Фото: Принт-скрин

Антивладин протест против наводното планирано предавство на бугарските национални интереси од страна на бугарската власт, вчера во Софија организираше ВМРО – Бугарско национално движење. ВМРО-БНД побара оставка од премиерот Кирил Петков, за кој тврди дека бил подготвен да го укине ветото за пристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ, објави „БГНЕС“.

– Имаме информации дека владата на Кирил Петков се подготвува на 24 мај да го укине ветото за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Доколку тоа се случи, ќе ја блокираме цела држава. Ова е предупредување – истакна Александар Сиди од ВМРО-БНД на протестот насловен „Одбрана на националниот интерес на Бугарија во Република Северна Македонија“.

Почесниот претседател на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов упати критики кон Петков.

– Петков можеби е најнеуспешниот и најсмешниот премиер на Бугарија, но и оној што најдобро ја користи ситуацијата. Како што Коминтерната ја предаде Бугарија по 9 септември, така се подготвува слично повлекување. Радикални мерки – порача Каракачанов, без да навлегува во детали.

Бугарски „Њуз“ пренесува дека на протестот се слушале и традиционални македонски песни, при што биле присутни и неколкумина бугарски пејачи. Освен за македонскиот случај, поранешните партнери на ГЕРБ во кабинетот Бојко Борисов се незадоволни и од непостапувањето на државата по барањата на превозниците.

Според најавите, предвидените идни протести ќе опфатат блокирање на граничните премини.