Синдромот на недораснатост и државата на Македонците

1. Синдромот на недораснатост и прекинат раст (дорфизам): Каспар Хаузер

Уводна размисла за растојанието
За да се видат некои предмети, неопходно е соодветно просторно растојание (дистанца), за да се согледаат други, потребно е временско растојание, за да се сфатат трети – неопходно е емоционално растојание… За да се објаснат, пак, некои историски и национални апсурди, какви што се македонските состојби во 21 век, неопходно е соодветно историско, психосоцијално и вредносно растојание. Соодветно, значи – мало или големо, рамнодушно или пристрасно.
Големото временско растојание некогаш може да биде политички „мало“, а малото растојание – големо. Некогаш, пак, нештата треба да се погледнат однатре, некогаш однадвор. Непристрасноста сама по себе не е вредност, оти има ситуации кога е пожелна пристрасност при расудувањето. Пожелни се вера, восхит, љубов, пиетет. Оти, да не заборавиме, минатото не е случаен збир факти, без прагматична и естетска вредност. Минатото има своја логика, не секогаш видлива на прв поглед. Исто и сегашноста. Стварноста е во прашање, нели? Зошто да остане мистифицирана ако може да се демистифицира?
Логиката на историските процеси во минатото и во сегашноста е колку фактичка, толку и симболична. Таа е вештина на толкување на минатото во неговиот изворен, но и во неговиот современ контекст. Во многу ситуации, од историската дистанца зависи вредносната: ако е во прашање културната историја, на пример, не смее да се игнорира нејзината улога во сегашноста. Зошто, затоа што културните придобивки од минатото се составен дел на сегашноста. Тие се вградени во уставните темели на државата, како култна меморија и наследство. Тие се онаа ритуална жртва што е камен-темелник на секоја култура (Рене Жирар).
Ако јазикот е врховна културна придобивка, затоа што е архив на историското, митското и сакралното време, тоа значи дека за јазикот не се преговара дневнополитички. Јазикот се говори. Јазикот се проучува. Јазикот се негува. Јазикот е интима, јазикот е свет од оваа и од онаа страна на светот. Не случајно јазикот е синоним за повеќе нешта: мудрост (слово, словесност, логос), приказна (предание, мит), творештво (поезис), за вера (јазичници), за жива народна реч (етнос). Штом се отстапи од овој ред на нештата (јазичниот космос), се создава безредие (хаос).
Како ќе го препознаеме актуелното македонско безредие ако не упатиме на клучните нарушувања на Редот (космосот)?

