Фото: Игор Бансколиев

Забележано, ненапишано

Македонскиот бренд „Галичка свадба“ годинава ќе се одржи по 48. пат, од 15 до 17 јули, а кои ќе бидат зет и невеста, организаторот, месната заедница „Галичник“ ќе објави на 31 мај. Подготовките се почнати и се очекува во наредниве три месеци успешно да завршат, а содржински и организациски сѐ да биде во најдобар ред.
Група ентузијасти и вљубеници во Галичник, загрижени за неговиот опстанок, во далечната 1962 година, поведоа иницијатива за спасување на родното место од бранот на иселување, кој земаше сѐ поголем замав. Сопствениците на куќите, како палати, им ставаа катанци, ги спуштаа ќепенците на прозорците, со тага и чемер во душата се селеа во Гостивар, Ѓорче Петров, Скопје…, во потрага по ново живеалиште, по подобар живот, иднина и просперитет. Исто така, мотив на галичани им беше на кој начин и како да го зачуваат големото културно историско богатство, наследено од предците, кое го создавале од постанокот на Галичник. Се договорија и донесоа одлука веќе следната, 1963 година да ја одржат првата туристичка манифестација „Галичка свадба“, која ќе има цел на гостите да им ги презентира свадбарските ритуали и обичаи на уникатната галичка свадба, богата со оригинални песни и ора, со неповторливата галичка носија, сошиена со филигранска прецизност на терзиите, на галичките специјалитети, недопрената природа со чист планински воздух, архитектурата на куќите амфитеатрално поредени на двата рида итн. Галичка свадба имаше, зетот и невестата беа „глумци“, кои обичаите ги презентираа како на филм. Венчавка в црква не се одржа, бидејќи тогашните власти не гледаа благонаклонето на таквиот чин, така беше и во наредните дваесет години. Црквата беше под катанец, младите имаа желба, сакаа да се венчаат во црква, бракот да го крунисаат како што ѝ прилега на македонската свадба.
На 21-то издание на традиционалната туристичка манифестација „Галичка свадба“, кое се одржа на 13 и 14 јули 1991 година, првпат од нејзиното одржување имаше вистински зет и невеста, со венчавање во монументалната црква „Св. Петар и Павле“ во Галичник. Пред олтарот застанаа Антонио Пендаровски и Весна Мицевска, судбоносното „да“ го изговорија пред Бога и пред г. Михаил, митрополит на Повардарската епархија на МПЦ. Владиката ги венча, им ја стави круната на глава, венчален прстен на десната рака и им го благослови бракот: „Да имате долг и среќен заеднички живот, со многу здравје, среќа, љубов, слога, верност и многу деца“.
Чинот на венчавањето со внимание го следеа голем број посетители од сите краеви на Македонија, како и туристи од Европа, Австралија и од Америка. Најрадосни беа свекорот Глигур Милев Пендаровски и свекрвата Нада Равановска Пендаровска, им се исполни желбата да венчаат чедо во галичката црква, на бајрактарот Никола Куковски, на кумот Трпко Черепналковски и на сите сватови.
Вечерта на Петровден (12 јули), во црквата „Св. Петар и Павле“, повардарскиот митрополит г. Михаил одржа света архијерејска литургија, посветена на светите апостоли Петар и Павле.

Со митрополитот г. Михаил седевме на терасата на хотелот „Неда“, од каде што најубаво се гледа Галичник како на дланка и се доживува, а од сите страни доаѓаа песните што ги создаваа зурлаџиите и тапанџиите.
Доживувањата и погледите низ Галичник и кон врвот Говедарник, на планината Бистра, не можам да им се нагледам и да ги опишам, сé е величествено – рече владиката, длабоко воздивна и продолжи: – Ех, наша Македонијо, колку си ни убава, како галичките невести… Вака да те чуваме, никому да не дозволиме да те граби и гази…
Митрополитот се импресионира од разгледувањето на содржините на хотелот, а особено од престојот во галичката одаја, убаво декорирана со автентичните предмети што галичани ги користеле во домаќинството, а притоа седевме на триножно столче. Особено вниманието му го привлече мозаикот од разнобојни камчиња поставен на ѕидот на источната страна на одајата, на сликарката Ана Темкова. Мозаикот го претставува моментот кога мајката на Кузман, Неда, го пречекува белиот коњ на сина си како доаѓа сам и тоа и било знак дека синот ѝ е убиен. „Тој сердар знаен паднат в бој/ и ќе ги гази плачкашот планините ни сега, / а да ги брани нема кој!“, од поемата „Сердарот“ на Григор Прличев.
Галичник со преродбениците, зографите, сликарите, со Партениј, прв владика на Балканот, со нивните дела и на уште плејада творци, на Македонија ѝ оставија големо богатство. Треба да го чуваме, да го негуваме и со него да се гордееме, да го претставуваме пред домашната и јавноста во светот – така говореше владиката Михаил.
Тогаш тој ги изрече зборовите што засекогаш ќе останат во сеќавањето на галичани, затоа што значеа почеток на нешто ново, нешто што ќе прерасне во традиција и ќе се почитува низ годините.
Свадба без венчавка во Божји храм не е свадба. Таа е наша вековна традиција, се негувала и ќе се негува и одржува, како и крштевките. Низ годините се случува некој режим, каков што беше комунистичкиот до вчера, да го забранува и тоа што е против желбата на народот, но однапред е осуден на пропаст, ќе пропадне, не може да опстои, како што и се случи. Не само јас, туку целиот православен христијански род се радува што младите ќе можат да си ја исполнат желбата. Еве, во преубавиот црковен храм посветен на апостолите Петар и Павле, по децениски паузи, одржав литургија, ги венчав младите и се отвори нова страница во црковниот живот на Галичник и на галичката свадба – беседеше владиката.

