Софија може да побара бугарско малцинство и на Месечината

649

Бугарија како членка на ЕУ продолжува со национално обезличување на Македонците – овој пат и во Косово. Со децении, во областа Гора во Косово живеат Македонци, но сега за потребата на бугарските интереси тие треба да се претстават како наводни Бугари. За да се реализира оваа агенда на експанзионизам на бугарското безумие, како и во Албанија, здушно помага и поттикнува Европската Унија

БЕЗУМИЕТО И БУГАРСКАТА АСИМИЛАЦИЈА НЕМААТ ГРАНИЦИ

Бугарската асимилаторска и шовинистичка офанзива од позиција на членка на Европската Унија за национално обезличување на Македонците продолжува и во Косово, каде што бугарската амбасада и конзулат во Приштина и во Призрен, преку издавањето бугарски пасоши се обидуваат вештачки да создадат бугарско малцинство. Во изминатиов период, бугарските активности во овој правец се засилија, а тоа беше потврдено и од бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, според кого, Бугарите успеале да вклучат текст со кој се бара признавање бугарско малцинство во Косово.

Исмаил Бојда, кој е застапник на македонските национални вредности на Македонците од исламска вероисповед во Косово, Албанија и во Македонија, вели дека нема бугарско малцинство во Косово. Според него, Македонците од исламска вероисповед што живеат во Косово зеле бугарски пасоши поради економски причини, а не поради национални чувства. Бојда исто така посочува дека во Косово не постојат бугарски невладини организации и дека Бугарија во Косово дејствува преку својата амбасада во Приштина и конзуларното претставништво во Призрен. Исмаил Бојда вели дека Софија може да побара бугарско малцинство и на Месечината, но Бугарите во Косово се измислени.

На 14.6.2022 година, благодарение на огромните финансиски и политички вложувања на Бугарија, како и на нејзиното ексклузивно право да уценува и понижува од позиција на членка на Европската Унија, во Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент беше усвоен годишен извештај за напредокот на Косово за 2021 година, во кој Бугарите успеале да вклучат текст со кој се бара признавање бугарско малцинство во Косово.

За оваа бугарска офанзива прв предупреди македонскиот весник „Илинден“ од Албанија, според кој, за жал, никој од македонската држава досега не го искоментирал овој преседан на една експанзионистичка и антидемократска политика под превезот на европеизација на Балканот, а која има цел уништување на сè македонско и прикажување како бугарско.

Откако во 2017 година, со помош на уцени кон Владата на Република Албанија, Бугарија успеа да вметне непостојно бугарско малцинство во Албанија, на ред е Косово. Со децении, во областа Гора во Косово живеат Македонци, но сега за потребата на бугарските интереси тие треба да станат Бугари. За да се реализира оваа агенда на експанзионизам на бугарското безумие, како и во Албанија, помогна дволичната Европа. Со тоа, паднаа во вода сите „вредности“ на европското семејство за демократија, самоизјаснување и самочувство на едно национално малцинство.
И додека вештачки се фабрикува и измислува наводно бугарско малцинство во Косово, историските факти сведочат за многубројните македонски друштва во Косово, за многубројните книги на Македонци од областа Гора, во кои се говори за македонските национални корени на овие жители, за фолклорните фестивали што редовно се одржуваат во Косово во организација на македонските друштва од Гора.

Д.Ст.