрос Маљас во една пригода нагласи дека меѓу опциите на Грција ако некоја нова македонска влада го раскине Преспанскиот договор, правдата можат да ја бараат во Меѓународниот суд во Хаг.
– Што вели договорот од Преспа? Прво, Атина ја информира другата страна дека, според наше мислење, го прекршила договорот и другата страна треба да одговори. Второто ниво е генералниот секретар на Обединетите нации, кој, лично мислам, тешко дека би се вмешал во прашање што е завршено. И третото е заедничка тужба до Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но ако Скопје не сака така, можеме сами да се обратиме. Ова го предвидува договорот. Но за да ја добиеме пресудата во Хаг, ќе бидат потребни неколку години – им објаснил Маљас на грчките медиуми.

На меѓународните институции им е јасно дека во случајот со Македонија е
прекршено најосновното императивно право, каде што на Македонците
им се негира националноста

Професорот по меѓународно право Игор Јанев смета дека по познатата пресуда во наша корист од страна на Меѓународниот суд во Хаг, против Грција, тие „ќе бегаат како ѓавол од крст и никогаш нема да одат на суд“. А судот, како што нагласува професорот, „за раскинат договор нема да се изјасни“. Тој тврди дека е јасно како бел ден дека „Преспанскиот договор е нелегална спогодба, со која е прекршен Уставот“. Тој повторно го издвојува својот став дека „македонската страна решително Преспанскиот договор може и треба да го раскине“ од повеќе причини со кои Македонија на своевиден начин била принудена да го прифати и потпише.
– Преспанскиот договор се раскинува поради: 1. изнуда, 2. уцена, 3. измама, 4. притисок, 5. „лоша вера” (mala fides) и 6. заблуда. Секоја од овие причини е доволна правна основа за раскинување на договорот – категоричен е професорот Игор Јанев.

Во контекст на стапиците што ги содржат билатералните договори на Македонија со ЕУ-соседите, поранешниот амбасадор Ристо Никовски предупредува дека тие никако не смеат да влезат во преговарачката рамка за ЕУ, бидејќи во тој случај нив (договорите) ќе ги гарантира Брисел, а Македонија ќе биде беспомошна.
– Преспанскиот договор (од Нивици) е надвор од сите меѓународни принципи, вклучувајќи ја и Виенската конвенција. Доколку Македонија реши (а тоа ќе оди многу тешко), може, ако сакаме (а еден ден ќе мораме), да се откажеме од тој договор. Уште одамна Де Гол има кажано дека меѓународните договори се како розите и младите моми – траат додека траат. Клаузулите во самиот Преспански договор дека не можеме да се откажеме од него се целосна бесмислица. Мора да ни биде јасно дека директна последица на Нивици е сегашното политичко дивеење на Бугарија, како и обезличувањето на нашата црква, што фактички претставува Нивици 2. Укинувањето на Договорот од Нивици не треба да оди на меѓународни форуми, туку тоа може и мора да се заврши дома. Жално е што нашиот уставен суд се прави отсутен и недоветен и го толерира овој договор, чие потпишување, одобрување (референдум), ратификација и објавување во „Службен весник“… претставуваат нелегални постапки, кои мора да се осудат. Имајќи го предвид тоа, Македонија во никој случај не смее да дозволи договорите со Бугарија и Грција да влезат во преговарачката рамка за Унијата, бидејќи во тој случај Брисел ќе ги гарантира нив, а Македонија ќе биде беспомошна – вели Ристо Никовски.

Амбасадорот Никовски ги нагласува улогата и моќта на Уставниот суд кога станува збор за меѓународни договори и постапување според правните принципи, а не да ѝ се удоволува на политиката. Како пример ги наведува одлуките на уставните судови на соседните Албанија и Косово. Уставниот суд на Албанија го има раскинато договорот за поморската граница со Грција, кој беше во сила десет години и сега е неважечки. Додека Уставниот суд на Косово ја има урнато првата влада на сегашниот премиер на оваа земја, Албин Курти, бидејќи констатира дека еден пратеник што гласал за таа влада имал неважечки мандат.