Како еден од новите начини на пазарењето, вистински предизвик за Македонците стана онлајн истражувањето на понудата на маркетите на „Лидл“ во соседните земји, во комбинација со повремени патувања дотаму, за да се соберат бараните производи и да се остават парите. И, се разбира, патем, да се види и доживее по нешто

Информациите за редиците автомобили што секој викенд, но често и во работните денови, чекаат за излез од Македонија иако не е време за годишни одмори, на поттикнаа да дознаеме што бараат толку многу Македонците во соседните земји, особено откога со олабавувањето на антиковид-мерките и со разубавувањето на времето, редиците почнаа да стануваат сѐ подолги.

„Лидл“ и „Кауфланд“ како шопинг-дизниленд

– Видовме некои производи по мошне поволни цени на веб-страницата на „Лидл“ па одиме да ги земеме – е најчестиот одговор што го добиваме од патниците насочени кон Србија, Бугарија и Грција.
Тие што патуваат кон Бугарија, го споменуваат и „Кауфланд“, кој заедно со „Лидл“ се супермаркети на германската групација „Шварц“, која важи за најголем европски трговец и која, и покрај постојаното ширење на портфолиото, со своите малопродажни синџири никако да дојде во Македонија.
А што е тоа што Македонците можат да го најдат во „Лидл“ и во „Кауфланд“ во соседните земји, а не можат во овдешните супермаркети?
– Во Ќустендил, Благоевград и во Петрич, кои нам ни се најблиску, во маркетите на „Лидл“ и на „Кауфланд“ многу често може да се најдат месо и други прехранбени производи по многу пониски цени од тука. А може, по многу поволни цени во однос на квалитетот, да се купат и разни производи за домаќинството, така што, во текот на викендите, најчесто си ги спојуваме угодното и корисното, и одиме на шопинг-прошетка во Бугарија. Се разбира, претходно на веб-страниците на овие супермаркети проверуваме каква им е понудата за да не губиме многу време и брзо да испазариме – објаснува скопјанецот Зоран Пецаковски, кој со членовите на своето семејство и со пријателите многу често оди на шопинг во Бугарија.
За евентуално пазарење други производи и други места во Бугарија, тој вели дека, според неговото детално споредбено истражување, не се исплати. Производите од зелен пазар, брендираната облека и слично, барем во пограничните градови во Бугарија сега, според него, се со приближно исти цени како и во земјава.
– Пред последните поскапувања на бензинот се исплатеше да се оди во Бугарија и за други производи, но сега веќе не се исплати, особено поради тоа што Бугарија има вињетки за патарина, така што исплатливо е да се оди само доколку се соберат повеќе луѓе за да ги поделат трошоците за превозот – додава тој.
За шопингот во Грција, кој до пред извесно време, исто така, беше многу актуелен, вели дека веќе не се исплати поради овдешните патарини.
Она што во моментов го посочува како најисплатливо, кога ќе се пресметаат цените, квалитетот на патот и трошоците, е шопингот во Врање, Србија.

– Таму има голем супермаркет на „Лидл“, не е далеку, а сѐ е покриено со автопат. Слушнав дека и за таму има редовни автобуски шопинг-тури, исто како и за Бугарија и за Грција – нѐ упатува љубителот на шопинг од Скопје.
А токму тоа ни го потврди и приказната на група скопјани што неодамна беа на службен пат во Србија и се вратија натоварени со производи на „Лидл“.
– Не ми беше во план да пазарам, но кога колегите тргнаа со прецизни списоци што и за колку пари треба да купат во „Лидл“, им се придружив. Ми рекоа дека веќе од дома, на веб-страницата, провериле што во тој период ќе има на попуст и купуваа, од храна до алати за домаќинство. Следејќи ги, и јас купував тоа што ми се виде интересно и подоцна, кога во Скопје ги проверив цените, сфатив дека сум направил добар пазар – објаснува еден друг скопјанец.
Супермаркети на „Лидл“ во моментов има во повеќе градови низ Србија, Бугарија и Грција, а најавено е нивно отворање во Црна Гора и во Босна и Херцеговина. Овие маркети, според објавените истражувања, работат попрофитабилно дури и од тие во Германија. И „Кауфланд“ е присутен, но во многу помала мера од „Лидл“, чие доаѓање во Македонија веќе неколкупати беше најавувано.

„Лидл“ во Македонија дефинитивно влегува, но сѐ уште е во фаза на подготовка

Пред околу една година, кабинетот на тогашниот премиер Зоран Заев извести дека во Владата бил одржан состанок со менаџментот на „Лидл“ и дека се дискутирало за нивна нова инвестицијата во земјава, за што веќе била извршена и регистрација во Скопје. Менаџментот на „Лидл“ притоа истакнал дека компанијата планира својата прва инвестиција во земјава да ја реализира преку изградба на сопствен модерен логистички центар, кој ќе ги поседува сите меѓународни сертификати и кој ќе служи како центар за снабдување на синџирот маркети. Во однос на стратегијата за експанзија, било истакнато дека сите маркети што „Лидл“ планира да ги отвори во земјава ќе бидат позиционирани во градовите со одржлива демографска и економска моќ. Во тој период низ медиумите можеа да се сретнат и огласи за вработувања во „Лидл“ на територијата на Македонија, но потоа настана молк. На прашањето за тоа што стана со плановите, упатено до Делегацијата на германското стопанство во Македонија, не добивме одговор.
Инаку, според објавата на Агенцијата за истражување и консалтинг „Инсајдер ИД“, за „Преферираните синџири на маркети и најпознати брендови 2021 година“, од пред неколку месеци, со очекувањето на германскиот „Лидл“ се прогнозираше и поголема промена во малопродажбата низ земјава.
– Од истражувањето спроведено од „Инсајдер ИД“ за перцепцијата кај македонските потрошувачи за „Лидл“, 91 процент од нив би го замениле преферираниот маркет за да пазарат во германскиот синџир – се вели во извештајот, во кој се дава и прецизна слика за потрошувачките склоности на граѓаните во однос на веќе присутните синџири на супермаркети и дисконти.
Агенцијата прогнозираше дека, со евентуалниот влез на „Лидл“ во Македонија, просторот за проширување на тврдите дисконти ќе биде ограничен и преземањето на потрошувачите од едни кај други ќе биде уште попредизвикувачко. Дотогаш, за Македонците предизвик ќе остане онлајн истражувањето на понудата на маркетите на „Лидл“ во соседните земји, во комбинација со повремени патувања дотаму за да се соберат бараните производи и да се остават парите. И, се разбира, патем, да се види и доживее по нешто. Д.М.М.