Негирањето на постоењето на македонско малцинство во Грција и во Бугарија, всушност, е позиција што продолжува, а е интегрален дел од нивниот вкупен синхронизиран зафат за негирање на постоењето на Македонците како нација, преку негирање на сите оригинерни посебности и наши белези: корени, историја, јазик, култура, територија, засебна колективна меморија… Нивната веќе отворена и јавна хегемона очигледна намера е да бидеме асимилирани (тенденции на источниот сосед), или со желба за разнебитување и наше непостоење (од страна на јужниот сосед). Таквите позиции на Бугарија и на Грција се чини остануваат непроменети и по четири-пет години од потпишувањето на Преспанската спогодба и Договорот за добрососедство. А, меѓународното право, принципите на перемпторната норма позната како јус когенс, која не може да биде прекршена од која било држава, како и многубројните меѓународни конвенции и пресудите од меѓународниот суд во наша корист се флагрантно и на голема сцена газени и од Бугарија и од Грција…

Изјавите на премиерите на Грција и на Бугарија како повод

Кој е механизмот за принципите на меѓународното право да бидат прифатени и почитувани од страна на Грција и на Бугарија?! Прашање до меѓународната јавност и меѓународните институции е како тоа двата споменати наши соседи флагрантно ги прекршуваат цивилизациските вредности на универзалното човеково право за нашето самоопределување и себеименување, негирајќи го постоењето на македонскиот национален идентитет како реалност што има докажани автентични историски корени. Ја регистрира ли воопшто меѓународното право инкриминираноста на изјавите од позиција на највисоки државни раководители од страна на Грција и на Бугарија?!
Неодамна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во грчките медиуми ги реафирмира своите причини за несогласување со Преспанскиот договор од времето кога беше опозиционер, појаснувајќи дека неговата критика за договорот не се однесувала на (новото) име на Македонија, туку „за македонскиот јазик и за македонската етничка припадност“!? Тој во интервју за грчката телевизија Антена изјави дека и понатаму продолжува да верува дека тоа е „голема грешка што не може да се излекува“, но „сега Грција се стреми кон добри односи“ со Македонија.
Во пресрет на денешната посета на Скопје, за која претходно најавуваше дека доаѓа за да создаде нов почеток на македонско-бугарските односи, бугарскиот премиер Кирил Петков за бугарските медиуми категорично го негираше постоењето на македонското малцинство во Бугарија.
– Никогаш јас или други членови на бугарската влада немаме разговарано со Амбасадата на САД во Бугарија за признавање на т.н. македонско малцинство во земјата. Нема такво малцинство и за такво малцинство дури не може да се зборува. Треба да го кажам јасно за сите гледачи, по таа тема има целосен консензус, за таа тема дури и не може да се водат дискусии. Нашата влада таа тема нема да ја постави за разговори или за што било – изјави Петков за бугарските медиуми, речиси 24 часа пред посетата на Македонија, од која се очекува исчекор во преговорите за отстранување на ветото за македонските евроинтеграции.
Изјавите на политичките лидери од Грција и од Бугарија, за историчарот Митко Панов не се неочекувани. Панов констатира дека тие секогаш се раководат од реализирање на нивните денационализаторски агенди во контекст на Македонија, кои се непроменливи уште од втората половина на 19 век.