#КаспарХаузер
Се сеќавате ли на филмот „Каспар Хаузер“ на Вернер Херцог од 1974-та? Тоа е филмска приказна за еден обичен историски лик. Овој лик бил инспирација за голем број поетски, драмски и прозни дела во 19 и 20 век. Според него е дијагностициран и синдромот на т.н. дорфизам или „психосоцијален џуџест раст“ (John Money, The Kaspar Hauser Syndrome of Psychosocial Dwarfism, 1992). Се работи за еден млад човек, кој, по седумнаесет години од раѓањето, поминати во изолираност и ропство, лишен од мајчинска љубов и социјална нега, лишен од чувство за припадност, запоставен и злоупотребен, еден мајски ден во 1828 година, е напросто исфрлен на улиците во Нирнберг. Неговото име е Каспар Хаузер. Донесен на свет, фрлен во светот и отфрлен од светот.
Во споредба со младите на негова возраст, растени во вообичаено нормална средина, Каспар имал заостанат, всушност објективно попречен социјален, телесен, емоционален и умствен раст. При првото соочување со новата урбана средина, тој доживува шок, но чувствува природно љубопитство прелеано со страв. Збунет и затечен пред просторот што го опкружува, Каспар инстинктивно мисли дека ќе ги види подобро високите зданија ако им се приближи поблиску. Тој не знае ништо за улогата на растојанието меѓу очите што гледаат и предметот на гледање. Не знае дека е неопходна дистанца за да се согледаат нештата во целина, нема искуство со идентификација на предметите во просторот околу него. Тој не знае дека растојанието не смее да биде ни премногу големо, ни премногу мало, за да може да има донекаде реална претстава на она што го набљудува.
Всушност, светогледот зависи од многу други нешта, не само од растојанието. Тој зависи од моќта на видот (дали некој е кусоглед или далековид), од пречките на коишто наидува при гледањето (недостиг од светлина, визуелни измами, лажни информации, манипулации, догми), од домашното воспитание и образование, од психолошкото влијание што доаѓа однадвор или чувствата што се побудени однатре, од фактот дали лицето има развиен осет за убаво и свест за тоа што е опасно, конечно од тоа на кој начин се гледа светот: низ сеќавања и мечти, со носталгија и со трауми, стварен или замислен, рамнодушно или воајерски.
Растојанието може да биде и бескрајно, во просторна и временска смисла, а сепак таа бескрајност да не биде пречка да се согледа суштината на она што се гледа. Оти и бескрајот им дава смисла на нештата. Оти набљудувањето не е обична визуелна појава, туку појава што има повеќе димензии, поради што добива карактер на духовно, морално, сетилно, чувствено и претчувствено набљудување. Зошто? Затоа што фантазијата и фикцијата, како и историјата и митот, кога се во спрега, имаат поголема моќ за верно да го реконструираат отсутното минато од голото редење факти.
Умот заробен во кафез, лишен од допир со цивилизацијата е, всушност, залутан во простор и време. И тука е, и не е. Тој има строго ограничена и контролирана претстава за стварноста, па дури и не може да има свест за поимот стварност оти нема информации за разноликоста на стварноста, уште помалку за она што е нестварно. А знаеме дека вредносните категории се образуваат врз начело на опозиции (реално – нереално, добро – зло, безбедно – опасно).
Екстремната варварска и ропска перцепција на стварноста предизвикува кај луѓето хаотични чувства. Тие луѓе се истетовирани од некој паничен страв, кој ги блокира или ги турка кон погрешни постапки. Паниката ги прави луѓето податливи за злоупотреба. За манипулации од секаков вид. За предвремена и „неприродна смрт“. Во такви ситуации, идентитетот, и онака повеќеслоен и испреплетен во јазол, станува последното нешто што ги тангира единките. Особено оние што „имаат што да изгубат“. Тие се залепени за своето елементарно постоење, за своето его, кое и самото е сведено на инстинкти, физички и несвесни пориви, вклучувајќи го и поривот за насилство – активна и пасивна агресија, свесно и несвесно самоуништување.
Растот на македонската нација е опструиран социјално и политички, како од надвор, така од внатре. Таа е во состојба на дорфизам, држава недорасната да биде рамноправен и достоинствен партнер во меѓународните дијалози, држава без заштита, со поткопани темели, со хаотичен Устав, под постојани внатрешни закани и надворешни ултиматуми.
Се поставува прашањето зошто растот на македонската држава е попречен откако таа формално стигна до точката на сувереност, самостојност и независност. Наместо да се случи интензивен нагорен цивилизациски развиток на општествените и државните структури, започна обратен процес на декаденција, дезинтеграција, делба, преселби, фингирани или премолчени пописи на населението, систематски погрешни и експериментални политики, деградација на сѐ што има македонски предзнак…

