Собраниската реформска агенда на оваа влада мора да продолжи, да не стане нечиј плен поради провокации чиј фокус е реализација на странски агенди за дестабилизација на државата, кажа Арбер Адеми од ДУИ во изјава за телевизија Клан, при што изрази и жалење за случувањата на вчерашната седница на Комисијата за европски прашања во Собранието.

Тој додаде дека пратениците од опозицијата повеќе од два часа се обидувале да ја блокираат работата на комисијата со барања за процедурален збор и се случил обид да за спречување на усвојувањето на дневниот ред кога била исцрпена листата на пратеници.

– Законот е со цел да се избегне блокада на судството, обвинителството и на владеењето на правото. Ваквите сцени се грди и не се во наш интерес, ниту на граѓаните. Повторување на такви сцени не треба да се случи, без оглед дали станува збор за пратеници од опозицијата или од власта. Треба заедно да ги надминеме проблемите и провокациите, како и недоразбирањата, за да обезбедиме непречено одвивање на работата на Собранието – изјави Адеми.