– Самата изјава на грчкиот премиер Мицотакис дека му пречи што во Преспанскиот договор се забележани „македонскиот народ и македонскиот јазик“, но истовремено констатира дека тоа е „неизлечива грешка“, укажува дека тој е во суштина во согласност со националните интереси на Грција. Во спротивно, категорично ќе бараше промена на договорот. Имено, Атина во Преспанскиот договор единствено го констатира меѓународното право на самоопределување, што им дозволува на луѓето што живеат во строго разграничената територија и граници на „Северна Македонија“ да се само-идентификуваат себеси и јазикот како што сакаат самите. Но ваквата самоидентификација е само за по дома, односно стриктно ограничена во границите на политичкиот субјект „Северна Македонија“, бидејќи „терминот Македонија“ со Преспанскиот договор е забранет за официјално обраќање кон „втората страна“, кој не познава ниту етнички Македонци. Именската и идентитетската недефинираност на нацијата што произлегува од уставните промени ја сведува на новокреиран политички субјект и продукт на Преспанскиот договор, a македонскиот народ го остава со недефинирана национална историја, која ќе мора да се усогласи со грчкиот национален наратив. Во таа смисла, не случајно и Софија инсистира на ревизија на македонската национална историја со Договорот, како клучно за надминување на историски замислениот спор. Изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков дека новата влада строго ќе се држи до досегашните позиции, вклучувајќи и за непризнавањето на македонското малцинство, само ја потврдува суштината на негаторската политика во контекст на историската посебност на македонскиот народ и на македонскиот јазик. Затоа Софија преку пакетот 5+1 инсистира на формулацијата дека „Република Северна Македонија“ мора да признае дека „нема историски, етнички и други основи да бара малцински статус за која било група луѓе што не се нејзини граѓани на територијата на Република Бугарија“. Тоа ќе значи прифаќање дека во историска смисла етнички Македонци никогаш не постоеле на територијата на Пиринска Македонија, односно дека отсекогаш биле етнички Бугари.

Со инсистирањето на историското дефинирање и на новото државно име, со што Скопје официјално ќе прифати дека тоа се однесува „исклучиво на политичкиот субјект Република Северна Македонија, а не на географскиот регион Северна Македонија, дел од кој се наоѓа и во границите на Бугарија“, Бугарија автоматски ќе издејствува признание дека во историјата воопшто и не постоеле етнички Македонци на територијата на Македонија. Со тоа, Бугарија политички и историски ќе ги верификува своите тези дека Македонците и македонскиот народ биле измислени со вештачкото креирање на македонската нација од Тито, и тоа преку насилната етничка конверзија на дотогашните Бугари во идеолошки „измислени“ Македонци. Тоа, впрочем, е и позиција на Грција, а во што се состои и комплементарноста на нивните стратегиски цели за ставање крај на македонското прашање, преку реализацијата на договорите преку кои треба да издејствува политичко самопризнание од Република Македонија за историското непостоење на македонскиот народ и на македонската нација – анализира универзитетскиот професор Митко Панов од македонскиот Институт за национална историја.
Негирањето на постоењето на македонско малцинство во Грција и во Бугарија, всушност, е позиција што продолжува со целосно негирање на постоењето на Македонците како нација, со сите посебни автохтони белези: историја, јазик, засебна колективна меморија…, со намера за асимилација од една страна (Бугарија), или со желба за неспомнување и непостоење од друг сосед (Грција). Притоа, и Грција и Бугарија ја злоупотребуваат ЕУ (на која се членки), како продолжен механизам за спроведување на нивните намери и аспирации. Според Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес, тоа е „фашистичка реторика и специјална војна врз Македонија“, а наедно е апсолутно „флагрантно прекршување на домашното и меѓународното право“. Оценувајќи го негирањето на македонското малцинство во Бугарија од страна на бугарскиот премиер Петков како „продолжување на фашистичката реторика“, Петров смета дека е потребна нова иницијатива за македонско-бугарско помирување.

– Потребна е нова иницијативата за историско македонско-бугарско помирување и договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост, што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи! Што за Бугарите во Македонија, истото за Македонците во Бугарија! СМК преферира македонско-бугарски разговори и договори за прашањата од заеднички интерес во областа на економијата, културата, инфраструктурата, евроинтеграцијата и историјата.
Македонија треба да отфрли македонско-бугарски разговори за: (1) постоењето на македонскиот народ, како веќе апсолвирано универзално право на самоопределување и самоидентификација, (2) македонскиот јазик како дијалект на бугарскиот јазик и (3) заедничка македонско-бугарска историја, која за Софија е бугарска! Мора да се укаже дека Македонија има обврска за грижа за положбата и правата на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија и во цела Бугарија, како неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ, и да се бара Бугарија да ги спроведе 16-те одлуки на Европскиот суд за човекови права од Брисел за правата и слободите на Македонците во Бугарија, доколку сака добрососедски односи со државата Македонија! Во спротивно, очекуваме исклучување на Бугарија од Советот на Европа, поради непочитување на одлуките на Европскиот суд за човекови права за правата и слободите на Македонците во Бугарија – пишува Тодор Петров на социјалните мрежи.