Фото: Игор Бансколиев

Македонија, гледано во европски рамки, важи за сообраќајно небезбедна земја. На овој факт се посочува и во годишните извештаи на Европската Унија за земјата, кои се однесуваат во делот за состојбата во сообраќајот и патната инфраструктура. Официјалните податоци покажуваат дека Македонија споредено со 32 држави во Европа е меѓу последните пет по безбедност во сообраќајот

Македонија во споредба со 32 држави во Европа е меѓу последните пет по безбедноста во сообраќајот

Во последните неколку дена Скопје, според податоците за загинати лица во сообраќајни незгоди, стана најнебезбедниот град во државата. На страниците на полицискиот билтен, во главниот град се објавени информации за неколку сообраќајки со трагични последици. Најновата во црната серија се случи завчера, во центарот на Скопје. Пешак е прегазен пред мостот „Гоце Делчев“, во близината на пешачкиот премин, кој се смета за еден од најопасните, поради тоа што се наоѓа среде улица по која многу често се вози со голема брзина. Според првичните информации, во пешакот удрил автомобил во движење. Друга несреќа имало во Ново Лисиче, на сервисна улица во близината на трговскиот центар „Лиса“. Според првичните сознанија, до несреќата дошло при судир на два автомобила – „рено“ управувано од 21-годишен скопјанец и „фолксваген поло“, со кое управувал 48-годишен жител на Стајковци. Во несреќата, возачот на автомобилот „фолксваген“ добил тешки телесни повреди, на кои им подлегнал на самото место. Тешки телесни повреди добила и неговата 15-годишна ќерка, сопатничка во автомобилот. Возачот на автомобилот „рено“ добил телесни повреди и откако му била укажана лекарска помош, тој бил задржан во полициска станица. Минатата недела на булеварот Партизански одреди, на семафорот кај „Сити мол“, 24-годишна девојка од Радовиш го загуби животот, откако беше прегазена на пешачки премин од возило што беше управувано од 22-годишно момче.
Македонија, гледано во европски рамки, важи за сообраќајно небезбедна земја. На овој факт се посочува и во годишните извештаи на Европската Унија за земјата, кои се однесуваат во делот на сообраќајот и патната инфраструктура. Официјалните податоци за 2018 година покажуваат дека Македонија споредено со 32 држави во Европа е меѓу последните пет по безбедност во сообраќајот.

Во земјите од ЕУ во просек има 5,2 жртви во сообраќај на 100.000 жители, а во Македонија тој број изнесува 7,1. Оваа поразителна статистика го поттикна претходниот министер за сообраќај Горан Сугаревски да објави дека ќе се формира посебно извршно тело, со одговорност за подобрување на безбедноста во сообраќајот на патиштата, за да се намалат несреќите и бројот на жртви и повредени. Според идејата на Министерството за транспорт и врски, ова тело би функционирало како агенција со свој буџет и вработени со јасни извршни надлежности. Агенцијата ќе се разликува од сегашните институции по тоа што ќе има систематски пристап со анализа на сите фактори за сообраќајките, ќе ги утврдува и отстранува црните точки, ќе им наложува на преостанатите институции да преземат конкретни мерки. Оттогаш поминаа четири години и се чини дека недоволно е сторено за постигнување на поставената крајна цел за намалување на просечниот годишен број на жртви од сообраќајки во Македонија во однос на другите земји.
Меѓутоа, според статистиката што се води од страна на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП), бројот на жртвите во сообраќајните незгоди бележи намалување! Во наредните денови ќе бидат објавени податоците за минатата година, а бројот на загинатите на нашите патишта изнесува 111. Во 2020-та имало регистрирано 125 загинати, додека во 2019 година бројот на жртвите во патничкиот сообраќај во земјата изнесувал 132. Оваа статистика, како што објаснуваат во РСБСП, покажува дека во последните 15 години бројот на жртвите се намалува.

