Ударна вест во најважните светски деловни медиуми („Блумберг“, „Фајненшл тајмс“) е дека експерименталната вакцина на компанијата „Модерна“ ја има очекуваната имунолошка реакција кај 45 учесници, во истражувањето што ја мина т.н. научна рецензија

Станува збор за прва, рана фаза од тестирањето на вакцината против ковид-19 кај луѓето. Тестирањето е направено од страна на американската компанија за биотехнологија „Модерна“, чии резултати се објавени во „Њу Ингланд џрнал оф медисин“. Интересно е што веднаш по објавувањето на информациите, значително почнаа да растат акциите на споменатата компанија. Објавувањето на оваа нова студија ги поткрепи првичните информации објавени од страна на компанијата „Модерна“ уште во март. Првичните информации во јавноста се базираа на тестирање кај осум пациенти.

Робустен имунолошки одговор во сите дози

Компанијата „Модерна“, во обраќање за јавноста посочи дека нивниот кандидат за вакцини (мРНА-1237) предизвикал „робустен имунолошки одговор во сите дози“ и сега тргнува во фаза на две испитувања за да се докаже дека нивната вакцина може значително да го намали ризикот од зараза со ковид-19. Од американските власти за развој на вакцината, на „Модерна“ ѝ беа донирани 483 милиони долари. Она што е интересно за оваа приказна е позиционирањето на овие информации во деловните медиуми, како и ентузијастичката реакција на берзата. Имено, ова е еден вид вакцина што досега не е развиена. Таа се заснова на т.н. техника мРНА, која го преведува генетскиот код на вирусот во човечки клетки за да го научи нашиот имунолошки систем да одговори на напаѓачот, т.е. вирусот САРС-КоВ-2.

Нова техника и метод на вакцинација

Инјектирањето на мРНА односно на генетскиот код на вирусот во нашите клетки за производство на вирусни протеини е метод на вакцинација што сè уште не е одобрен за употреба кај луѓето, а истражувачите на „Модерна“ го откриле присуството на антитела кај субјекти 15 дена по вакцинацијата, додека по 57 дена пронашле повисоко ниво на антитела отколку што имало во група од 38 пациенти, кои закрепнале од лесна форма на заболување со ковид-19. Исто така, тие утврдиле одреденото ниво на одговор на Т-клетките, како посебен дел од човечкиот имунолошки систем. Но со оглед дека станува збор за нова техника, тешко е да се процени што точно значи тоа.
Што се однесува до последиците од вакцинацијата кај 45 учесници, истражувањето наведува дека половина од нив имале чувство на исцрпеност, главоболки, тресење и болки во мускулите. Овие несакани резултати се влошија по втората инјекција. Долгорочните ефекти на оваа нова техника за вакцинирање сѐ уште не се познати.