Фото: Маја Јаневска-Илиева

Денешната заедничка седница на бугарската и на македонската влада се случува во исклучително чувствителен период, обременета со бугарската блокада на македонските евроинтеграции, непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија и покрај големиот број пресуди на Меѓународниот суд за човекови права, како и редица други прашања од сферата на економијата, културата, историјата итн. Без разлика на дневниот ред и точките што ќе се најдат на седницата, Македонија мора да внимава и да се води од постулатите на меѓународното право, а истото тоа да го бара и од бугарската страна

ДЕНЕСКА ЗАЕДНИЧКА ВЛАДИНА СЕДНИЦА
МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА

Македонската и бугарската влада, денеска, во Софија, ќе одржат заедничка седница, на која неколку работни групи ќе почнат заеднички да работат во неколку области, меѓу кои во делот на економијата, инфраструктура, евроинтеграциите, културата, продолжувајќи ја практиката од минатото на одржување заеднички седници со земјите од соседството.
Несомнено, меѓувладината соработка во ваков формат дава дополнителен импулс во меѓусебните односи меѓу земјите и може да помогне во интензивирање на соработката и затоплување на односите меѓу двата народа, но само доколку таквата соработка е заснована врз рамноправна основа, врз меѓусебно почитување и уважување, како и почитување на начелата на меѓународното право.
Денешната заедничка седница на бугарската и на македонската влада се случува во исклучително чувствителен период, обременета со бугарската блокада на македонските евроинтеграции и дополнета со доза неизвесност околу можностите за отклонување на ветото и отпочнување на преговорите со Европската Унија.
Во време кога на чело на двете влади се нови премиери, дилемата што се наметнува е дали ваквата заедничка владина седница се одржува со искрена намера навистина за нешто да се постигне и работите да се мрднат од мртва точка или, пак, е само обична претстава пред Европа, на која треба да ѝ се покаже иницијатива за соработка на највисоко ниво кога односите меѓу Софија и Скопје веќе подолг период се речиси замрзнати, поради бугарските уцени и условувања.

Повеќе од јасно е дека денешната заедничка седница се одржува со цел да се испрати порака, но за граѓаните многу поважно од политичките пораки се вистинските ефекти од таквите седници и дали тие ќе придонесат за подобра соработка во економијата, во културата, дали побрзо и побезбедно ќе се патува меѓу двете земји, но и дали конечно ќе се почитува нивното право да се самоидентификуваат како Македонци, да говорат на јазикот што никој нема да им го негира и да ја негуваат сопствената историјата онака како што Европа го прави тоа, без мешање однадвор.
За некои од аналитичарите одржувањето ваква заедничка седница со бугарската влада нема ништо суштински да промени во бугарските позиции кон Македонија и дека Софија ќе се обиде да ги оствари предвидените интереси, истовремено испраќајќи една скромна порака до Брисел дека нешто се случува.
– Мојата оцена е дека ваквите заеднички седници не се лоши, добро е да заседаваат владите и да соработуваат, но треба на сите да им биде јасно дека долгорочни, стратегиски решенија мора да произлезат од еден подолготраен процес – смета универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, со одржувањето на денешната заедничка седница на македонската и на бугарската влада во Софија се испраќа скромна порака дека двете земји соработуваат.
– Сметам дека се испраќа една скромна порака до Европа дека, еве, двете земји соработуваат и Брисел ќе го нотира тоа, но и натаму ќе очекува официјални платформи, ставови, гледишта, кои настануваат и се носат во рамките на институциите – појаснува Андревски, дополнувајќи дека во заднина се одвива еден сложен процес на можно барање на нивоа на соработка, кои ќе водат кон решавање на споровите, а не на нивно продлабочување.
Сепак, професорот Андревски е убеден дека интенциите на Софија се да ги оствари своите цели во однос на Македонија, без оглед како се манифестирала соработката.
– Бугарија никогаш не отстапила историски од тоа дека еден ден ќе ја убедат Македонија дека е бугарска и ќе ја освојат со таквото убедување. За мене феноменот се крие во македонското снаоѓање во тие односи – земјата да си го потврдува субјективитетот, да знае кои интереси ги воспоставува, кои интереси ги брани и за кои интереси едноставно не може да разговара и преговара – категоричен е Андревски.
Тој уште додава дека Бугарија ќе ги користи ваквите заеднички седници и работата во работните групи да ги наметне своите интереси, но Македонија мора да внимава и да се води од постулатите на меѓународното право, а истото тоа да го бара и од соговорникот.

