Фото: Игор Бансколиев

Словенечката влада поднесува предлог да се забрза процесот на проширување на ЕУ на Западен Балкан во контекст на кандидатскиот статус за Украина и Молдавија, јави дописничката на МИА од Брисел. Ова утрово го потврди новата министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон.

Таа изјави дека Словенија го поддржува кандидатскиот статус за Украина и Молдавија, но дека не смее да се заборави Западниот Балкан во тој процес, за да остане политиката на проширување на ЕУ кредибилна.

Во документот што им го поднесе Љубљана на другите 26 земји членки се бара отпочнување на преговорите со Македонија и Албанија, визна либерализација за Косово и кандидатски статус за Босна и Херцеговина.

Фајон предупреди дека процесот на проширување е доведен под прашање и дека ги поддржува сите напори за Македонија, Албанија, Косово и Бих.

Поддршка за Македонија и Албанија се очекува да дадат повеќе министри за надворешни на ЕУ денеска, меѓу кои Австрија, Германија и повеќе источноевропски земји.

Што се однесува до кандидатскиот статус за Босна и Херцеговина ситуација е почувствителна. Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, минатата недела изјави дека БиХ треба да ги исполни зацртаните 14 приоритети договорени со ЕУ и дека доделувањето статус на кандидат без тоа би било рамно на „попуст“.

Косово од своја страна останува непризнаено од пет земји членки на ЕУ, што ги отежнува преговорите за визна либерализација. Косово е единствената земја во регионот чии граѓани сѐ уште мораат да патуваат со визи во ЕУ и Шенген.