Фото: Маја Јаневска-Илиева

Собранието има надлежност, механизми и можности да го следи и надгледува процесот на преговарање, но од претходните искуства, како со Преспанскиот договор, договорот за пржинската влада…, останува дискутабилно дали и како се вклучува во рамките на своите уставни и законски надлежности да влијае на процесот на преговори со Бугарија

Македонско-бугарските односи на
релацијата извршна – законодавна власт

Она што е неоспорно во македонско-бугарските односи во последниве две години е веројатно само констатацијата дека го имаат мобилизирано севкупниот интерес на македонската јавност. Но и покрај тој фокусиран општ интерес, и понатаму остануваат голем број резерви дали јавноста, па и оној дел со политички ингеренции, мандат и обврски да биде информиран и да носи одлуки, навремено и веродостојно е запознаена со процесите што се одвиваат во македонско-бугарскиот дијалог, кој треба да придонесе за повлекување на ветото за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
Неодамна, претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави дека Собранието, пратениците и тој како спикер знаат што прави Владата во процесот на дијалог и преговори со Бугарија.
– Донесовме Резолуција во Собранието и определивме насоки, препораки и рамки по кои треба да се движи извршната власт во спорот. Според законскиот пропис и надлежностите во меѓународните односи, Владата одлучува, но ние како Собрание стоиме над главата на извршната власт и, секако, имаме соодветни информации, во кој правец и за што се разговара со Бугарија – рече Џафери во едно ТВ-гостување.
Но и покрај ставот на претседателот на Собранието дека „Владата одлучува“ кога станува збор за меѓународните односи и процесите на склучување билатерални договори, експертите го потсетуваат дека токму Собранието е тоа што го има последниот збор при носење одлука за (не)прифаќање на каков било меѓународен договор.

– Според Уставот и законите, Собранието мора да го верификува сето она што ќе го договори дипломатијата (како дел од извршната власт) на меѓународен план. При имплементација на меѓународните договори во националното законодавство, обично е потребна интервенција во законите, или Уставот, а за тоа конечна одлука носат пратениците, односно Собранието. Значи секоја активност, преговарачки процес на извршната власт мора да биде озаконета во Собранието, како законодавна власт. Така треба да заврши и каков било договор што би произлегол од процесот на договарање меѓу македонската и бугарската влада – вели универзитетскиот професор по управно право, Борче Давитковски.
Давитковски нагласува дека Собранието во принцип има право и преку своите тела, но и секој пратеник да побара информации од извршната власт за секоја активност и процес што го презема. Во врска со информираноста на пратениците (и на власта, и на опозицијата) за она што се преговара со Бугарија, од страна на Владата, професорот Давитковски цени дека не е потребно постојано да реферира пред собраниските тела за текот на преговорите, но со оглед на резолуцијата за преговорите што ја има изгласано Собранието, треба да ги има вистинските информации за носење одлука, доколку произлезе некаков документ од преговорите. Во секој случај, Собранието има надлежност, механизми и можности да го следи и надгледува процесот на преговарање, но од претходните искуства, како со Преспанскиот договор, договорот за Пржинската влада…, останува дискутабилно дали и колку сака да се вклучи и да влијае на процесот на преговори со Бугарија.

– Собранието практично прифаќа да биде исклучено од процесот на преговори со Бугарија, со кои во суштина се одредува (ограничува) формата на манифестација и декларација на македонскиот национален идентитет. Истото веќе се има случено и со Преспанскиот договор и со договорот за пржинска влада, кои беа договорени надвор од Собранието и на пратениците им беа дадени само на усвојување, без да се остави некаков простор за нивно преиспитување, а камоли за решавање. Одлуките се донесени надвор, а Собранието е ставено во позиција на реализатор на она што им го поднела Владата, наместо да биде обратно, според уставната поставеност. Претпоставувам дека ќе се обидат таквата практика да ја применат и сега, при носењето конечна одлука доколку се постигне некаков договор со Бугарија. Се плашам дека може да се направи обид за намалување на мнозинството потребно за усвојување на каков било договор, од двотретинско, на просто мнозинство. Но врз основа на резолуцијата што ја донесе Собранието, а и ингеренциите на Комисијата за надворешни работи, но и секој пратеник има право да побара информации за детали од процесот на преговорите и парламентот поактивно да се вклучи во него. Притоа, Владата е должна да достави сѐ што ќе побара Собранието, беа изговори дека „договорот е во фаза на нацрт и не е интересен за пратениците“ – вели Ферид Мухиќ, филозоф и поранешен пратеник во македонското собрание.