– Во сите тие соодноси, меѓународното право мора да биде неприкосновено и тоа постојано да биде она врз што ќе почиваат секое договарање и секое решение. Ние треба да бидеме реални дека Бугарија ќе ги користи овие седници и работата во работните групи да ги наметне своите интереси и тоа не е спорно, но истовремено ние треба да се водиме од сопствените интереси и да го наметнуваме тоа – заклучува Андревски.
Дипломатот од кариера и прв македонски амбасадор во Атина, Љупчо Арсовски, смета дека ваквите заеднички владини седници би имале ефект само доколку се утврдат прецизни рокови за реализација на она што е договорено, во спротивно, станува збор за козметичка средба.
– Ваквите заеднички седници се вообичаена практика во повеќе земји, вклучувајќи и кај нас во регионот, земји што имаат некои отворени прашања преку една потесна соработка да изнајдат решенија за нив, да се создаде и попријателска атмосфера меѓу народот итн. Ако она што ќе биде договорено се врзе со некакви рокови за исполнување, со тоа ќе се испрати порака дека нешто се работи. Но ако се договараат дека ќе се договараат, тогаш станува збор за чиста козметика – истакнува Арсовски.
Тој потсети на личен пример кога учествувал во комисијата што се договарала за ставање во функција на граничниот премин Клепало.
– Тоа го договоривме пред 30 години, ние го завршивме нашиот дел, а од бугарска страна до ден-денеска нема ништо направено. Не знам зошто тие инсистираат за Клепало, кога ние нашата обврска си ја завршивме. Ефект од ваквите заеднички седници ќе има ако има само конкретни проекти што се завршуваат – заклучува Арсовски.
Како и да е, без разлика што и да се договори на овие заеднички седници, Македонија не смее да прави никакви компромиси со кои би било погазено меѓународното право. Ако заднината на ваквите заеднички седници е токму заобиколување на меѓународното право и алиби за да се дојде до некакви решенија на штета на земјава, тогаш такви заеднички средби и седници воопшто не се потребни, бидејќи ќе генерираат само дополнителни проблеми. Впрочем, следниот период најдобро ќе покаже дали во сето ова се влегува со искрена намера за соработка и подобрување на односите или, пак, само за остварување на одамна предвидените национални интереси на Софија.


Заеднички седници со сите соседи

Македонската влада подолг период практикува да одржува заеднички седници со владите на соседните земји, па така претходно заедничко владино заседавање имаше со владите на Косово, Албанија, Србија, како и на Бугарија.
На заедничката седница со косовската влада беа потпишани неколку договори и меморандуми за инфраструктурното поврзување на двете земји за да се подобри економската соработка и комуникација, за меѓугранични проекти со поддршка на ИПА-програмите на ЕУ, соработка на полето на енергетиката, како и на планот на туризмот, културата и други.
Во 2017 година македонската влада одржа заедничка седница со бугарската во Струмица, на која стана збор за односите меѓу министерствата за надворешни работи, интеракција и меѓусебна помош при катастрофи, поддршка во обука и подготовка на војниците од вооружените сили на Македонија, соработка во областа на телекомуникациите, инвестициите и енергетиката.
Истата година во Поградец беше одржана и заедничка владина седница меѓу Албанија и Македонија, на која се разговараше за соработка во евроинтеграциите, прекуграничната соработка, туризмот, енергетиката и слично.
Многу порано ваква седница во 2013 година се одржа и со српската влада, на која стана збор за европските интеграции на двете земји, регионалната соработка, унапредување на економската соработка, туристичка презентација на можностите на двете земји, како и за инфраструктурни проекти, но и за соработка во борбата против трговијата со дрога, гранична соработка, соработка во областа на здравството, социјалата и земјоделството.
Заедничко од досегашните седници е дека голем дел од она што било договорено и најавено не е реализирано, а истите прашања се повторуваат и договараат на секоја нова билатерална средба.