Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, не кажува дали ќе остане на функцијата и во владата што ќе ја составува новиот мандатар Димитар Ковачевски. Од вчера Владата што ја состави Зоран Заев е во оставка откако тој се повлече од премиерската и од лидерската функција во СДСМ поради поразот на локалните избори.

На новинарско прашање дали ќе биде дел од новата влада, Спасовски не даде конкретен одговор.

– Ништо нема да коментирам, а за сите идни случувања во oвој дел ќе донесам дополнителна одлука – рече министерот Спасовски.

Собранието денес ќе ја констатира оставката што Заев ја поднесе вчера. По констатирањето на оставката, почнува да тече рокот од 10 дена во кој претседателот на државата треба да му го довери мандатот за состав на влада на новиот мандатар, кој ќе има рок од 20 дена да состави влада.

Министерката за образование, Мила Царовска, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и министерот за здравство, Венко Филипче, веќе известија дека нема да бидат дел од новата влада.