2. Синдромот на самоуништување

Познат е македонскиот синдром на самоуништување (автодеструкција), заправо Македонците се познати по тој синдром. Зошто? Затоа што самоуништувачкиот синдром е сенката на историјата на постантичка Македонија и на Македонците. Синдромот на недораснатост, на политички и социјално попречен развој, кој ја маркира современата самостојна македонска држава од 1991-та, е повеќе облик на деструкција, притисок, мобинг вршен од страна на субјекти што играат улога на авторитети, кои се огледало на меѓународните дискурси на моќ. Не станува збор за фатализам, туку за ропски комплекс на немоќ, за недостиг од самодоверба и самопочит. Тоа ги става во ситуација да го потценуваат сето она што е бесценето, сето она што е неповратно ако еднаш се изгуби.
Општо земено, станува збор за попречување на државотворната визија без којашто нема држава. Македонија, држава што исчезнува. Македонците, народ што го нема во Македонија, но го има во Грција. Македонската култура што ја нема во Македонија, но ја има во Грција, заедно со македонското вино и македонската историја. Во нашата некогашна Република Македонија словенските Македонци немаат никаква врска со античките Македонци, во Грција славофоните Македонци се потомци на античките Македонци. Истиот народ има различна историја и различно потекло, во зависност од тоа во која држава живее: едните се антички и грчки Македонци, другите се македонски Бугари, третите се Македонци без право да се викаат Македонци и да се повикуваат на својата далечна и блиска историја, на своите симболи, преданија и митови.
Конкретно, ваквата противречност е последица на неколку чинители: прво, недостиг од свест и волја кај државните институции и политичкото водство, да го продолжат растот на македонскиот етнос во нација, преку соодветен општествено-политички договор со етнокултурните малцинства што живеат во границите на Македонија, со цел да се постигне национален „синкретизам“ (по углед на далечното гесло „сите Критјани заедно“!), коалиција и единство на сите нив како Македонци по национална, државна и граѓанска припадност; второ, недостиг од политички организирана и предводена критична маса да се одбрани легитимноста на стекнатата државотворност и нејзиниот меѓународен статус; трето, недостиг од државничка стратегија, заправо неумешно и нелојално водење на државата, проследено со отсуство на капацитет за разликување на тоа што е државен, а што личен, партиски и клановски интерес.
Како последица на овие три чинители, Република Македонија за многу кратко време ги изгуби: 1) стекнатиот меѓународноправен легитимитет (загуба на името и правото на национална; 2) правото на етничка идентификација со своето име (краткото име Македонија, името на народот и на нацијата Македонци, атрибутот македонски, правото на историски и културен континуитет), 3) демократскиот режим на уредување (сега имаме мултидемократски и консензуален); востановениот суверенитет и интегритет.
Со помош на систематските лишувања од неопходните состојки на стекнатиот државен легитимитет и идентитет се попречи нормалниот раст на македонската нација. Без нација, пак, нема држава, без држава нема нација. Држава составена од сепарирани племенски, етнички, јазични, верски, културни и партиски заедници нема цврста структура, нема стабилност, нема просперитет. Македонија денес е лишена од иднина. Лишена од нејзината првобитна стратегиска и системска функција, националната. Таа е збир заедници без чувство на заедничка припадност, без национален консензус. Наместо тоа, имаат свои локални интереси, податливи за манипулација, корупција, лесни за освојување и владеење.

Владејачките структури на самостојна Македонија водат несамостојни политики, кои го сведуваат суверенитетот на државата на минимум. Тие се однесуваат како да се затворени во кафез, дезориентирани, без национален консензус, подложни на ултиматуми што го загрозуваат не само идентитетот туку и територијалниот интегритет на државата. Македонските владејачки структури ископаа длабок јаз меѓу Македонија, универзалните и европските стандарди предвидени за нациите, народите, малцинствата и граѓаните. Тие се управувани од туѓи геостратегиски интереси и од интересите на криминогениот бизнис на неколку фамилии и коалиции.
Македонските властодршци покажуваат симптоми на недораснатост, синдромот на психосоцијална недораснатост за позициите на коишто се нашле. Нивниот ум е лишен од идеали. За нив системот на морални вредности постои за тие да го рушат. Тие се заробени во кафезот на сопствениот провинцијализам. Тие ги злоупотребуваат демократските придобивки во полза на личните. Нивниот заробен ум е (симболично) џуџест, кусоглед, малограѓански, полн предрасуди и приземни математики. Аномалиите на тој ум се рефлектираат врз општествените текови и оставаат неповратни последици врз македонската културна и политичка историја, сегашност и иднина.
Патологијата на македонскиот синдром на психосоцијална недораснатост (ретардираност, дорфизам) може да се илустрира со серијата нелегитимни и апсурдни интервенции врз Преамбулата и Уставот на Р Македонија, Устав што во почетокот на 1992 година беше оценет од врвни експерти како врховен конституционален акт што ги задоволува високите европски стандарди. Со неподнослива леснотија го ревидираа демократското уредување во етнократско и создадоа законски услови за инсталирање режим со иницијали на апартхејд.
Република Македонија од 1991-та до денес, преку серија противуставни ревизии, е ресетирана во нешто анационално и аморфно, нешто хибридно и малигно, проблематично и изопачено… Како таква, денешнава псевдомакедонска држава деградирана, обезличена, руинирана, девастирана, неатрактивна за живот. Држава што не му импонира никому, но и понатаму е предмет на желба.

