На 2 октомври, во Бугарија ќе се одржат уште едни парламентарни избори, четврти по ред во последниве две години. Меѓутоа, повеќе од очигледно е дека и со претходните избори не се решија проблемите што се длабоко вкоренети во системот, особено тоа се однесува на корупцијата. Софија сѐ уште нема план како ќе се соочи со тековната економска криза, како и со длабоките поделби во однос на пристапот на Бугарија кон војната во Украина. Но иако државата е длабоко системски нагризена, Софија сепак покажува мускули кон своите соседи, а ЕУ сесрдно и непринципиелно ѝ помага во тоа…

Бугарија продолжува да тоне во спиралата на политичка и економска криза

Кога во јуни конечно се распадна кревката коалиција, која ја водеше Бугарија помалку од осум месеци, беше јасно дека подоцна годинава ќе се одржат уште едни општи избори, четврти по ред. Тоа е доволен факт што ја отсликува тамошната нестабилна политичка ситуација.

Спротивни идеологии на четирите вклучени партии

Четирипартитната коалиција, предводена од партијата на тогашниот премиер Кирил Петков, Продолжуваме со промената(ПП), се распадна откако популистичката партија Има таков народ (ИТН) на 8 јуни се повлече. Лидерот на ИТН, популарниот ТВ-водител Слави Трифунов беше во отворен судир со ПП во однос на буџетот на државата, но исто така се спротивстави на предлогот што стана познат како француски предлог, со кој Бугарија конечно го крена ветото за пристапните преговори за влез во ЕУ за Македонија. На 22 јуни, Владата предводена од Петков стана првата бугарска влада во историјата што падна по изгласана недоверба. Ова резултира со масовни провладини протести во Софија и во другите поголеми градови во државата. Два дена подоцна, Владата донесе одлука да го прифати францускиот предлог и да го укине ветото за Македонија – што беше една од последните големи политички одлуки на владата на Петков, која официјално поднесе оставка на 2 август. Со оглед на тоа што ниту една друга партија не сакаше или не можеше да формира коалиција, претседателот Румен Радев немаше друг избор, освен да распише нови избори за 2 октомври, поставувајќи притоа техничка администрација, која во меѓувреме ќе ја води државата.
Според Ивајло Динев од Центарот за источноевропски и меѓународни студии (ЗОИС), причините за распадот на коалицијата се очигледни, дури и целосно предвидливи, со оглед на спротивните идеологии на четирите вклучени партии. Динев вели дека единствениот извор на единство во оваа коалиција било нејзиното противење на начинот на владеење на земјата од страна на претходната владејачка парија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов.
„Освен оваа заедничка нишка, четирите партии имаа навистина различни идеи“, изјави тој за јавноста.

Антируски ставови, но и уште посилни проруски становишта

Партијата на поранешниот бугарски Премиер Петков имаше силен антируски став уште пред руската војна со Украина. Петков го зацврсти истиот став уште повеќе, по почетокот на воените дејства. Според политичкиот аналитичар Емил Соколов, „ПП на Кирил Петков и Демократска Бугарија (четвртата членка на поранешната коалиција), ги претставуваат младите урбани луѓе што се речиси исклучиво прозападно ориентирани. Овој факт го оневозможи нивното останување во заедничка коалиција со бугарските социјалисти“. Од друга страна, голем број истакнати членови на втората по големина партија во коалицијата, Бугарската социјалистичка партија (БСП), која ужива голема поддршка меѓу повозрасното избирачко тело, излегоа со сугестии дека во најдобар интерес на Бугарија е таа да заземе понеутрален став во однос на украинската војна (проруски став), сличен на оној на Унгарија. Споменатиот бугарски политички коментатор Емил Соколов го опишува и претседателот на Бугарија, Румен (кој е поддржан од БСП), како „проруски настроен“, тврдејќи дека преодната влада што ја постави тој, веројатно, е подготвена да преговара со рускиот енергетски гигант „Газпром“, во контекст на енергетската криза, со цел повторно да профункционираат испораките на руски гас во Бугарија. И на крајот, тука е партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, која има цврст став против Русија и верува дека местото на Бугарија е покрај Западот, но која, според Соколов, има ноторно сериозен проблем со систематската корупција.

Корупцијата длабоко ја кородира бугарската држава, дури и во областа на државната безбедност

Според Ивајло Динев од Центарот за источноевропски и меѓународни студии (ЗОИС), одлучувачки наратив на партиите за претстојните избори повторно ќе биде заземањето негативен став кон корупцијата на ГЕРБ, а партиските ставови во однос на војната во Украина, најверојатно, ќе останат во заднина на кампањата. Другиот аналитичар, пак, Емил Соколов, смета дека и економијата би можела да биде фактор.
„Крајот на кабинетот на Петков е повеќе поврзан со чисто економски конфликт меѓу разни групи и нивните интереси – тука мислам на меѓусебните обвинувања помеѓу ПП и ИТН околу тоа колкави средства се издвојуваат за изградба на патишта и кој ги добива овие тендери, како и околу проблемот со граничниот премин Капетан Андреево“, вели Соколов.
Капетан Андреево, област што се протега на тромеѓата меѓу Бугарија, Грција и Турција, се покажа како огромна закана за безбедноста на ЕУ и вистински рај за организираните криминални групи. ПП на Кирил Петков ги обвини корумпираните членови на ГЕРБ (Бојко Борисов) за соработка со илегалните организации активни во оваа област, истакнувајќи дека тоа е главна причина за слабиот напредок на Бугарија во однос на пристапувањето кон безграничната шенген-зона.
„Се подготвуваме за нови избори есенва, но партиите не сакаат да комуницираат меѓусебно, дури и кога имаат слични ставови за важни политички прашања. Со години се наоѓаме во оваа стапица“, додава аналитичарот Емил Соколов.
Распадот на краткотрајната антикорупциска коалиција би можел да ја отвори вратата за враќање на ГЕРБ на Борисов, иако вестите за високото ниво на корумпираност во оваа партија – најновите се однесуваат на скандалот во врска со граничниот премин Капетан Андреево – сепак остануваат главна тема во бугарската јавност.

На Бугарија итно ѝ требаат радикални социјални мерки за помош на сиромашните и за редуцирање на економската нееднаквост

Според бугарскиот аналитичар Емил Динев, евидентно е дека во Бугарија, во политичката дебата недостигаат социјалните теми, и тоа токму во моменти кога „на земјата ѝ требаат сериозни и радикални социјални мерки за помош на луѓето со најниски примања и за редуцирање на економската нееднаквост“. Бугарија се соочи со некои од досега највисоките нивоа на инфлација во ЕУ од почетокот на војната во Украина, при што локалните синдикати предупредуваат дека таа наскоро ќе достигне и 20 отсто.
„Во услови на ваква економска криза, со цел да се спречи стотици илјади Бугари да западнат во социјална сиромаштија, неопходно ќе биде да се зголеми минималната плата и сериозно да се преиспита даночната политика, за да не се случи граѓаните со ниски примања да го понесат најтешкиот товар на кризата“, вели аналитичарот Динев.
Сепак, малку е веројатно дека сегашната преодна влада ќе биде способна да преземе ваква смела акција. Оттука, државата ќе мора да продолжи некако да се справува до изборите во октомври, иако дури и тогаш шансите за формирање нова коалиција ќе бидат доста „тенки“. ПП на Петков веројатно повторно ќе собере најмногу гласови, но, како што предупредува аналитичарот Динев, „формирањето влада ќе биде многу потешко одошто минатата година“.
А кој би преговарал воопшто со држава што е во тежок нокаут?! Н.М.