И покрај сите притисоци однадвор, активирање на лостовите на пресија и награда, како што популарно се нарекуваат „стапот и морковот“, покрај сите уценувачки методи и пресинг да се реализираат внатрешните (деградирачки и неуставни) процеси, во македонскиот устав сѐ уште постои институтот – македонски народ, кој е носител на државноста и од тој институт не смее да се отстапи пред никакви уцени на патот до ЕУ!

До каде стигнавме со Преспанскиот договор на патот до ЕУ

Трите години од изгласувањето на измените на македонскиот устав за имплементација на Преспанскиот договор (кои се навршуваат на 10 јануари), се чини уште повеќе ја нагласуваат потребата од прашањето: дали се постигнати целите што требаше да ги постигне Македонија со потпишувањето на овој билатерален договор со Грција? Или барем до каде сме стигнати на патот што требаше да ни го отвори договорот од Нивици, потпишан во јуни 2018 година?

Македонија 30-та членка на НАТО

Одговорот што како „од пушка“ го нудат поддржувачите на договорот е дека – Македонија, навистина со географска одредница во името, веќе е 30-та членка на НАТО. Но членството во НАТО е само „дел од понудата“ на прашањето на референдумот (на кој сепак не беше донесена одлука) за прифаќање на Преспанскиот договор, која беше врзана пред сѐ со членството во ЕУ. Минувањето на времето без индикации за напредување на Македонија во евроинтеграциите, ниту за спроведување на договорот од страна на Грција, само, за жал, ја зголемува скепсата за смислата на целиот проект на Преспанскиот договор. Дополнително, уште повеќе ја потенцира нелогичноста од забрзаното исполнување на обврските од овој договор од страна на Македонија.
– Не само што Македонија не е поблиску до ЕУ со Преспанскиот договор туку очигледно овој договор ги активираше апетитите за асимилација на Македонија од страна на Бугарија, од која сега зависи процесот на нашите евроинтеграции. Потпирањето на политиката и уверувањето дека со Преспанскиот договор, односно со угодувањето на барањата на Грција за менување на името на државата, автоматски ќе ни се отворат вратите на Европската Унија, како да престанавме да работиме на себе. Не напредувавме како држава ниту во параметрите за демократија ниту во економските параметри. Со Преспанскиот договор, без никаква конкретна гаранција за нашите евроинтеграции, практично ја отворивме спиралата на уцени за секој што има можност да нѐ блокира на патот до ЕУ. Грција не ни помислува да ги спроведе тој мал дел од обврските што ги има со Преспанскиот договор (барем да ја промени патната сигнализација кон границата со Македонија), Бугарија поставува максималистички историско-идентитетски услови и уцени, а ЕУ глуми „немоќ“ пред непринципиелноста на нејзините членки – вели поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети.

Не смее да има нови отстапки на патот кон Унијата

Поранешната македонска амбасадорка Корнети е јасно децидна во своите ставови дека Македонија не смее да си дозволи нови отстапки на патот до ЕУ, зашто секоја нова отстапка по моделот на Преспанскиот договор значи капитулација на државата и асимилација на македонскиот народ!
Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, независен пратеник во првиот состав на македонското собрание од независноста, заклучува дека три години по изгласувањето на измените на Уставот за имплементација на Преспанскиот договор, Македонија всушност не добила ништо за своите евроинтеграции и ни за чекор не се приближила до ЕУ.
– Ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија за членство на ЕУ, всушност ја демаскираше суштината на Преспанскиот договор. Условите и постапките на Бугарија за македонските евроинтеграции ја покажуваат намерата на билатералните договори што ги потпиша Македонија дека се за да се анулира формалноправно постоењето на македонскиот народ и македонската држава, без оглед на фактичката состојба. Со Преспанскиот договор се активираше една подолгорочна проекција, која се одвива во повеќе фази, за рекомпонирање на македонската држава, која би требало да заврши со затворање на црковното прашање. Преспанскиот договор е креиран за по секоја цена да се внесе Македонија во НАТО и во ЕУ, но нема да биде „успешен“ без разбивање, асимилирање на македонскиот елемент кај Македонците. Во услови кога македонските евроинтеграции се блокирани од ветото на Бугарија, без никакви гаранции од ЕУ дека и да биде отстрането, уцените нема да се повторуваат во текот на преговорите, треба да се прекине и со спроведувањето на Преспанскиот договор – вели Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес.
Освен тоа, без оглед на понатамошниот тек на процесот на евроинтеграциите на Македонија, Петров потсетува дека промената на името на државата, како и другите уставно-законски промени произлезени од Преспанскиот договор се во голема мера нелегитимни, т.е. спроведени во нелегитимна постапка.

– Сите одлуки на власта преземени за спроведување на Преспанскиот договор се во крајна линија нелегитимни. Прво, договорот е склучен од нелегитимен претставник, кој според Уставот нема надлежност да потпишува меѓународни договори. Потоа, претседателот на државата не го потпиша указот за ратификација на Преспанскиот договор, а претседателот на Собранието, противзаконски, без потпис на претседателот на државата го објави во „Службен весник“. И конечно, не постои легитимна волја на народот за промена на името на државата и прифаќањето на Преспанскиот договор, а таквата одлука на референдумот, ако зборуваме за уставност и законитост е задолжителна за секоја власт, претставена преку Владата и Собранието. И покрај сите деградирачки неуставни процеси, во македонскиот устав сѐ уште постои институтот – македонски народ, кој е носител на државноста и од тој институт не смее да се отстапи пред никакви уцени на патот до ЕУ – поентира Тодор Петров.