Фото: Архива

Според поставените приоритети на американската политика во Европа, одолжувањето на процесот на проширување на ЕУ го носи ризикот за нестабилност и немири во регионот на Западен Балкан. Односно евентуалниот притисок од ЕУ за прифаќање на француската преговарачка рамка од страна на Македонија има потенцијал да предизвика безбедносна нестабилност во регионот. Во таков контекст, новата изјава на портпаролот на Стејт департментот дека „САД ги поздравуваат напорите на Франција да постигне успешно решение и остануваат подготвени да играат конструктивна улога во олеснувањето на компромисот“ беше протолкувана како поактивно вклучување на САД во евентуалните понатамошни активности, но на начин што би ги зел предвид македонските позиции

За македонските евроинтеграции нудат помош Соединетите Американски Држави

Неприфатливоста на францускиот предлог како преговарачката рамка за ЕУ, за кој по изгласувањето во бугарското собрание се добива впечаток дека еврофункционерите сакаат да го претстават како реална рамка за надминување на бугарското вето, се чини создава непријатност во пошироки рамки и како да повикува поавторитетен геополитички фактор – САД, активно и со влијание да се вклучи во процесот. Но како, кога и со колкав интензитет може да го стори тоа администрацијата на Бајден?

Ако сакаат, САД можат брзо и ефикасно да реагираат, и тоа во согласност со
меѓународното право

Воопшто не е невообичаено, кога (меѓу)европските односи ќе навлезат во некоја слепа улица, во наоѓање решение за предизвиците да се вклучи силната дипломатија на САД. Состојбата во која Македонија не го отфрли францускиот предлог на преговарачката рамка, а Бугарија го претставува како победа на нејзините барања и национални аспирации спрема Македонците, на искусните дипломати им е јасно дека се создава нов провоцирачки предизвик во меѓународните односи (меѓу сојузници во НАТО), во кој всушност сѐ повеќе се натежнува на страната спротивна на меѓународното право и универзалните принципи и вредности.
Во таков контекст, изјавата на портпаролот на Стејт департментот дека „САД ги поздравуваат напорите на Франција да постигне успешно решение и остануваат подготвени да играат конструктивна улога во олеснувањето на компромисот“ беше протолкувана како поактивно вклучување на САД во евентуалните понатамошни активности, но на начин што би ги зел предвид македонските позиции. Претходно, високи претставници на американската дипломатија во повеќе наврати изјавуваа дека билатералниот спор не треба да се внесе во македонската преговарачка рамка за ЕУ, што е сосема спротивно на предложениот документ од француското претседателство со ЕУ.
– Со оглед на значењето на овој процес за земјите од регионот и за Европа пошироко, се надеваме дека дипломатските напори ќе продолжат и ќе продолжиме да ја нудиме нашата поддршка онаму каде што е од помош. Ја поздравуваме Франција за нејзините напори да постигне успешно решение за што побрзо започнување на официјалните преговори. Преговорите сѐ уште се во тек, а ние остануваме подготвени да играме конструктивна улога во олеснувањето на компромисoт – кажа во понатамошниот тек на изјавата портпаролот на Стејт департментот.

Со какви позиции и на каков начин САД можат да ги олеснат разговорите

Ваквите ставови на претставници од американската администрација, во македонската јавност ги наметнуваат прашањата со какви позиции и на каков начин САД можат да ги олеснат разговорите, но и која е нивната конструктивна улога во очекуваниот процес што евентуално претстои.
– Вклучувањето на американската дипломатија за Македонија дава некаква надеж за влегувањето во процесот, и тоа од позиција на докажан пријател на земјава. Имајќи го предвид искуството на дипломатијата на САД, тоа придонесува за одржување на надежта дека нивниот ангажман ќе даде плод во полза на правдата и правото. Французите имаат добра волја, но нивната дипломатија нема искуство во вакви спорови. Освен тоа, не е надвор од контекстот ако токму овде се спомене безбедносниот аспект, односно дека од особен интерес на САД е зајакнувањето на европската одбранбена структура, со 300.000 војници подготвени за интервенција, соочени со предизвиците на безбедносните закани, како од развојот на руско-украинската криза, но и други геополитички процеси – вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов, а еве зошто…
Во изјавата на претставникот на Стејт департментот се вели дека Македонија и Албанија ги поставиле темелите и оти сега е време да се придвижат напред кон следната фаза во процесот на пристапување кон ЕУ. САД „веруваат дека иднината на Западен Балкан е целосно во ЕУ, процесот на проширување промовира долгорочен мир, стабилност и просперитет во целиот регион“. Оттука, нагласена е „важноста на пристапувањето на Македонија и Албанија во ЕУ за зајакнување на безбедноста на Европа, како и за нашата колективна безбедност“. Според така поставените приоритети на американската политика во Европа, одолжувањето на процесот на проширување на ЕУ го носи ризикот за нестабилност и немири во регионот на Западен Балкан. Односно евентуалниот притисокот од ЕУ за прифаќање на француската преговарачка рамка од страна на Македонија има потенцијал да предизвика безбедносна нестабилност во регионот.

Суспендирање на т.н. француски процес, кој е спротивен на целокупното меѓународно право, со вклучување на САД

– Изјавата од Стејт департментот значи само едно – суспендирање на т.н. француски процес, кој е спротивен на целокупното меѓународно право, и најава дека САД се враќаат во процесот и ќе го предводат постигнувањето компромис за македонско-бугарскиот билатерален спор, кој го блокира проширувањето на ЕУ, што за Американците претставува безбедносно прашање. Вклучувањето на САД во процесот значи прескокнување на фазата 2 од грчкиот процес (која беше целосно неплодна) и да се премине директно на фазата 3, односно како што се реши прашањето со името со меѓународни посредници, така да се реши историското прашање со Бугарија. Првата фаза, постигнување билатерален договор меѓу Македонија и Бугарија за историските прашања се покажа неуспешна, а втората фаза (француската преговарачка рамка) го комплицира решението, претворајќи го во мултилатерален процес, кој може да трае 100 години. Директното вклучување на дипломатијата на САД за да се премине во третата фаза, на некој начин значи постигнување „бугарска Преспа“, односно билатерални разговори за решение на историските прашања со меѓународни посредници и под меѓународна контрола. Мора да се направи своевидна оставинска постапка и да ги затвориме историските прашања со Бугарија. Оспорувањето на идентитетот на Македонците е всушност обид да се докаже идентитетот на Бугарите – вели политичкиот активист и лидер на Македонски концепт, Петар Богојески.
Во однос на вклучувањето на САД со помош во евроинтеграциите на Македонија, амбасадорот Ѓорѓи Филипов го поставува прашањето дали можеби е задоцнето и непотребно изгубено време во наоѓање решение. Сепак, тој смета дека францускиот предлог за преговарачката рамка за Македонија не смее да биде прифатен!
– Предложената преговарачка рамка за Македонија од Франција претставува решавање на едно вето со уште посилно вето. Во комбинација со реверзибилната методологија за преговарање, која ја воведе исто така Франција, значи дека македонските евроинтеграции би се претвориле во туркање Сизифов камен – дури и дојдеме до крајот, каменот секогаш може да ни го турнат на почетокот. Внесувањето на протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство во преговарачката рамка, со многу елементи го прекршува меѓународното право – вели амбасадорот Филипов.