3. Ресетирање на државата, реставрација на нацијата

По 30 години самостојност, размакедончената Република Македонија, чие кратко име било, беше и треба да биде Македонија, е толку маргинализирана, што личи на нечитлив средновековен палимпсест. Таа е залутана некаде на мапата на светската цивилизација, неспособна да понуди општествен, економски и институционален напредок. Македонското национално битие е истрауматизирано, идентитетот е стигматизиран, граѓаните се занемарени до крајни граници, лишени од татковинска љубов и заштита, изложени на супстандардна правна, социјална, здравствена, образовна и еколошка нега, изложени на смртоносна патна и сообраќајна мрежа, партиски говор на омраза, културно и јазично изолирани, раселени, депримирани, изложени на стресни околности, експерименти, закани и ризици.
Таквата Македонија ги троши последните резерви сувереност, слобода и здрав разум. Зад Неа останаа трошки од некогашниот поредок на слободата, а пред Неа е издигнат ѕидот на неизвесноста. Не остана ни сенката на достоинството. Само една колективна амнезија кога и најмилото ни се одмилува.
Нема сомнение дека, за да се сфатат историските заблуди и апсурди на самостојна и независна Македонија, неопходно е временско растојание. Но тоа растојание веќе е доволно големо за да се согледаат клучните аномалии. Ќе подвлечеме само една, речиси сензационална, видлива и одблиску и оддалеку:
прекумерното потиснување на нацијата за сметка на прекумерното нагласување на улогата на етничкиот фактор, односно на етничките малцинства, кои, залагајќи се за зголемување на своите права, некои од нив одамна освоени, започнаа да ги деградираат стекнатите македонски етнички права, а индиректно и македонските трансетнички вредности.
Така дојде до попречување на растот на македонската нација, и таа почна да страда од комплексот на џуџест раст. Дојде до уништување на колективното и индивидуалното чувство на македонска национална припадност. Колку повеќе растеше свеста за припадноста на различни народи (Албанци и др.), толку повеќе паѓаше свеста за припадноста на македонската нација. Чувството на национална припадност е другото лице на почитта на државата, нејзините институции, но и нејзината генеза и историја. Тоа доведе до ревизија не само на Уставот туку и на јавниот дискурс, образовните содржини, толкувањето на историјата, откажувањето од историскиот континуум, ампутирање цели епохи од културно-историскиот развиток, а како последица на тоа и до меѓународна ревизија на дефиницијата на македонскиот идентитет, јазик, историја и територија.

Денес имаме ситуација кога македонската нација е разнебитена, без ниту еден неспорен темел, без државен јазик (lingua franca), без заедничка визија на иднината и без праведна егзистенција во современоста. Македонскиот џуџест политички ум не знае дека народот може да постои и кога живее во разни држави, ама нацијата се формира во одредена држава, со прецизни граници, функционални институции и култни симболи и наративи.
Македонскиот народ, на тој крстопат меѓу етносот, демосот и нацијата, ја губи својата матична држава, затоа што самата се откажа од грижата за културните, јазичните и човековите права на своето малцинство, каде и да се наоѓа тоа, во соседството или далеку. Ние дури и не смееме да проговориме гласно и јавно дека има Македонци, македонско малцинство што зборува македонски јазик, а не пак да бараме истото тоа да биде заштитено со устав и закон во соседните држави, каде што е или домородно, или преселено низ вековите и подложено на асимилација.
Има ли потреба да се каже дека Македонија би можела да доживее преродба ако се врати на првичното конституционално уредување во согласност со стандардниот европски демократски образец, ако откаже од неколкуте билатерални договори/спогодби донесени во вонредни околности, спротивно на референтните меѓународни кодекси, конвенции и практики, неуставно и противправно? Треба ли да се нагласи дека Македонија би можела да се реставрира под услов да биде управувана од некорумпирани структури, од достојни и мудри личности со високи морални квалитети и дипломатски вештини?
Зарем е мало временското растојание во коешто молкум ја гледаме како чемрее затворена во кафезот на бескрупулозните властодршци? Има ли такви што не знаат што е причината за застојот, да не речеме прекинот на растот на Република Македонија?

Автор: Катица Ќулавкова