Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дека САД ја имаат контролата врз ситуацијата се согласни повеќе македонски интелектуалци упатени во случајот, но дали својата начелна поддршка за решавање на спорот со Бугарија ќе ја конкретизираат со пишана гаранција, како што велат, зависи пред сѐ од подготвеноста на македонската страна да ја иницира и да ја истурка докрај целата работа

Потребно е да се има гаранција од некоја голема сила и за националниот идентитет?!

Само волјата на македонскиот народ да опстои како посебен народ и неговата волја да си ја зачува сопствената држава може да го гарантираат неговиот идентитет. Тоа е суштината на коментарите со кои аналитичарите во земјава го проследија предлогот САД и другите сојузници, кои би можеле да го следат нивното водство, да склучат таканаречени „билатерални културни договори со Македонија, со кои би го потврдиле македонскиот идентитет, како одговор на екстремниот бугарски национализам!“ Последново е всушност и цитат-извадок од објавениот авторски текст што го даде Едвард Џозеф, експерт за управување со конфликти од Школата за напредни меѓународни студии на универзитетот „Џон Хопкинс“, опширно анализирајќи ги актуелните моменти поврзани со проблемите што Бугарија ѝ ги прави на Македонија.

И без билатерални културни договори со Македонија, САД ја контролираат состојбата

Според аналитичарите во земјава со кои се консултиравме, таквата гореспомената гаранција (билатерални културни договори меѓу САД и Македонија), предложена од Едвард Џозеф, која би била форматирана како официјален документ, би била добредојдена! Но нашите соговорници се убедени дека Вашингтон и без таков документ, ја има контролата врз ситуацијата.
– Имајќи ја предвид соработката на американската дипломатија со Европската служба за надворешно дејствување и со француската дипломатија, јас сум убеден тека тие се целосно во тек со преговорите помеѓу Скопје и Софија и со заднинската медијација на Париз и Брисел при изработката на предлогот Ковачевски – Петков, неправедно наречен француски предлог. Оттука, нема европска иницијатива за која САД не се барем информирани, ако веќе не се и подлабоко вовлечени. Сепак, доколку идејата на Џозеф биде прифатена како основа за дополнителни американски гаранции кон Македонија, над договорените обврски произлезени од членството во НАТО и од меѓувладината спогодба за стратегиска соработка, тогаш тоа е добредојдено. Но, во моментов, не гледам такви придвижувања во Вашингтон. Инаку, македонскиот идентитет го гарантира само едно нешто, а тоа се волјата на македонскиот народ да опстои како посебен народ и неговата волја да си ја зачува сопствената држава – објасни поранешниот македонски вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски.
Дека САД ја имаат контролата врз ситуацијата се согласни уште некои македонски интелектуалци упатени во случајот, но дали својата начелна поддршка за решавање на спорот ќе ја конкретизираат со пишана гаранција, како што велат, зависи пред сѐ од подготвеноста на македонската страна да ја иницира и да ја истурка докрај целата работа. На барањето да дадат процена колку тоа е реално, тие одговараат со потсетување дека земјава веќе четири години нема амбасадор во САД, откога, во 2018 година, му заврши мандатот на последниот амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски.

Македонија има со САД и Договор за стратегиско партнерство и започнат процес за стратегиски дијалог во Вашингтон од 2.6.2022 година

Инаку, во својот напис Едвард Џозеф, меѓу другото, тврди дека „екстремниот бугарски национализам има една сеопфатна цел: да го негира македонскиот идентитет“. Решението, според него, е САД (и сојузниците, како Велика Британија, кои би можеле да го следат водството на Вашингтон) да склучат билатерален културен договор со Македонија што го потврдува македонскиот идентитет.
– Договорот би можел да биде склучен брзо според неодамна отворениот стратегиски дијалог меѓу САД и Македонија – пишува тој.
Така, според Џозеф, Владата на САД едноставно „ќе признае дека македонскиот народ има своја историја, култура, наследство и македонски јазик“ – токму тој идентитет што бугарските националисти сакаат да го избришат.
– Како одговор, Радев, најверојатно, ќе удри против САД и ќе мобилизира антиамерикански протести. Тоа е казна што вреди да се истрпи за да се заштитат интересите на САД – смета тој.
Со обезбедување силна политичка одбрана на идентитетот на Македонија, слично на испраќање воена помош за одбрана на територијата на една нација, Бугарија би се соочила со реалноста на бесмислената залудност на нејзината мисија, убеден е Џозеф. Тој смета дека „идејата за признавање на македонскиот идентитет е природна за искусен политичар како што е Бајден“, потсетувајќи дека тој, како претседателски кандидат, во август 2020 година, им ја честита на американските Македонци годишнината од Илинденското востание, кое е меѓу спорните историски настани што ги влошуваат бугарско-македонските односи.
– Американскиот претседател Џорџ В. Буш создаде преседан во оваа сфера, кога неговата администрација (поради грчките приговори) ја призна државата што тогаш се нарекуваше Република Македонија со нејзиното уставно име во 2004 година, за да спречи да избувне етнонационална криза – заклучува Џозеф.
А дека, барем технички, простор за една ваква иницијатива има, може да се заклучи и од навраќањето на неодамнешната средба на премиерот Димитар Ковачевски со заменик-помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на годинешното издание на Преспа-форумот за дијалог во Охрид. Тогаш беше истакнато дека односите меѓу двете држави бележат постојано унапредување, што беше потврдено и со почетокот на процесот за стратегиски дијалог во Вашингтон, на втори јуни 2022 година, кој Македонија го започна како првата земја од Западен Балкан. А потенцирано беше и тоа дека САД се отворени за наоѓање заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања со Република Бугарија. Д.М.М.