Две години подоцна, тој беше избран и устоличен за архиепископ охридски и македонски. Г.г. Михаил, поглавар на МПЦ, имаше големо почитување кон неповторливиот Галичник, кон големиот број преродбеници, мудреци, мислители, уметници, творци… Ова го потврдуваше и со присуство на одбележувањето значајни јубилеи и на оддавање почит. Потврда за ова беше учеството на чествувањето на 120-годишнината од смртта на Партениј Зографски, кое се одржа на 19 февруари 1996 година, во Домот на АРМ. Беседејќи за првиот владика на Балканот, за неговата преданост и заложба, поглаварот истакна дека бил ретка личност, која оставила длабок печат во нашата преродба. Голем ангажман дал и за организирање на нашата народна Македонска православна црква, за обновувањето на Охридската архиепископија. Оваа своја мисла ја поткрепи со големата вистина дека „Христовото евангелие треба да му се проповеда на секој народ на неговиот мајчин јазик“.
Со поглаварот на МПЦ, г.г. Михаил, имав повеќе средби и разговори, на кои секогаш ми оставаше голем впечаток како црковен оратор и мудрец. Паметам многу негови беседи, а учениците и студентите, кои имале среќа да им предава англиски јазик и ораторство, со воодушевување говорат за неговите предавања и животни поуки. Повозрасните генерации и денес се потсетуваат на изреката во младоста: „Многу точно и прецизно говориш англиски јазик, сигурно те учел дедо Михаил“.
Поглаварот г.г. Михаил беше жива историја, учесник во борбата за возобновување на МПЦ и во борбата за добивање автокефален статус на МПЦ. Често ни раскажуваше и доживувања од неговото секојдневие, од патувања, од визитите… За доживувањата од патувањето, дедо Михаил ни раскажуваше во кабинетот кај неговиот близок пријател митрополит г. Кирил, бевме собрани неколкумина блиски на митрополитите. Со големо внимание очекувавме да почне да ни ги споделува доживувањата, бевме нестрпливи, свртени кон него, мува да поминеше ќе се слушнеше.

Веќе ја имав преполовено осмата деценија од животот, имав добро здравје, што ми овозможуваше да бидам активен. Добив покана да учествувам на тематска расправа за религиите во светот, која се одржа во Вашингтон, САД, што ми претставуваше голема чест да дебатирам со седумдесетина црковни великодостојници и други свештеници од целиот свет. По неколкумина говорници, дојде редот на мене да говорам, за десет минути по темата да ги изнесам моите мислења и ставови. По мене настапија уште десетмина говорници, а потоа претседавачот даде кафе-пауза од половина час. Со комплимент ми пријде госпоѓа од Лондон, Велика Британија, така ми се претстави, се запознавме и ме праша од кој град и држава сум, што толку убаво говорам англиски, без грешка. Од Скопје, застанав и продолжив, Република Македонија. А каде се наоѓа Македонија? На Балканскиот Полуостров, ѝ одговорив и ѝ објаснив, ѝ ги претставив Скопје, Македонија, македонските цркви и манастири, организацијата на МПЦ и уште некои други особености за нашиот крај. Госпоѓата се чудеше на правилниот англиски говор, на дикцијата, ми велеше дека тоа не е возможно. Вие сте како светец, икона на светец, пријатно е да разговарам со вас. Имавме уште неколку пријатни кафе-разговори во конференциската сала. Госпоѓата инсистираше да се дружиме, да одиме заедно на вечера, да ме запознае со Вашингтон, добро го познавала, тука често доаѓала. Но, ѝ реков: Господ така сакал, нѐ спои на залезот на нашите животи, да требало, запознавањето ќе беше барем пред дваесетина и повеќе години! – ја заврши својата приказна дедо Михаил.