Фото: Игор Бансколиев

Ние не можеме да правиме политика, ниту, пак, ќе им дозволиме на други да прават политика со Македонија

– Гоце Делчев

Историографијата со сведоштва дека Гоце Делчев се борел против великобугарскиот хегемонизам

Џулијан Алан Брукс вели дека Македонската револуционерна организација (МРО) била продукт на образованието. Според овој автор, во 90-тите години на 19 век во Македонија се појавила нова класа на интелектуалци со светоглед самостојно да работат за автономна Македонија и „речиси сите биле учители“. Брукс исто така акцентира дека сите овие македонски учители станале „татковци на македонскиот национализам“, во смисла на национално освестување и националната ренесанса. Во овој контекст, Бенедикт Андерсон вели дека интелигенцијата е најважна за појавувањето на национализмот во Европа.
Христо Силјанов вели дека учителствувањето било една од главните карактеристики на македонските дејци и учителот бил синоним за револуционерот. Затоа учители биле Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Перо Тошев, Михаил Герџиков и плејада други македонски великани. Оваа фактичност ја потврдува Силјанов, кој вели дека најголемите имиња што го красат пантеонот на македонското ослободително движење биле учители.

Гоце Делчев уште од првиот ден како учител и револуционер го распространувал идеалот за слободна и независна Македонија со широки права за сиромашното македонско население. Пред народот бил носител на идејата дека секој треба да ја засили својата енергија, да ги оптегне заспаните струи на робјето, да се раздвижат нивните чувства кон пожртвување. Затоа Делчев велел дека „моралната револуција во умот, срцето и душата на еден ропски народ е најголемата задача“.
Друг идеолошки аспект од дејствувањето на Гоце Делчев е константното одбивање кон надворешната помош и надворешното мешање во внатрешните работи на македонското револуционерно движење. Оваа заложба на Гоце е особено видлива во неговата дискусија со генералот Данаил Николаев, кој како водач на Врховниот македонски комитет се обидува да ја исполни политичката агенда на бугарскиот двор, односно присоединување на Македонија кон бугарската држава.
Гоце Делчев како претставник на Македонската револуционерна организација пред генералот Николаев истакнал: „Не, ние не сме согласни со тоа што го мислите Вие за Македонија. Ние, знаете кои сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не можеме да правиме политика, ниту пак ќе им дозволиме на други да прават политика со Македонија… Гледам дека Вие не ги познавате условите во Македонија и затоа кажете им на сите, кажете им да не се мешаат и да ја остават Внатрешната револуционерна организација да организира, да раководи, да решава. Ние сметаме дека од Вас, од комитетот и од емиграцијата можеме да добиеме братска помош. Но, знајте, ние не бараме покровители, а уште помалку господари…“
Како антитеза на надворешните мешања, Делчев на внатрешен план пледирал за проширување на базата на македонското националноослободително движење преку барање внатрешни сојузници за македонското револуционерно движење. Под влијание на идеолошките погледи на Гоце Делчев, редовите на револуционерната организација биле отворени за сите, без разлика на нивната етничка или верска припадност. Во овој контекст, Гоце Делчев е меѓу првите што се залагале за вклучување на жената во револуционерното дело.

Друг значаен аспект од идеолошката матрица на Гоце Делчев е неговиот сепаратизам. Пејо Јаворов, првиот биограф на Делчев, пишува за сепаратизмот во конотација со македонската борба. Дополнително светло за ова прашање дава списанието „Македонија“ во април 1904 година. Според „Македонија“, Јаворов бил добар поет, но слаб историчар и не ја познавал психологијата на сепаратистите. Според весникот, сепаратистите „не се залагаат за политички, туку за национален сепаратизам“. Во овој правец, „Македонија“ забележува дека владиката Теодосиј во 1893 или 1894 година издавал крштелни свидителства во кои наместо Бугарска егзархија пишувало православен христијанин.
Гоце Делчев како приврзаник на македонскиот политички и национален сепаратизам секогаш стоел на самостојна и независна македонска почва. Затоа Панчо Дорев вели дека Даме Груев и Гоце Делчев, како и други македонски дејци, се бореле против сите надворешни влијанија. Во овој контекст, Павел Делирадев вели дека Делчев се борел против великобугарските тенденции.