Фото: Игор Бансколиев

Здружениот одговор во резолуцијата за осуда на руската инвазија во Украина е силна порака дека ОН се решени да се вратат на постулатите наведени во нивната повелба и на функционирањето на меѓународното право без исклучоци. Ова е исклучително важно за помалите земји, на кои почитувањето на меѓународното право им е единствената алатка во борбата со „поголемите“, кои, поаѓајќи од својата поврзаност на геостратегиски и економски план со некоја мултилатерална унија, организација или, едноставно, со некоја голема сила, не водат никаква сметка за принципите на меѓународното право

Резолуцијата на ОН за руската инвазија врз Украина со силен одек

Генералното собрание на Обединетите нации со големо мнозинство усвои резолуција со која се осудува „руската инвазија на Украина“ и се повикува Москва веднаш да ги повлече сите сили од оваа земја. За резолуцијата гласаа 141 земја, „против“ беа пет, додека „воздржани“ беа 35 земји. Со усвоената резолуција повторно се потврдува приврзаноста кон суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признаени граници.
Ваквото големо мнозинство за изгласување на резолуцијата несомнено говори за една сеопшта мобилизација на членките на ОН, кои првпат по многу години ставија до знаење дека се враќаат на основните постулати наведени во Повелбата на ОН, за почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на една земја.

Враќање кон меѓународното право

Големиот број преседани од минатото, кога Советот за безбедност (СБ) на ОН одлучуваше во полза на големите и моќни сили и ги оправдуваше нивните постапки низ светот, доведоа до тоа овие преседани да станат вообичаена практика до таа мера што веќе за одредени акции не се прашуваше ниту СБ на ОН.
Дополнително, и самата ООН, под притисоците на помоќните држави и нивните лоби-групи, почна сè почесто да го занемарува меѓународното право, оставајќи ги малите држави надгласани и оставени сами на себе, без никаква можност да ги докажат своите аргументи.
Ваквите практики се применуваа при нападите врз поранешна Југославија, врз Ирак, Либија, Сирија и на уште многу други места низ светот, давајќи им на големите и моќни држави сами да го практикуваат меѓународното право онака како што само ним им одговара.
Со рускиот напад врз Украина се чини дека чашата конечно се прелеа и ОН сфатија дека ако продолжат да функционираат врз преседани, тогаш тие како организација повеќе немаат никаква функција и оправданост воопшто да постојат, а уште помалку да се нарекуваат чувари на светскиот мир.
Здружениот одговор во резолуцијата за осуда на руската инвазија во Украина е силна порака дека ОН се решени да се вратат на постулатите наведени во нивната повелба и на функционирањето на меѓународното право без исклучоци. Ова е исклучително важно за помалите земји, на кои почитувањето на меѓународното право им е единствената алатка во борбата со големите сили, кои, поаѓајќи од своите геостратегиски и економски интереси, не водат никаква сметка за нив.
Истовремено, со усвојувањето на резолуцијата во СБ на ОН и здружениот одговор на мнозинството земји-членки, треба да се испрати дополнителна порака и до оние што во иднина ќе се дрзнат да направат сличен чин на агресија и да го нарушат суверенитетот на која било земја, да негираат некој народ, неговиот идентитет, јазик, без оглед на изговорите и формулациите што ќе ги наоѓаат за да ја оправдаат интервенцијата.
Она што на секој здраворазумен човек му е јасно е дека сите недоразбирања треба да се решаваат дипломатски, во рамките на СБ на ОН, без закани и употреба на воена сила, со меѓусебно почитување и уважување, а ОН се тие што конечно треба да ја оправдаат својата улога на чувар на светскиот мир и да почнат да се водат од начелата на меѓународното право, особено кога се носат одлуките.

Македонија ги почувствува двојните критериуми на ОН

Несомнено, последните одлуки на ОН во врска со руската агресија врз Украина навестуваат дека светската организација сака да се врати на правниот колосек од кој сериозно застрани, а тоа врз својата кожа најдобро го почувствува Македонија.
Повеќе различни експерти од областа на меѓународното право се согласни дека меѓународното право е занемарувано и не се применувало со години, погрешно се толкувало, што доведе до тоа една мултилатерална организација како ОН да направи многу погрешни одлуки, спротивно на Повелбата што требаше да ја застапува и брани, како и спротивно на меѓународните правни норми.
Некои од тие експерти и натаму сметаат дека правото не познава застарување и дека некои работи, особено кога станува збор за Македонија, би можеле во иднина и да се исправат, токму потпирајќи се врз начелата на меѓународното право.
Универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев смета дека Македонија треба да се држи исклучиво до почитувањето и стриктната примена на меѓународното право, особено сега, кога ОН и повеќето земји почнуваат да се повикуваат на негова примена.

Игор Јанев, универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград

– Со изгласувањето на резолуцијата со која се осудува прекршувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина од страна на Русија, всушност ОН дадоа најдобар пример како Македонија може да побара враќање на нејзиното уставно име „Република Македонија“. Ова е пример како треба да се решава проблемот со името во ОН, имајќи предвид дека за членските права (продолжување на членството под „Република Македонија“) Генералното собрание на ООН може да донесува обврзувачки одлуки! Генералното собрание на ООН има примарна надлежност за членските права во ООН – категоричен е Јанев.

Тој уште додава дека долго време заговарал да се следи оваа постапка во рамките на ОН ако државата сака да си го врати името.
– Јас три децении предлагав иста тактика, да се префрли прашањето за продолжување на членството на БЈРМ/Северна со „Република Македонија“ во Генералното собрание на ОН.
Нормално, пред предлогот за продолжување на членството во ООН под „Република Македонија“, би требало да се раскине Преспанскиот договор. Потоа, во Генералното собрание се гласа за резолуцијата за продолжување на членството во ООН под „Република Македонија“, со просто мнозинство од присутни и кои гласаат. Овде нема право на вето!
Сите се еднакви, за разлика од Советот за безбедност, каде што пет членки имаат право на вето.
Резолуциите на Генералното собрание на ОН не обврзуваат по безбедносните прашања, но ги обврзуваат ОН по членските прашања. Нашето прашање сега е процедурално. Ако помине резолуцијата на Генералното собрание на ОН со просто мнозинство, ќе добиеме право да го носиме името „Република Македонија“. Со тој чекор проблемот со идентитетот и името завршува – појаснува професорот Јанев, коментирајќи како може да се испочитува меѓународното право, бидејќи токму во него се отсликува правдината за Македонија и Македонците.