– Ова покажува дека кампањите што се водат од РСБСП за подобрување на безбедноста на учесниците во сообраќајот ги даваат резултатите. Секако, не сме целосно задоволни, зашто секој загубен живот е непроценлива загуба. Нашата цел кон која се стремиме останува и натаму, а тоа е да имаме „нула жртви“ во патничкиот сообраќај – ни изјави Дејан Андоновиќ, портпарол во Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.
Поради нарушената општа економска и здравствена состојба, постои мислење дека една од причините за сообраќајните несреќи е тоа што луѓето седнуваат зад воланот иако претходно зеле лекови што можат да влијаат врз нивните психофизички способности. Како ризична група се споменуваат и професионалните возачи што имаат одредена пропишана терапија, но кои не се ниту свесни дека лековите им влијаат врз способностите за управување. Но од експертите за безбедност во сообраќајот, како примарни причини за несреќите се наведуваат и ниската сообраќајна култура на лицата што управуваат со моторни возила, недоволната обука, начинот на стекнување со возачка дозвола, како и малите сообраќајни казни за недисциплинираните возачи.
– Најголема причина за сообраќајните незгоди се непочитување на пропишаната брзина на движење и неприспособено движење на условите на патот и непочитување на сообраќајната сигнализација. Пребрзото возење е причина и за несоодветната реакција на возачите што ја предизвикале несреќата. Возачите не го почитуваат општиот услов за ограничување на дозволената брзина во населените места на 50 километри на час. Изјавите од типот дека немало никој на улицата во моментот на случувањето на незгодата се неоправдани. Познато е дека над оваа граница на движење, времето и растојанието на кочење се значително зголемени. Не случајно, во некои земји веќе се применува ограничување на брзината на 30 километри на час во централните градски подрачја – објаснува Андоновиќ.
Предизвикувањето сообраќајна несреќа во која гинат луѓе е тешко кривично дело, за кое според Кривичниот законик се добиваат од една до пет години затвор. Но во многу медиумски известувања беше посочувано токму на овој проблем, а тоа е заобиколувањето на „правдата“ за сторителите на незгоди со тешки последици. По анализирањето на судските пресуди може да се види дека судовите исклучително ретко доделувале повисоки казни од две години. Во најголем број случаи, сторителите биле осудувани условно или до една година. Мали казни имало и за оние што усмртиле пешаци додека возеле под дејство на алкохол!
Заради подобрување на дисциплината на возачите, во Министерството за внатрешни работи подготвуваат измени на Законот за безбедност во сообраќајот во координација со Министерството за правда и другите институции.

– Ќе бараме зголемени санкции за овие сообраќајни прекршоци, во кои има и жртви. Исто така ќе има и санкции за оние прекршоци што се прават намерно за злоупотреба на социјалните мрежи. Сега правиме измени на законите што ние ги предлагаме, а апелираме до пратениците да дадат поддршка за да се зголемат казните за овие прекршоци. Апелирам и до судовите да има построги казни за луѓето што убиваат на сообраќајниците – изјави Тони Ангеловски, портпаролот на Министерството за внатрешни работи.
Во однос на улогата на сообраќајната полиција во контролата на учесниците во сообраќајот, од МВР го наведуваат податокот дека минатата година се изречени над 240 илјади санкции, а од нив повеќе од 100 илјади се изречени за брзо возење, и тоа станува збор за огромни надминувања над дозволената брзина.
Во рамките на постапката за измени на Законот за безбедност во сообраќајот, МВР во координација со Министерството за правда и другите институции ќе бара повисоки казни за сторителите на сообраќајни прекршоци во кои има и жртви. Експертите за безбедност во сообраќајот предупредуваат дека високите казни не секогаш ги даваат очекуваните резултати и сугерираат зголемувањето на безбедноста на сообраќајот да се одвива преку зголемување на совеста на граѓаните и издигање на сообраќајната култура, како и со примена на комбинирани казнени мерки. Ова значи пониските и превентивни казни да се однесуваат само за помалите сообраќајни прекршоци.